Рут
3 Ноемина, нејзината свекрва, ѝ рече: „Ќерко моја, зарем не треба да ти побарам дом за да ти биде добро? 2 Ете, Вооз, со чии слугинки беше ти, е наш роднина. Тој вечерва вее јачмен на гумното. 3 Затоа измиј се, намачкај се со мирисливо масло, облечи се во најубавата облека и појди таму. Но, внимавај да не те види додека не заврши со јадењето и со пиењето. 4 Кога ќе отиде да спие, види каде ќе си легне. Тогаш оди, подоткриј му ги нозете и легни. Тој ќе ти каже што треба да правиш“.
5 Рут ѝ одговори: „Ќе направам сѐ што ми рече“. 6 Па појде на гумното и постапи токму така како што ѝ кажа свекрвата. 7 Во меѓувреме, Вооз јадеше и пиеше, и беше расположен. Потоа отиде да си легне крај купот жито. А таа тивко му се приближи, му ги подоткри нозете и легна. 8 Околу полноќ, тој се стресе и се поткрена, наведнувајќи се нанапред. Тогаш виде дека крај неговите нозе лежи жена. 9 „Која си ти?“, праша тој. А таа му одговори: „Јас сум Рут. Те молам, заштити ја својата слугинка,* зашто си откупител“.* 10 Тогаш тој ѝ рече: „Јехова нека те благослови, ќерко моја! Сега покажуваш уште поголема верна љубов отколку првиот пат, бидејќи не отиде да бараш млад маж — било да е сиромав било да е богат. 11 А сега, ќерко, не плаши се. Ќе направам за тебе сѐ што ќе кажеш, затоа што секој во градот знае дека си беспрекорна жена. 12 Точно е дека сум откупител, но има откупител што ви е поблизок роднина од мене. 13 Преноќевај овде, па ако утре наутро тој сака да те откупи, добро, нека те откупи. Но, ако не сака, тогаш се колнам во Јехова, живиот Бог, јас ќе те откупам! Остани да лежиш тука до утрото“.
14 Така Рут лежеше крај неговите нозе до утрото, па стана уште пред да се раздени за никој да не ја види. Вооз рече: „Не треба да се дознае дека дошла жена на гумното“. 15 Тој уште рече: „Донеси ја твојата наметка и рашири ја“. Таа ја рашири наметката, па Вооз истури шест мери* јачмен во неа и ѝ ја даде да ја носи. Потоа, тој отиде во градот.
16 Кога Рут се врати кај свекрва ѝ, таа ја праша: „Како помина,* ќерко моја?“ Тогаш Рут ѝ раскажа за сето она што човекот го направи за неа 17 и додаде: „Тој ми ги даде овие шест мери јачмен и ми рече: ’Немој да се вратиш кај свекрва ти со празни раце‘“. 18 А Ноемина ѝ рече: „Остани овде, ќерко, и чекај да видиш што ќе се случи. Тој човек ќе направи сѐ за да ја заврши работата уште денес“.