ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/12 стр. 14-17
  • Помпеја — каде што времето застанало

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Помпеја — каде што времето застанало
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Ерупцијата во 79 н. е.
  • Нема безбедност во Херкуланум
  • Времето застанало
  • Приватниот живот
  • Време е да се дејствува
  • Сега, повеќе од кога и да е порано, остани буден!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Одлагањето било смртоносно
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Во сенката на заспаниот џин
    Разбудете се! 2007
  • Ќе му обрнеш ли внимание на Божјето предупредување?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
Повеќе
Разбудете се! 1996
g96 8/12 стр. 14-17

Помпеја — каде што времето застанало

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА

КУЈНИ со тави на огништето, добро снабдени продавници, безводни водоскоци, неоштетени улици — сите тие си стојат онака како што си биле, во еден град без жители, празен и напуштен. Ова е Помпеја, каде што изгледа дека времето застанало.

Сѐ останува токму онака како што било во тој катастрофален ден пред повеќе од 1.900 години кога планината Везув, вулкан кој гледа кон Неаполскиот залив, имаше ерупција. Тој ги затрупа со пепел и со лава Помпеја, Херкуланум, Стабија и околниот предел.

„Античките луѓе“, вели книгата Pompei‚ „имале само нејасна претстава за вулканската природа на Везув и биле навикнати да го сметаат за раззеленета планина каде што густите шуми се проткаени со прекрасни лозја.“ Но, на 24 август 79 н. е., после долгогодишно мирување, таа планина се разбуди со една огромна експлозија.

Ерупцијата во 79 н. е.

Вулканот исфрлил столб од гас, магма и нанос, кој го затемнил небото и предизвикал страшен дожд од пепел и лапили (мали парчиња лава). За два дена Помпеја и поширокото подрачје на пределот биле покриени со густа наслага со просечна длабочина од 2,5 метри. Додека жестоки потреси продолжиле да ја затресуваат почвата, еден гигантски облак од отровни гасови, невидливи но смртоносни, го обвиткал градот стегајќи го во смртна прегратка. Додека Помпеја била бавно затрупувана, Херкуланум исчезнал во еден миг. Според книгата Riscoprire Pompei (Повторно откривање на Помпеја), Херкуланум бил нурнат во буица од „кал и вулкански нанос до длабочина која достигнала дваесет и два метри [72 стапки] во близината на брегот“.

Реакциите на приближно 15.000-те жители на Помпеја биле различни. Успеале да се спасат само оние кои побегнале веднаш. Меѓутоа, некои, кои не сакале да ги напуштат своите домови и сѐ што имало во нив, останале со надеж дека ќе ја избегнат опасноста. Други, пак, желни да ги спасат своите предмети од вредност, се двоумеле дали да бегаат, само за да бидат згмечени од крововите на своите домови, кои се срушиле под тежината на пепелта.

Еден пример е сопственичката на „домот на Фаун“, која очигледно не можела да го напушти своето богатство. „Во сето брзање“, вели Роберт Етјен во својата книга La vie quotidienne à Pompéi (Секојдневниот живот во Помпеја), „господарката на куќата ги собрала своите најскапоцени бесценети камења — златни бразлетни во вид на змии, прстења, шноли, обетки, сребрено огледало, торба полна со златни монети — и се подготвила да бега.“ Преплашена, можеби од пепелта што паѓала, таа останала внатре. „Кратко потоа“, продолжува Етјен, „покривот се срушил, затрупувајќи ја несреќната жена и нејзиното богатство.“ Другите биле задушени од отровните гасови кои се прошириле насекаде.

За да се спасат, оние што се двоумеле морале да бегаат преку наслагата од пепелна лава која се создала во меѓувреме. Тие лежат онаму каде што паднале, задушени од смртоносните вдишувања и покриени како резултат на постојаниот дожд од ситен пепел. Нивните жални остатоци беа пронајдени со векови подоцна, со нивните скапоцености сѐ уште покрај нив. Градот и неговите жители биле затрупани под една наслага од пепел со длабочина од преку 6 метри.

