Рут
1 Во времето кога управуваа судиите, во земјата завладеа глад. Тогаш еден човек од Витлеем, кој се наоѓа во Јуда, тргна со својата жена и со своите два сина да се насели во моавската земја. 2 Тој се викаше Елимелех,* жена му се викаше Ноемина,* а двата сина — Малон* и Хелеон.* Тие беа Ефраќани од Витлеем во Јуда. На крајот стигнаа во моавската земја и се населија таму.
3 По некое време умре Елимелех, мажот на Ноемина, и таа остана сама со двата сина. 4 Синовите подоцна се оженија со Моавки. Едната се викаше Орфа, а другата Рут. И живееја таму околу 10 години. 5 Потоа умреа Малон и Хелеон, па Ноемина остана и без двата сина и без својот маж. 6 Тогаш таа реши да ја напушти моавската земја и да се врати дома бидејќи слушна дека Јехова се сожалил на својот народ и му дал храна,* а и нејзините снаи појдоа со неа.
7 Така Ноемина замина со двете снаи од местото каде што живееше за да се врати во земјата Јуда. Додека одеа по патот, 8 таа им рече на снаите: „Одете, вратете се дома кај своите мајки. Јехова нека ви покаже верна љубов како што вие им покажавте на починатите и мене. 9 Јехова нека ве благослови, па и двете да се вдомите и да најдете мир во куќата на својот маж“. Тогаш ги избакна, а тие гласно заплакаа 10 и упорно ѝ велеа: „Не, ќе одиме со тебе кај твојот народ“. 11 Но, Ноемина им рече: „Вратете се, ќерки мои. Зошто да доаѓате со мене? Зар уште можам да раѓам синови со кои би се омажиле? 12 Вратете се, ќерки мои, одете. Престара сум за мажење. Па дури и кога би можела уште денес да се омажам и да родам синови, 13 зар ќе останете немажени и ќе ги чекате да пораснат за да се омажите со нив? Не, ќерки мои! Јехова се сврте против мене,* и многу ми е тешко* поради она што ве снајде“.
14 Тогаш тие повторно гласно заплакаа. Потоа Орфа ја бакна својата свекрва и замина, но Рут остана со неа. 15 А Ноемина ѝ рече: „Ете, јатрва ти се врати кај својот народ и кај своите богови. Врати се и ти со неа“.
16 Но Рут ѝ одговори: „Не терај ме да се вратам и да те оставам. Каде што ќе одиш ти, таму ќе одам и јас, и каде што ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас.* Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог. 17 Каде што ќе умреш ти, таму ќе умрам и јас, и таму ќе бидам погребана. Јехова нека ме казни* ако нешто друго ме оддели од тебе освен смртта“.
18 Кога виде дека Рут е цврсто решена да оди со неа, Ноемина престана да ја убедува да се врати. 19 Така и двете продолжија да одат по патот кон Витлеем. Штом стигнаа таму, целиот град почна да зборува за нив. Жените велеа: „Ова ли е Ноемина?“, 20 а таа им одговараше: „Не викајте ме Ноемина.* Викајте ме Мара,* зашто Семоќниот многу ми го загорчи животот. 21 Кога заминав, имав сѐ, но Јехова ме врати со празни раце. Зошто да ме викате Ноемина кога Јехова се сврте против мене, кога Семоќниот ми нанесе неволја?“
22 Така Ноемина се врати од моавската земја заедно со својата снаа, Моавката Рут. Тие стигнаа во Витлеем кога почнуваше жетвата на јачменот.