СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 43
ПЕСНА 41 Чуј ме, Јехова!
Не заборавај да се молиш за другите
Молете се еден за друг. Сесрдната молитва на праведникот има голема сила (ЈАК. 5:16)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме зошто е важно да се молиме за другите и предлози како да го правиме тоа.
1. Од каде знаеме дека нашите молитви му се важни на Јехова?
МОЛИТВАТА е еден прекрасен дар. Размисли: Јехова им дал одредени задачи на ангелите (Пс. 91:11). Исто така, на својот Син му дал многу важни одговорности (Мат. 28:18). Но, дали некого задолжил да ги слуша нашите молитви? Не, тоа е нешто што Јехова одлучил самиот да го прави. Јехова лично „ги слуша молитвите“ што секој од нас му ги упатува (Пс. 65:2).
2. Каков пример ни оставил апостол Павле со тоа што се молел за другите?
2 Ние можеме отворено да му кажеме на Јехова во молитва што нѐ загрижува, но треба да се молиме и за другите. Апостол Павле го правел тоа. На пример, на христијаните од собранието во Ефес им напишал: „Постојано ве спомнувам во своите молитви“ (Еф. 1:16). Павле се молел и за поединци. На пример, на Тимотеј му кажал: „Му благодарам за тебе на Бог... и секогаш се сеќавам на тебе во моите сесрдни молитви. Ноќ и ден“ (2. Тим. 1:3). Павле си имал и свои грижи за кои требало да се моли (2. Кор. 11:23; 12:7, 8). Сепак, одвојувал време да се моли за другите.
3. Зошто би можело да се случи да заборавиме да се молиме за другите?
3 Понекогаш, можеби забораваме да се молиме за другите. Зошто? Една сестра по име Сабринаa објаснува која може да биде една причина за тоа. Таа вели: „Темпото на живот во овој свет е многу брзо. Може да се случи толку многу да се концентрираме на нашите проблеми што ќе се молиме само за нашите потреби“. Дали понекогаш тоа ти се случува и тебе? Ако да, тогаш оваа статија може да ти помогне. Во неа 1) ќе биде објаснето зошто е важно да се молиме за другите и 2) ќе добиеме предлози за тоа како можеме да го правиме тоа.
ЗОШТО ДА СЕ МОЛИМЕ ЗА ДРУГИТЕ?
4-5. Како молитвата за другите може да „има голема сила“? (Јаков 5:16).
4 Молитвата за другите „има голема сила“. (Прочитај Јаков 5:16.) Дали нашите молитви за другите навистина можат да влијаат врз исходот на некоја ситуација. Да, можат. Знаејќи дека апостол Петар наскоро ќе се одрече од него, Исус му рекол: „Јас сесрдно се молев за тебе, твојата вера да не ослаби“ (Лука 22:32). И Павле знаел дека молитвите можат да помогнат да се смени нечија ситуација. Кога бил неправедно затворен во Рим, тој му напишал на Филимон: „Се надевам дека вашите молитви ќе бидат услишени, па ќе бидам ослободен за да ви служам“ (Филим. 22). И токму тоа се случило. По кратко време, Павле бил ослободен од затвор и можел повторно да проповеда.
5 Се разбира, тоа не значи дека со нашите молитви можеме да го принудиме Јехова на нешто. Тој забележува колку многу ни е важно нешто и понекогаш одлучува да постапи во склад со нашите молби. Тоа што го знаеме ова може да ни помогне сесрдно да го молиме Јехова во врска со некоја ситуација и потоа со доверба да ги оставиме работите во негови раце (Пс. 37:5; види 2. Коринќаните 1:11).
6. Како тоа што ќе се молиме за другите може да влијае врз нашите чувства кон нив? (1. Петрово 3:8).
6 Молитвата за другите ни помага да развиваме сочувство. (Прочитај 1. Петрово 3:8.) Оној што е сочувствителен забележува кога некој друг страда и сака да направи нешто за да му помогне (Мар. 1:40, 41). Еден старешина по име Мајкл вели: „Тоа што се молам за потребите на другите ми помага подобро да разберам со какви тешкотии се борат и така се продлабочува мојата љубов кон нив. Се чувствувам поблизок со нив иако тие можеби не се свесни за тоа“. Еден друг старешина по име Ричард објаснува уште еден начин на кој ни користи молитвата. Тој вели: „Кога се молиме за некого, чувствуваме поголем поттик да направиме нешто за да му помогнеме“. Ричард додава: „Кога му пружаме практична помош на лицето за кое се молиме, ние во некоја смисла помагаме да се добие одговор на нашата молитва за него“.
7. Како тоа што се молиме за другите може да ни помогне да имаме урамнотежено гледиште за нашите проблеми? (Филипјаните 2:3, 4; види ги и сликите).
