Го набљудуваме светот
Скандал со крвта во Франција
„Беспримерна несреќа во Западна Европа.“ Така францускиот весник Le Monde неодамна го опиша скандалот во врска со практиката да се зема крв од затвореници за употреба во трансфузии. Во 1980-тите, околу 5.000 француски пациенти добиле сида преку заразена крв — според извештајот најголема стапка на инфекции во светот. Во 1985, крвта собрана во затворите изнесувала преку 25 отсто од вкупната заразена крв. Според еден извештај подготвен од страна на Одборот на инспектори за општествени дејности и Одборот на инспектори за правна служба, практиката на собирање крв во затворите започнала во 1954, очигледно под влијание на она што извештајот го нарекува „економски фактори“. Уште пред 1983, францускиот Инспекторат за здравство препорачал да не се зема крв од високоризични дарители; но сепак, во стварност, во наредната година затворските службени лица се погрижиле за уште поголемо собирање на крв.
Млади алкохоличари
„Скоро 90.000 деца во Велика Британија се сметаат за пијаници“, известува лондонскиот Sunday Times. Британската влада одредува седмичен максимум од 21 единица алкохол за мажи и 14 за жени. Една единица одговара на една чаша вино или една мера на појак ликер или четврт литар пиво. Една недамнешна студија помеѓу 18.000 британски ученици открила дека 11,5 отсто од 15-годишните момчиња пиеле повеќе отколку препорачаната седмична граница за возрасни мажи. Кај девојчињата, од 14 до 15-годишна возраст, секое 20-то признало дека пие повеќе отколку дозволената граница за возрасни жени. Истражувачите мислат дека овие загрижувачки статистички податоци го потценуваат вистинскиот обем на проблемот.
Тинејџерите ја отфрлаат организираната религија
Канадските тинејџери им упатуваат сериозна порака на религиозните водачи: Свештенството потфрлило како учители на Божјата Реч. Една недамнешна национална анкета покажува дека организираната религија ја подржуваат помалку тинејџери отколку било кога порано. Само 10 отсто веруваат дека поврзаноста со некоја религиозна група е важна во нивниот живот. Но сепак, повеќе од 80 отсто се обраќаат кон религијата кога се во прашање церемонии во врска со раѓање, брак и смрт, известува Toronto Star. Интересно е дека 80 отсто исто така веруваат во постоењето на Бог, додека 60 отсто веруваат во живот после смрт. „Изгледа дека поголемо влијание врз тинејџерите вршат нивните врсници, медиумите, филмовите и популарната музика отколку свештенството“, додава Star. Само мала група на тинејџери би се обратила за совет до црквените водачи кога се работи за важни животни прашања.
Астролозите повторно во заблуда
На почетокот од 1992, Здружението за научни истражувања на паранауките во Германија собра околу 50 пророкувања од астролозите од целиот свет и ги оцени резултатите на крајот од годината. Здружението направи слично и во 1991. (Види Разбудете се! од 8. јуни 1992, стр. 29 [англ.]) Дали претскажувањата за 1992 беа поточни од оние за 1991? Далеку од тоа. „Додека во 1991 несигурните претскажувања можеа да забележат барем делумен успех“, известува Süddeutsche Zeitung, „овој пат прорекувањата не погодија ниту една од бараните цели.“ Прорекувањата за 1992 го вклучуваа повторниот избор на Џорџ Буш и уништувањето на Белата куќа во пожар. Гледајќи во пресрет на 1993, Здружението дури се осмели да изјави: „Астролозите повторно ќе бидат во заблуда и следната година“.
Смртоносни простории
„Тутунскиот чад во животната средина предизвикува повеќе смртни случаи отколку било кој од човекот создаден загадувач“, констатира д-р Мајкл Попкис, медицински службеник за здравство во Кептаун (Јужна Африка). Тој реагирал на еден леток што бил делен од страна на Тутунскиот завод во Јужна Африка кој тврдел дека проблемот бил во недоволната вентилација. Д-р Попкис објаснил дека „концентрацијата на тутунскиот чад општо ги надминува просечните мерила за чист воздух“ и може да има за последица рак на белите дробови и срцеви удари, како и спречен развој на белите дробови кај децата. Тој рекол дека не постои начин за вентилација или филтрирање на воздухот во една зграда за таа во потполност да биде чиста од чадот на тутунот. Тој додал: „Најефикасната техника да се зачува воздухот чист е да се ограничат загадувачите на самиот почеток.“
Како Европејците го поминуваат своето време
За да се добијат информации во врска со дневниот живот во Европа, кон крајот на 1991 беа анкетирани преку 9.700 лица во 20 земји од страна на мултимедијалната група Information et Publicité. Колку се разликува дневната рутина од една до друга земја? Süddeutsche Zeitung известува дека Грците најдоцна одат в кревет (0.40 часот), а Унгарците се меѓу оние кои најрано се будат (5.45 часот). Ирците и Луксембурците спијат најдолго од сите. Чесите, Словаците и Швајцарците му придаваат мала важност на ТВ-то, вклучувајќи го по само два часа дневно, додека во Британија „магичната кутија е во погон скоро четири часа дневно“. Во Шведска се трошат повеќе од пет часа на читање или слушање радио, додека Данците уживаат дневно еден и пол час слободно време во кината, театрите и слично.