Карпи што летаат
ДАЛИ некогаш си видел распламтена ѕвезда што блеснува низ небото во некоја јасна ноќ? Можеби само прашање на време е кога ќе видиш такво нешто. Според научниците, овие огномети на природата го обележуваат својот пат низ земјиното небо околу 200.000.000 пати секој ден!
Што се тие? Тие се само парчиња од камена или метална материја, познати како метеори, кои пламнуваат до бела усвитеност кога ќе навлезат во земјината атмосфера. Блескавата трага од светлина што ја оставаат низ небото, како што се гледа од Земјата, позната е како метеорска трага.
Повеќето метеори потполно согоруваат уште пред да стигнат на Земјата, но некои ја преживуваат силната топлина и стигнуваат до површината на Земјата. Тие се познати како метеорити. Некои научници проценуваат дека секој ден на Земјата паѓаат околу 1.000 тони од овие карпи што летаат.a
Ретко се случува ваквите судири да бидат опасни за луѓето, главно поради релативно малиот обем на овие карпи што летаат. Всушност, повеќето метеорски траги се предизвикани од метеорити кои не се поголеми од зрно песок. (Види ја рамката „Карпи од вселената“.) Но, што е со илјадниците поголеми карпи што прелетуваат во вселената? Земи ја за пример карпата што е позната како Церес, која има пречник од околу 1.000 километри! А постојат уште околу 30 други познати карпи со пречник поголем од 190 километри. Овие поголеми карпи се, всушност, помали планети. Научниците ги нарекуваат астероиди.
Што би било кога еден од овие астероиди би удрил во Земјата? Оваа очигледна закана претставува една важна причина зошто научниците ги проучуваат астероидите. Иако повеќето астероиди кружат во еден појас помеѓу Марс и Јупитер, некои од оние што астрономите ги набљудуваат всушност ја преминуваат орбитата на Земјата. Заканата од судрување е уште поголема поради постоењето на огромни кратери како што е Метеорскиот кратер (познат и како Берингов кратер) во близината на Флегстаф (Аризона, САД). Една од теориите за изумирањето на диносаурусите е таа дека некој голем удар ја изменил атмосферата и ја втурнал Земјата во еден долг период на студено време низ кој диносаурусите не можеле да преживеат.
Таков катастрофален судир денес веројатно би го уништил човештвото. Меѓутоа, Библијата покажува дека „праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29).
[Фуснота]
a Проценките варираат.
[Рамка на страница 15]
Огнена топка на видеолента
Некои метеорски траги се необично сјајни и големи. Тие се познати како огнени топки. На 9 октомври 1992 година, огнената топка што е прикажана на горната фотографија прелета преку небото над неколку држави на САД. Огнената топка најпрво била видена над Западна Вирџинија, а се појавила на простор од 700 километри. Едно откршено парче со тежина од 12 килограми се спуштило врз еден паркиран автомобил во Пикскил, Њујорк.
Во врска со овој настан, необично е тоа што поради аголот на триење под кој метеорот навлегол во атмосферата, била создадена една сјајна огнена топка која се задржала повеќе од 40 секунди. Ова дало невидена можност да се сними на видео, а тоа било сторено најмалку од 14 различни точки на посматрање. Според списанието Nature, „ова се првите филмски снимки на огнена топка според кои бил пронајден метеорит“.
Огнената топка се раскршила на најмалку 70 парчиња, кои на некои од видеолентите се појавуваат како вжарени проектили. Иако од овој настан беше пронајден само еден метеорит, научниците веруваат дека едно или повеќе парчиња можеби ја пробиле земјината атмосфера и паднале на почвата. Можеби тоа е сѐ што останало од огромниот метеор кој претходно тежел околу 20 тона.
[Рамка/слика на страница 16]
Карпи од вселената
Астероид: Познат е и како планетоид или мала планета. Овие сосема мали планети се движат во орбита околу Сонцето. Повеќето имаат неправилен облик кој можеби укажува дека се парчиња од објекти кои некогаш биле поголеми.
Метеор: Релативно мало парче метална или камена материја, кое плови во просторот или паѓа низ атмосферата. Некои научници сметаат дека повеќето метеори се делови од астероиди, создадени од судрувања или од камени остатоци на згаснати комети.
Метеорска трага: Кога метеорот ќе ја пробие земјината атмосфера, триењето на воздухот создава силна топлина и сјаен жар. Овој опаш од жешки, вжарени гасови во моментот се гледа како светла трага на небото. Светлата трага е позната како метеорска трага. Многумина ја нарекуваат распламтена ѕвезда или ѕвезда што паѓа. Многу метеорски траги можат првпат да се видат тогаш кога ќе се најдат на околу 100 километри над земјината површина.
Метеорит: Понекогаш метеорот е толку голем што кога влегува во нашата атмосфера не согорува потполно и паѓа на Земјата. Таквиот метеор е наречен метеорит. Некои можат да бидат многу големи и тешки. Еден метеорит во Намибија (Африка), тежи повеќе од 60 тони. Други големи метеорити со тежина од 15 или повеќе тони се пронајдени на Гренланд, во Мексико и во Соединетите Држави.
[Рамка/слика на страница 16]
Ида и нејзината месечина-бебе
Додека вселенското летало Galileo на својот пат кон Јупитер фотографирало еден астероид наречен Ида, направило едно неочекувано откритие — првиот документиран пример на месечина која се движи во орбита околу некој астероид. Како што е известено во Sky and Telescope, научниците проценуваат дека оваа јајцевидна месечина, наречена Дактил, има димензии 1,6 на 1,2 километри. Нејзината орбита се наоѓа на околу 100 километри од центарот на астероидот Ида, кој има димензии 56 на 21 километар. Нивните карактеристики на инфрацрвената боја укажуваат на тоа дека и Ида и нејзината малечка месечина се дел од астероидното семејство Коронис, за кои се мисли дека се парчиња од само една огромна карпа што била раскршена од некаков судир во вселената.
[Извор на слика]
Фотографија на NASA/JPL
[Слика на страница 17]
Метеорскиот кратер во близина на Флегстаф (Аризона, САД), има пречник од 1.200 метри и длабочина од 200 метри
[Извор на слика]
Фотографија од D. J. Roddy и K. Zeller, U.S. Geological Survey
[Извор на слика на страница 15]
Sara Eichmiller Ruck