7 Молитвата за другите ни помага да имаме исправно гледиште за нашите проблеми. (Прочитај Филипјаните 2:3, 4.) Секој од нас се соочува со некаква тешкотија поради тоа што живееме во свет кој е под власта на Ѓаволот (1. Јов. 5:19; Отк. 12:12). Кога имаме навика да се молиме за другите, тоа нѐ потсетува дека „истите страдања ги поднесуваат и [нашите] браќа по светот“ (1. Пет. 5:9). Една сестра по име Кетрин, која служи како пионер, вели: „Тоа што се молам за другите ме потсетува дека и на другите не им е лесно. Овој факт ми помага да не бидам преокупирана со моите проблеми“.
Молитвата за другите ни помага да имаме исправно гледиште за нашите проблеми (види во пасус 7)d
НАШИТЕ МОЛИТВИ ИМ СЕ ПОТРЕБНИ
8. Наведи примери за кого сѐ можеме да се молиме.
8 За кого сѐ можеме да се молиме? За најразлични луѓе — на пример, за оние што имаат здравствени проблеми, за младите што се соочуваат со исмејување и со притисок од врсниците на училиште или за оние што се борат со проблемите кои ги носи староста. Многу наши соверници доживуваат противење било од членовите на семејството било од властите (Мат. 10:18, 36; Дела 12:5). Некои наши браќа морале да ги напуштат своите домови поради политички немири. Други доживеале природни катастрофи. Можеби не ги познаваме лично овие браќа и сестри, но кога се молиме за нив, покажуваме дека сме послушни на Исусовата заповед: „Сакајте се еден со друг“ (Јован 13:34).
9. Зошто треба да се молиме за оние што предводат во Јеховината организација, како и за нивните сопруги?
9 Можеме да се молиме и за оние што предводат во Јеховината организација. Во нив се вклучени Водечкото тело и нивните помошници, членовите на одборите на подружниците, надгледниците на одделенијата во Бетел, покраинските надгледници, собраниските старешини и слуга-помошниците. Многу од овие браќа имаат и свои лични проблеми додека во исто време даваат сѐ од себе за да ни помагаат (2. Кор. 12:15). На пример, еден покраински надгледник по име Марк вели: „Многу ми е тешко тоа што сум далеку од моите остарени родители. И двајцата имаат слабо здравје. Сестра ми и зет ми се грижат за нивните потреби, но ми паѓа тешко што не сум таму за да направам повеќе за нив“. Иако можеби не сме свесни за сите грижи што ги имаат овие трудољубиви браќа, добро е да не забораваме да се молиме за нив (1. Сол. 5:12, 13). Исто така, можеме да се молиме за сопругите на овие браќа, бидејќи со тоа што верно ги поддржуваат, им помагаат на своите сопрузи да продолжат да ги извршуваат своите задачи.
10-11. Дали Јехова се радува кога се молиме општо за групи на браќа и сестри? Објасни.
10 Како што разгледавме, честопати се молиме за групи на браќа и сестри. На пример, без да имаме некоја конкретна личност на ум, можеме да го молиме Јехова да им помогне на оние што се во затвор или да ги утеши оние на кои им починал некој близок. Еден старешина по име Доналд вели: „Има толку многу браќа и сестри кои минуваат низ тешкотии што понекогаш кажуваме една општа молитва за да ги вклучиме сите оние кои страдаат“.
11 Дали таквите молитви го радуваат Јехова? Се разбира! Ние не знаеме што точно му е потребно на секој наш соверник. Според тоа, соодветно е да кажуваме општи молитви за групи на браќа и сестри (Јован 17:20; Еф. 6:18). Овие молитви се доказ дека го сакаме целото братство (1. Пет. 2:17).
КОГА СЕ МОЛИМЕ ЗА ПОЕДИНЦИ
12. Како тоа што ќе набљудуваме ќе ни помогне да бидеме поконкретни во нашите молитви?
12 Набљудувај. Освен што ќе се молиме за групи на браќа и сестри, треба да се молиме и за поединци кои ќе ги спомнеме по име. Дали некој од твоето собрание се бори со хронична болест? Дали некој од младите е обесхрабрен поради притисоците кои ги доживува на училиште? Дали некој самохран родител вложува голем труд за добро да го воспита своето дете и да му помогне да го усвои Јеховиниот начин на размислување? (Еф. 6:4). Тоа што ќе набљудуваш, ќе ти помогне да развиеш уште поголема љубов и сочувство кон другите, а тоа пак, ќе те мотивира да се молиш за нивb (Рим. 12:15).
13. Како можеме да се молиме за оние кои не ги познаваме лично?
