Помош за жените кои трпат малтретирање
„НИЗ целиот свет милиони жени и девојчиња биле жртви на насилство или биле злоупотребувани. Дали и ти си една од нив? Дознај зошто твојата безбедност му е важна на Бог и што ќе направи тој во врска со малтретирањето на жените.“
Вака започнува статијата на jw.org со наслов „Безбедноста на жените — кое е библиското гледиште“. На крајот од таа статија има еден линк преку кој можеш да ја преземеш во PDF формат и потоа можеш да ја испечатиш и да ја превиткаш во трактат од четири страници. Една сестра од САД по име Стејси вели: „Отпечатив неколку примероци, а потоа заедно со една сестра ги однесовме во еден центар за згрижување на жени кои биле жртви на малтретирање, кој се наоѓа на нашето подрачје“.
Една од вработените прашала дали може да добие уште примероци за да им ги даде на оние што живеат во центарот. Како резултат на тоа, биле поделени уште 40 такви трактати и 30 визит-картички за jw.org. Во една друга прилика, управничката на центарот изразила желба Сведоците да им покажат на жените кои живеат таму како можат да ја проучуваат Библијата.
Стејси и две други сестри доживеале нешто слично во еден друг центар, каде што вработените зеле пет примероци од трактатот и побарале уште. Една од вработените рекла: „Овој трактат ќе им помогне на жените тука“. Потоа додала: „Ова ни е потребно“. Кога сестрите повторно го посетиле овој центар, некои од жените таму сакале да видат како изгледа еден библиски курс, а две од нив рекле дека би сакале следниот викенд да присуствуваат на состанокот во Салата за состаноци на Јеховините сведоци.
Стејси вели: „Воодушевени сме од добрата реакција на луѓето кога ја добија оваа прекрасна статија. Кога ќе се испечати и превитка, тоа е убав начин да им се пренесе добрата вест за Царството на жените кои биле малтретирани. Бевме трогнати од тоа колку убаво реагираа кога ја прочитаа оваа статија. Едвај чекаме да видиме како Јехова ќе ги благослови нашите напори додека продолжуваме да им ја пренесуваме добрата вест на овие жени“.