Рут
2 Ноемина имаше роднина кој се викаше Вооз и беше многу богат. Тој беше од семејството на маж ѝ, Елимелех.
2 Моавката Рут ѝ рече на Ноемина: „Те молам, пушти ме да одам на нивите и да собирам класја по жетварите што ќе ми се смилуваат“. Ноемина ѝ рече: „Оди, ќерко“. 3 Така Рут отиде и почна да доприбира зад жетварите. А нивата на која дојде, всушност, му припаѓаше на Вооз, кој беше од семејството на Елимелех. 4 Тогаш Вооз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: „Јехова нека биде со вас!“ А тие му одговорија: „Јехова нека те благослови!“
5 Потоа Вооз го праша момчето кое ги надгледуваше жетварите: „Чија е онаа млада жена?“ 6 Момчето му одговори: „Младата жена е Моавка која се врати со Ноемина од моавската земја. 7 Таа ме праша: ’Те молам, може ли да доприбирам и да ги собирам ожнеаните класја што ќе останат* зад жетварите?‘ И еве, цело време е на нозе. Откако дојде утринава, дури сега седна под сенка* за да се одмори малку“.
8 Тогаш Вооз ѝ рече на Рут: „Слушај, ќерко моја. Не оди да доприбираш на друга нива и не оди си оттука, туку остани со моите слугинки. 9 Види на која нива жнеат и оди со нив. Им заповедав на момчињата да не те задеваат. Кога ќе ожедниш, оди кај стомните и пиј од водата што ја нацрпиле момчињата“.
10 Тогаш таа падна на колена, се поклони доземи и му рече: „Со што ја заслужив твојата милост и зошто ми покажуваш добрина иако сум туѓинка?“ 11 А Вооз ѝ одговори: „Слушнав за сето она што си го направила за твојата свекрва откако умрел маж ти, и дека си ги оставила татко ти и мајка ти и земјата на твоите роднини за да дојдеш кај народ кој порано не си го познавала. 12 Јехова нека те награди за твоите дела, и Јехова, Богот на Израел, под чии крилја си дошла да побараш засолниште, нека ти даде целосна плата!“* 13 Тогаш Рут му рече: „Господару, биди и понатаму милостив кон мене! Ти ме смири и ме утеши со своите зборови, иако не сум ти ни слугинка“.
14 Кога дојде време да јадат, Вооз ѝ рече: „Дојди ваму, јади од лебот и макај од оцетот“. Рут седна покрај жетварите, а тој ѝ подаде пржени зрна и таа јадеше. Откако се најаде, ѝ остана уште храна. 15 Кога стана да доприбира, Вооз им заповеда на своите жетвари: „Пуштете ја да собира и од ожнеаните класја* и немојте да ја спречувате. 16 Извлекувајте класја и од сноповите и оставајте ги зад себе за да ги собере, и не ѝ приговарајте“.
17 Така Рут доприбираше на нивата до вечерта. Кога го исчука она што го имаше собрано, беше околу една ефа јачмен.* 18 Потоа го зеде јачменот и се врати во градот, и свекрва ѝ виде колку насобрала. Рут ја извади и храната што претходно ѝ остана, и ѝ ја даде.
19 Свекрвата ѝ рече: „Каде доприбираше денес? Каде работеше? Нека биде благословен оној што ти покажал добрина!“ А Рут ѝ кажа на чија нива работела, велејќи: „Човекот кај кого работев денес се вика Вооз“. 20 Тогаш Ноемина ѝ рече: „Нека биде благословен од Јехова, кој не пропушти да им покаже верна љубов ниту на живите ниту на мртвите!“ Потоа додаде: „Човекот ни е роднина. Тој е еден од нашите откупители“.* 21 А Моавката Рут рече: „Тој исто така ми кажа: ’Остани со моите слуги додека не ги ожнеат сите мои ниви‘“. 22 Тогаш Ноемина ѝ рече: „Подобро е, ќерко моја, да одиш со неговите слугинки за да не те задеваат на некоја друга нива“.
23 Така Рут остана покрај слугинките на Вооз и доприбираше додека не заврши жетвата на јачменот и на пченицата. А таа живееше со својата свекрва.