Истражување во светот на убавите дрвја
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
ВЕСТОНБИРТ, село во англиските планини Котсваулди, е прочуено по својот арборетумa. Тоа е едно од најстарите, најголемите и најдобрите колекции на дрвја и грмушки во светот. Ајде поблиску да го погледнеме.
Убавина и сјај
„Сите се трогнати од убавината, сјајот и величественоста на оваа колекција“, вели Хју Ангус, одржувачот. И судејќи по бројот на посетителите кои сѐ одново се враќаат, изгледа дека е во право.
Арборетумот содржи 18.000 дрвја и грмушки, кои претставуваат скоро половина од 9.000-те видови и сорти што растат во умерените зони на светот. Посетителите можат да се шетаат слободно низ паркот од 240 хектари, но за да им се помогне да извлечат најголемо задоволство, „ние го поделивме арборетумот на четири делови и предложивме добри периоди кога да се посети секој дел“, објаснува официјалниот прирачник. Освен тоа, постојат специјални обележја, како што се есенската обоена патека, колекцијата на цреши — Хилиер и колекцијата на домашни сорти, и тоа сите со натписи и обележани на карта.
Сезонски задоволства
Сезонскиот циклус на Северната хемисфера е природно задоволство. Во арборетумот, секоја сезона си има свои атракции. Зимата е најдоброто време да се воодушевувате на широката разнообразност на четинарите, како и грациозните облици, интересните структури на ткивото и необичните бои на листопадните дрвја додека немаат лисја. Подоцна, грмушките и дрвјата кои цветаат на пролет — азалеите, камелиите, магнолиите, рододендроните и црешите — ја даваат својата величествена изложба, и килимите на дивите цвеќиња придонесуваат за убавината на амбиентот.
Мирна разлистеност се спушта над арборетумот в лето пред ботаничката огнометна изложба на есента. Околу 90.000 посетители нагрнуваат во Вестонбирт во октомври за да го видат овој спектакл, по кој најмногу е прочуен. Тука разновидните сорти јапонски јавор, со својата јака црвена боја, ја засенуваат претставата.
Голем дел од постарите примероци јапонски јавор во Вестонбирт можеби се оригинали, увезени во текот на периодот Едо (1603—1867). За жал, не постојат записи на јапонските имиња на овие стари сорти. Јаворите станале помалку популарни во Јапонија кратко по нивното воведување во Европа, па затоа овие рани увози кои преживеале не можат да се проверат наспрема јапонските колекции или залихите во расадникот. Како што се намалуваат постарите јапонски јавори, се садат чистинки со млади дрвца. Скоро секое дрво има различен облик и боја на листот. Дрвјата израснале од семе собрано од стари јаворови дрвја, и тие биле избрани поради нивните есенски тонови. За да имаат заштита и сенка, јаворите се посадени меѓу зрели дабови и четинари. Тие исто така обезбедуваат позадина на златни и зелени бои преку кои зраците есенска светлина ги осветлуваат јаворите.
Научно управување
Вестонбиртовиот арборетум започнал како приватно хоби во 1829 година, но Британската комисија за шумарство го добила во 1956. Рекреацијата на јавноста не е неговата единствена цел. Всушност, главната цел е да се развие една научна колекција која најдобро одговара на локалните услови. За таа цел, истражувањето се спроведува со методи за размножување, а резултатите — успеси и неуспеси — се делат со други ботанички градини.
Вестонбирт го отворил патот за еден компјутеризиран систем за инвентар кој ги запишува деталите на секој примерок — неговото потекло, напредок од семе до зрелост, здравјето и секој третман за болест, па дури и причина за смрт. Друга важна функција е размножувањето на ретки или необични видови, вклучувајќи ги и оние кои се наведени како загрозени во нивните природни околини, од страна на Интернационалната унија за зачувување на природата и на природните богатства. Семињата се добиваат од потврдени извори за да се избегне хибридизација, и примероците им се достапни на другите арборетуми.
Вестонбирт исто така е образовен центар. Постојат програми за идентификување на дрвја, говори за ископачување, обиколки со предавања и претстави со дијапозитиви. Во одредени временски периоди од годината, илустрирани дискусии секој ден се даваат за школските деца кои доаѓаат во посета.
Додека неспремно го напуштаме арборетумот, збогатени со едно незаборавно искуство, чувствуваме силна желба да се вратиме назад за да уживаме во убавините на другите сезони. Истражувањето на овој прекрасен свет на дрвја ни дало една поголема свесност за нивната сјајност, како и за нивната важност во шемата на животот на Земјата.
[Фуснота]
a Зборот е изведен од латинскиот арбор, што значи „дрво“.
[Слики на страница 16]
Горе: Лосонови чемпреси
Средина: Јапонски јавори
Долу: Либански кедар