Проповедник
3 Сѐ си има свое време,
сѐ што се прави под небото си има свое време:
2 време за раѓање и време за умирање;
време кога се сади и време кога се корне посаденото;
3 време кога се убива и време кога се лекува;
време кога се урива и време кога се гради;
4 време за плачење и време за смеење;
време кога се тагува и време кога се танцува;*
5 време кога се отстрануваат* камења и време кога се собираат камења;
време за прегрнување и време што не е за прегрнување;
6 време кога се бара нешто и време кога човек се помирува со загубата;
време кога се чува нешто и време кога се фрла;
7 време кога се кине и време кога се сошива;
време кога се молчи и време кога се зборува;
8 време кога се сака и време кога се мрази;
време за војна и време за мир.
9 Каква корист има работникот од сиот свој труд? 10 Ја набљудував сета работа која Бог им ја дал на луѓето да ја извршуваат. 11 Тој направил сѐ да е прекрасно* во свое време, а во срцето на човекот дури всадил желба да живее вечно.* Сепак, луѓето никогаш нема да ги сфатат во потполност* делата на вистинскиот Бог.
12 Заклучив дека за нив нема ништо подобро од тоа да се радуваат и да прават добро во животот, 13 и секој да јаде и да пие и да ужива во сиот свој труд.* Тоа е дар од Бог.
14 А сфатив и дека сето она што го прави вистинскиот Бог ќе трае засекогаш. Ништо не може да му се додаде на тоа и ништо не може да му се одземе. Вистинскиот Бог прави сѐ на таков начин за луѓето да имаат стравопочит кон него.
15 Она што се случува сега, веќе се случувало, и она што ќе дојде, веќе било и порано. Но, вистинскиот Бог ќе го оствари* она по кое луѓето трагаат.*
16 Го видов и ова под сонцето: таму каде што треба да има правда и праведност, владее злоба. 17 Тогаш си реков: „Вистинскиот Бог ќе му суди и на праведниот и на злобниот, зашто постои време за секое дело и за секоја постапка“.
18 А заклучив и дека вистинскиот Бог ги испитува луѓето за да им помогне да сфатат дека се како животните: 19 и луѓето имаат крај и животните имаат крај. Всушност, сите имаат ист крај. Како што умираат животните, така умираат и луѓето. Сите имаат иста животна сила.* Човекот не е ништо подобар од животните. Сѐ е бесмислено! 20 Сите одат на исто место. Сите се од прав и се враќаат во прав. 21 И кој може да каже дали животната сила* на луѓето оди нагоре, а животната сила на животните оди долу во земјата? 22 Сфатив дека за човекот нема ништо подобро отколку да ужива во својата работа, зашто тоа му е награда. Бидејќи, кој може да му покаже што ќе биде кога него веќе ќе го нема?