Рут
4 Вооз отиде кај градската порта и седна таму. Тогаш наиде откупителот* за кого зборуваше, па му рече: „Пријателе,* дојди ваму и седни“. Човекот дојде и седна. 2 Потоа Вооз повика 10 градски старешини и им рече: „Седнете овде“. И тие седнаа.
3 Тогаш му рече на откупителот: „Ноемина, која се врати од моавската земја, мора да ја продаде нивата што му припаѓаше на нашиот брат Елимелех. 4 Затоа мислев дека треба да ти јавам и да ти предложам да ја купиш во присуство на жителите и старешините на мојот народ. Ако сакаш да ја откупиш, откупи ја. Но, ако не сакаш, кажи ми да знам, бидејќи ти си првиот кој има право на откуп, а по тебе сум јас“. Тој одговори: „Јас ќе ја откупам“. 5 Тогаш Вооз му рече: „Во денот кога ќе ја купиш нивата од Ноемина, ќе ја купиш и од Моавката Рут, жената на починатиот. Така ќе му се зачува името, и тоа парче земја ќе им остане во наследство на неговите потомци“. 6 Тогаш откупителот рече: „Не можам да ја откупам за да не бидам во загуба.* Откупи ја ти со моето право на откуп бидејќи јас нема да можам“.
7 Порано, во Израел, кога стануваше збор за правото на откуп или кога тоа право требаше да се префрли на некој друг, беше обичај секој таков договор да се потврди на следниов начин: едниот мораше да ја собуе сандалата и да му ја даде на другиот. Така се потврдуваа договорите во Израел. 8 Затоа, кога откупителот му рече на Вооз: „Купи ја ти“, ја собу сандалата. 9 Тогаш Вооз им рече на старешините и на сите што беа таму: „Вие сте сведоци денес дека го купувам од Ноемина сето она што им припаѓаше на Елимелех, на Хелеон и на Малон. 10 Исто така, ја земам за жена Моавката Рут, вдовицата на Малон, за да му се зачува името на починатиот, и земјата да им остане во наследство на неговите потомци. Така неговите браќа и жителите на неговиот град* нема да му го заборават името. Вие сте сведоци на ова денес“.
11 Тогаш старешините и сите што беа кај градската порта рекоа: „Сведоци сме! Јехова нека ја благослови жената што ќе дојде во твојот дом. Нека биде како Рахела и како Лија, од кои потекнува израелскиот народ. Биди благословен во Ефрата и стекни си добро име во Витлеем! 12 Преку потомството што Јехова ќе ти го даде од оваа млада жена, твојот дом нека стане како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда“.
13 Така Вооз се ожени со Рут. Тој имаше односи со неа, и Јехова ја благослови, така што таа забремени и роди син. 14 Тогаш жените ѝ рекоа на Ноемина: „Нека е фален Јехова, кој денес не те остави без откупител! А детето нека си стекне славно име во Израел! 15 Тоа ти ја врати радоста во животот и ќе се грижи за тебе кога ќе остариш, бидејќи го роди твојата снаа, која те сака и која ти е подобра од седум синови“. 16 Ноемина го зеде детенцето в раце и се грижеше за него.* 17 Тогаш сосетките му дадоа име. Тие рекоа: „На Ноемина ѝ се роди син!“, и го нарекоа Овид. Тој му е татко на Јесеј, таткото на Давид.
18 Ова е семејната лоза* на Фарес: на Фарес му се роди Есром, 19 на Есром му се роди Арам, на Арам му се роди Аминадав, 20 на Аминадав му се роди Насон, на Насон му се роди Салмон. 21 На Салмон му се роди Вооз, на Вооз му се роди Овид, 22 на Овид му се роди Јесеј, а на Јесеј му се роди Давид.