13 Моли се за другите и спомни ги по име. Тоа можеме да го правиме дури и за оние кои никогаш не сме ги сретнале. На пример, размисли за нашите браќа и сестри кои се во затвор во земји како Крим, Еритреја, Русија и Сингапур. На jw.org, можеш да ги најдеш имињата на оние кои се во затвор.c Еден покраински надгледник по име Брајан вели: „Сфатив дека, кога ќе го напишам името на некој соверник кој е во затвор и потоа ќе го изговорам, тоа ми помага да не заборавам да го спомнам во моите лични молитви“.
14-15. Што ќе ни помогне да бидеме конкретни во нашите молитви?
14 Моли се конкретно. Мајкл, кој го спомнавме претходно, го дава следниов предлог: „Додека на jw.org читам извештаи за браќа и сестри кои се во затвор, се трудам да си замислам како јас би се чувствувал кога би бил на нивно место. Знам дека би бил загрижен за жена ми и дека би сакал да сум сигурен дека го има тоа што ѝ е потребно. Тоа ми помага да знам што конкретно да спомнам кога се молам за браќата кои се во затвор и се во брак“ (Евр. 13:3).
15 Ако се трудиме да си замислиме каков им е животот на нашите браќа што се затвор, тоа може да ни помогне да се сетиме за кои други конкретни работи можеме да се молиме. На пример, можеме да се молиме затворските чувари да бидат љубезни со нив, а оние што се на власт да им дозволат на нашите браќа да го обожаваат Јехова (1. Тим. 2:1, 2). Можеме да се молиме другите од собранието на некој брат кој е во затвор да бидат охрабрени од неговиот пример на вера, или пак оние кои не му служат на Јехова да го забележат неговото добро однесување и да бидат поспремни да ја слушаат добрата вест (1. Пет. 2:12). Истото можеме да го направиме и кога се молиме за нашите браќа и сестри кои доживуваат други неволји. Со тоа што ќе набљудуваме, ќе ги спомнеме другите по име во нашите молитви и ќе се молиме за конкретни работи, можеме да покажеме дека имаме изобилство љубов еден кон друг (1. Сол. 3:12).
УРАМНОТЕЖЕНО ГЛЕДИШТЕ ЗА НАШИТЕ МОЛИТВИ
16. Како можеме да задржиме урамнотежено гледиште за нашите молитви? (Матеј 6:8).
16 Како што видовме, со нашите молитви можеме да влијаеме врз исходот на некоја ситуација. Но треба да имаме урамнотежено гледиште. Кога се молиме, ние не го информираме Јехова за нешто кое тој не го знае, ниту пак го советуваме како да реши некоја ситуација. Јехова знае што им е потребно на неговите слуги уште пред тие да го знаат тоа и пред ние да сме свесни за тоа. (Прочитај Матеј 6:8.) Тогаш, зошто воопшто треба да се молиме за другите? Освен причините кои веќе ги спомнавме во оваа статија, на тој начин можеме да покажеме дека се грижиме за другите. Љубовта нѐ поттикнува да се молиме еден за друг. Јехова се радува кога гледа дека неговите слуги покажуваат љубов како неговата.
17-18. Со што можеме да ги споредиме нашите молитви за соверниците?
17 Дури и ако се чини дека нашите молитви не влијаат врз исходот на некоја ситуација, од нив се гледа дека ги сакаме нашите браќа и сестри, а Јехова го забележува тоа. Ова може да го споредиме со еден пример: Замисли си едно семејство со две мали деца — момче и девојче. Момчето лежи болно в кревет. Девојчето го моли таткото: „Те молам направи нешто за бато. Многу е болен!“ Таткото веќе презел нешто во врска со ситуацијата. Тој го сака својот син и добро се грижи за него. Сепак, таткото сигурно многу се радува кога гледа дека неговата ќеркичка толку многу се грижи за нејзиниот брат што го моли да му помогне.
18 Токму на тоа нѐ поттикнува Јехова — да се грижиме и да се молиме едни за други. Кога го правиме тоа, покажуваме дека не се грижиме само за себе и дека вистински ги сакаме нашите браќа и сестри, а Јехова го забележува тоа (2. Сол. 1:3; Евр. 6:10). Исто така, како што видовме, во некои случаи нашите молитви можат да влијаат врз исходот на некоја ситуација. Имајќи го сето ова на ум, да не забораваме да се молиме еден за друг.
ПЕСНА 101 Да бидеме сложни и единствени
a Некои имиња се сменети.
b На jw.org, гледај го видеоклипот Такеши Шимицу: Јехова е „тој што ги слуша молитвите“.
c Имињата на нашите браќа и сестри кои се во затвор можеш да ги најдеш на jw.org, во делот „Јеховини сведоци затворени због својих веровања — разне земље“, на српски јазик.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Браќа и сестри кои доживуваат разни проблеми се молат за други.