Сепак, благодарение на тој фатален дожд, дури и жителите на градот повторно се појавија. Знаете ли како? Забележете ги моделите од нивните тела на фотографијата на оваа страница. Како биле направени? Сипувајќи бел гипс во празнините кои распаднатите тела ги оставиле во пепелта, археолозите ни овозможиле да ги видиме последните гестови во агонија на беспомошните жртви — „млада жена која лежи со главата врз раката; човек кој ја покрил устата со шамивче кое не можело да го спречи вдишувањето прав и отровни гасови; служители во Форумските бањи; луѓе паднати во недолични положби од нападите и грчевите на задушувањето; . . . мајка што ја прегрнува својата малечка ќерка во последна жалосна и бескорисна прегратка“ (Archeo).

Нема безбедност во Херкуланум

Во Херкуланум, неколку километри од Помпеја, оние што не избегале веднаш се нашле во стапица. Многумина брзале кон плажата, можеби со надеж дека ќе избегаат преку морето, но еден силен подводен потрес ги спречил бродовите да отпловат. Недамнешните ископувања на древната плажа во Херкуланум изнела на видело повеќе од 300 скелети. Додека барале прибежиште под терасата која гледала кон морето, овие луѓе биле живи затрупани од страотна буица кал и вулкански нанос. Исто така, овде многумина се обиделе да ги спасат своите најскапоцени поседи: златни украси, сребрени садови, целосен комплет хируршки инструменти — сето тоа е сѐ уште таму, бескорисно, во близина на остатоците на нивните сопственици.

Времето застанало

Помпеја дава речито сведоштво за кршливоста на животот наспроти природните сили. Како ниедно друго археолошко место во светот, урнатините на Помпеја и околните места даваат една слика која им овозможува на современите стручњаци и на љубопитните да го испитаат секојдневниот живот во првиот век пр. н. е.

Напредокот на тој регион главно се темелел на земјоделството, индустријата и трговијата. Со интензивна примена на работна сила — робови и слободни луѓе кои биле најмувани секој ден — плодниот предел раѓал изобилно. Многу од градските активности биле поврзани со трговијата со прехрамбени артикли. Секој кој ќе ја посети Помпеја сѐ уште може да ги види мелниците за дробење пченка, пазарот за зеленчук и продавниците на продавачите на овошје, како и трговците со вино. Можете да ги видите зградите кои некогаш биле користени за трговија — за производство на волна и лен и за предење и ткаење платно на индустриско ниво. Со десетици други ситни индустрии, од јувелирска работилница до продавница за железарија, овие згради заедно со куќите сочинувале град.

Тесните, некогаш преполнети улици се поплочени со камени блокови. Отстрана има поткренати тротоари и јавни водоскоци кои ги снабдувал еден генијален систем на аквадукти. Еден необичен детаљ може да се види на аглите на главните улици. Како древни претходници на современите пешачки премини, големите подигнати камени блокови поставени на средината на улиците го олеснувале дотокот на пешаци и им овозможувале да избегнат да ги натопат нозете кога врнело. Секој кој возел запрежна кола во градот морал да има извесна умешност за да ги избегне овие подигнати камења. Тие сѐ уште се таму! Ништо не се променило.

Приватниот живот

Ниту резервираноста што го опкружувала приватниот живот на жителите на Помпеја не му се спротивставила на нетактичниот продорен поглед на современите луѓе. Жена прекриена со величествен накит лежи мртва во рацете на еден гладијатор во неговата касарна. Вратите на куќите и продавниците се широко отворени. Кујните се гледаат, како да се напуштени само пред неколку минути, со тави на огништето, непечен леб сѐ уште во релната и големи ќупови наслонети на ѕидот. Има соби кои се декорирани со прекрасна изработка од гипс, слики на ѕидовите и мозаици, каде што богатите безгрижно се гоштавале, употребувајќи сребрени чаши и садови од изненадувачка префинетост. Тивките внатрешни градини се опкружени со колонади и украсени се со развеселени водоскоци кои сега молчат. Исто така, се гледаат мермерни и бронзени статуи од извонредна мајсторија и олтари на домашни богови.

Меѓутоа, животниот стил на повеќето бил многу поскромен. Многумина кои дома немале простории за готвење, ги посетувале безбројните крчми. Таму, без да плаќаат многу, тие можеле да озборуваат, да се коцкаат или да купуваат храна и пијалак. Некои од нив сигурно биле бордели каде што келнерките, честопати робинки, работеле како проститутки откако ќе им послужеле пијалаци на муштериите. Освен безбројните вакви крчми, ископувањата изнесоа на виделина повеќе од дваесеттина други бордели, кои честопати се карактеризирале со слики и натписи кои се крајно непристојни.

Време е да се дејствува

Ненадејното уништување на Помпеја поттикнува на размислување. Очигледно, илјадниците што исчезнале таму не реагирале со доволна готовност на предупредувачките знаци на претстојната катастрофа — постојаните земјотреси, експлозиите на вулканот и страшниот дожд од лапили. Тие се двоумеле, можеби поради тоа што не сакале да се откажат од својот удобен живот и од своите поседи. Можеби се надевале дека опасноста ќе помине или дека сѐ уште ќе има време за да избегаат доколку работите тргнат на полошо. За жал, не биле во право.

Светото писмо нѐ известува дека денес целиот свет се наоѓа во слична ситуација. Корумпираното општество во кое живееме е отуѓено од Бог. Наскоро ќе биде ненадејно отстрането (2. Петрово 3:10—12; Ефесјаните 4:17—19). Сите докази покажуваат дека тоа време е близу (Матеј 24:3—42; Марко 13:3—37; Лука 21:7—36). А трагичните остатоци на Помпеја стојат како тивок сведок за бесмисленоста на неодлучноста.

[Рамка на страница 16]

Христијански крстови?

Откривањето на различни крстови во Помпеја, вклучувајќи и еден гипсен крст на ѕидот на една фурна, некои го протолкувале како доказ за присуство на христијани во градот пред неговото уништување во 79 н. е. Дали тоа е оправдана претпоставка?

Очигледно не. За да најдеме „потполн култ на крстот како предмет“, вели Антонио Вароне во својата книга Presenze giudaiche e cristiane a Pompei (Еврејско и христијанско присуство во Помпеја), „треба да чекаме сѐ до четвртиот век, кога преобраќањето на императорот и на масите пагани направило таков облик на длабоко почитување кое е во поголем склад со нивната духовност“. „Дури во вториот и третиот век па сѐ до времето на Константин“, додава Вароне, „многу ретко би се пронашол таков симбол во очигледна поврзаност со христијанството.“

Ако не се христијански, тогаш какво потекло имаат таквите симболи? Покрај сомневањата во врска со идентификацијата на овој симбол за кој се мисли дека е крст и тоа што во истата фурна беше откриена една слика на некое божество во облик на змија, има „некои крајно непристојни откритија кои, исто така, тешко е да се усогласат со претпоставената христијанска духовност на наемникот на фурната“, вели Вароне. Тој додава: „Познато е дека од зазорувањето на цивилизацијата, пред воопшто да стане симбол на спасот, симболот во облик на крст се употребувал со очигледно магично и ритуално значење“. Во антички времиња, објаснува овој стручњак, се сметало дека крстот може да ги спречи или да ги уништи злобните влијанија и, повеќе од сѐ друго, тој се користел како амајлија.

[Слика на страница 15]

Сводот на Калигула со планината Везув во позадината

[Слики на страница 15]

Горе: Гипсени модели од жителите на Помпеја

Лево: Поглед на Нероновиот свод и дел од храмот на Јупитер

[Извори на слики на страница 14]

Вертикални рабови: Glazier

Фотографии на страница 2 (дното), 22 и 23: Soprintendenza Archeologica di Pompei

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели