Бевме заложници за време на затворска побуна
ОКОЛУ три часот попладнето, в сабота на 30 март 1996, Едгардо Торес, Рубен Сеибел и јас пристигнавме во Сиера Чика, затвор со високо обезбедување во провинцијата Буенос Аирес (Аргентина). Наменета да прими околу 800 затвореници, оваа пренаселена тврдина примаше 1.052 осудени криминалци. Нивните криминални дела се движеа од кражби до сериски убиства. Ние бевме таму како посетители.
За Едгардо и Рубен ова беше едно од многуте патувања во сабота до овој прочуен затвор. Како старешини во едно локално собрание на Јеховините сведоци, тие редовно одеа таму за да одржат седмични библиски предавања на околу 15 затвореници. За мене, како патувачки надгледник, тоа беше ретка прилика бидејќи никогаш не сум претседавал на состанок во затвор.
Затворот имаше 12 блокови со ќелии поставени во облик на ладало. Кога влеговме во просториите, во далечината видовме четворица затвореници како ни мафтаат со воодушевеност. Тие затвореници напредувале во своите библиски студии до тој степен што станале некрстени проповедници на добрата вест за Божјето Царство. Бргу бевме одведени до блокот ќелии број 9, каде што требаше да го одржиме состанокот. Таму, една соба беше бојадисана и декорирана со завеси, што ѝ даваше достоинствен изглед.
Побуната започнува
Но, нешто не беше во ред. Присутни беа само 12 затвореници од вообичаените 15. Сите се прашувавме зошто. Состанокот започна како и обично, со песна и молитва. После неколку минути, се стресовме од звукот на гласни истрели проследен со рафално пукање од митралез. Потоа слушнавме извици и пискање. Штотуку започнала затворска побуна!
Неколку затвореници со качулки на главата наоружени со импровизирани ножеви, влетаа во нашата соба за состаноци. Беа изненадени што нѐ најдоа нас — тројца посетители! Набрзина бевме одведени низ еден ходник полн со чад. Гореа душеци, затворениците трчаа во безредие и еден ранет стражар лежеше на подот. Затворската кула која се наоѓаше во центарот на затворскиот терен беше проголтана во оган од една рачно направена бомба. Нѐ одведоа надвор и нѐ присилија да стоиме на оддалеченост од 50 метри од главната ограда. Гледајќи право на другата страна од оградата можевме да видиме полицајци и затворски стражари, со пушките вперени во нас. Група затвореници се криеја зад нас, држејќи ги своите ножеви на нашите грклани. Нѐ користеја како штитови од луѓе.
Уште заложници
Пет часа подоцна, после зајдисонце, предводниците дозволија во затворот да влезе еден доктор за да ги лекува ранетите. И докторот стана заложник. На крај, околу девет часот навечер, нѐ однесоа во затворската болница. Таму ѝ се придруживме на една група стражари кои исто така беа држани како заложници. Бунтовниците сега ги натераа сите заложници да служат во смени како штитови од луѓе.
После кратко време, на една судијка и на нејзиниот секретар им беше дозволено да се состанат со бунтовниците во обид мирно да ги средат работите. Но кризата се засили кога затворениците безобразно ги задржаа и нив како заложници.
Цела ноќ имаше спорадични борби. Се обидовме да спиеме, но се чинеше дека секогаш кога ќе задремевме, од сонот нѐ стресуваше гласно пискање. Потоа, во раните утрински часови, повторно ќе ни дојдеше редот да бидеме поставени како живи штитови.
Насилството се засилува
В недела, на 31 март, втор ден од побуната, ситуацијата се влоши. Предводниците не можеа да се согласат околу своите барања. Тоа создаде атмосфера на гнев и насилство. Групи бунтовници побеснаа, уништувајќи и горејќи сѐ што им беше на патот. Стари расправии се решаваа со насилство и со убиство. Извесен број затвореници кои одбиваа да се придружат во побуната беа погубени. Некои тела беа изгорени во рерната на пекарницата.
Во затворот се ширеа секакви гласини и противречни извештаи за нашето ослободување. Тоа беше емоционален тобоган за нас заложниците. Понекогаш ни беше дозволено да ги гледаме вестите на телевизија. Бевме зачудени кога видовме колку телевизиските извештаи беа далеку од реалноста. Тоа беше обесхрабрувачки.
Како се соочивме со тоа? Се сосредоточивме на молење, читање на Библијата и разговарање со другите за библиските ветувања за една среќна иднина. Тоа беше клучот за нашата емоционална сила за време на тешкото искушение.
Во понеделникот, предводниците се согласија да започнат со преговори со властите. Изгледаше дека крајот на побуната е блиску. Бунтовниците го користеа Едгардо и уште неколку други затворски стражари како штитови кога меѓу некои затвореници ќе избувнеше престрелка со оружје. Во збрканоста која следеше, под претпоставката дека заложниците се застрелани, полицијата го испали своето оружје. Едгардо ги преживеа тие спорадични истрели, но некои од заробените стражари беа застрелани.
Смртта изгледаше неизбежна
Нас, заложниците, нѐ одведоа на кровот за да им покажат на властите дека сѐ уште сме живи. Но полицијата продолжи да пука. Тоа ги разбесни бунтовниците. Сите почнаа истовремено да викаат. Некои викаа: „Заколете ги заложниците! Заколете ги!“ Други молеа: „Уште не! Ајде да почекаме!“ Смртта изгледаше неизбежна. Рубен и јас се погледнавме како да си велевме: ‚До новиот свет‘. Потоа двајцата тивко се помоливме. Веднаш почувствувавме внатрешна смиреност и душевен мир, кои под таквите околности, можеа да доаѓаат само од Јехова (Филипјаните 4:7).
Одеднаш, полицијата престана да пука и еден од предводниците го откажа нашето погубување. На младиот затвореник кој ме држеше му беше наредено да ме води напред—назад по кровот, како предупредување за полицијата. Тој беше многу нервозен. Токму тука и токму тогаш можев да почнам разговор кој и двајцата нѐ смири. Објаснив дека човечкото страдање е подбуцнато од Сатана и неговите демони и дека Јехова Бог наскоро ќе стави крај на сето такво страдање (Откровение 12:12).
Кога нѐ вратија во затворската болница, видовме дека многу од заложниците се престрашени. Се обидовме да ја споделиме со другите заложници нашата вера во Јеховините ветувања. Им зборувавме за нашата библиски темелена надеж за една иднина во рај на Земјата. Некои од заложниците почнаа да го повикуваат Јехова по име. Докторот покажа посебен интерес и постави неколку конкретни прашања. Тоа доведе до долга библиска дискусија на темел на книгата Спознание кое води до вечен живот.
Славење на Споменот
Вторник, нашиот четврти ден во заробеништво, беше годишнината од смртта на Исус Христос. На тој ден, милиони Јеховини сведоци и заинтересирани лица ширум светот се состануваат за да го одбележат овој настан во знак на послушност на Исусовата заповед (Лука 22:19). И ние направивме подготовки да го прославиме Споменот.
Избравме едно ќоше од собата за да имаме мир. Немавме бесквасен леб ниту црвено вино за да ги користиме како симболи. Но ние тројцата уживавме да пееме фалби за Јехова, да се молиме и да ги разгледуваме библиските извештаи за последната ноќ на Исус и за другите настани кои биле поврзани со неговата смрт. Се чувствувавме многу блиску до нашите семејства и до нашите духовни браќа и сестри додека истовремено го прославуваа Споменот низ целата земја.
Крај на тешкото искушение
Во текот на следните четири дена преовладуваше атмосфера на напнатост, страв и исчекување. Сепак, бевме утешени од бројните писма од роднините и пријателите, кои затворениците дозволија да ги добиеме. Во една прилика ни беше дозволено дури и да им се јавиме на нашите семејства по телефон. Колку само беше освежувачки да се чујат нивните гласови и да се читаат нивните изрази на љубов и загриженост!
Во саботата, нашиот осми ден во заробеништво, бунтовниците дојдоа до согласност со властите. Ни беше кажано дека следниот ден ќе бидеме ослободени. В недела, на 7 април, во 14.30 часот ја добивме веста: „Подгответе се да си одите!“ Затворениците организираа ‚почесна стража‘ за да нѐ придружува до слободата! Додека ја напуштавме болницата, претставникот на предводниците му пристапи на Едгардо и рече: „Брате, толку сум импресиониран од твоето однесување. Ветувам дека отсега ќе присуствувам на вашите состаноци во сабота во затворот. Сѐ уште ќе ги одржувате состаноците и покрај она што се случи овде, нели?“ Едгардо се насмевна и одговори: „Се разбира!“
Надвор нѐ очекуваше изненадување. Веднаш штом излеговме од зградата, целото затворско население екна во аплауз во наша чест. Тоа беше нивни начин да покажат дека им е жал за она што се случи. Тоа беше еден трогателен момент. Без сомнение, нашето христијанско однесување во текот на претходните девет дена ги импресионираше сите, на Јеховина чест.
Од другата страна на затворската ограда се сретнавме со нашите семејства и со околу 200 духовни браќа и сестри. Се прегрнувавме со чувство на големо олеснување. Преживеавме! Еден од заложниците ѝ пристапи на мојата сопруга и ѝ рече: „Мислам дека Јехова го достигна моето срце и сака да му служам“.
Едгардо, Рубен и јас на еден посебен начин научивме дека Јехова може да ги поддржи неговите слуги, дури и во најужасните несреќи. Искусивме колку е прекрасно да му се молиме на Јехова и да бидеме сослушани од него. Како псалмистот, можеме да кажеме: „Ќе Те вознесувам, Господи, затоа што ме прифати и не допушти непријателите мои да се радуваат над мене. Господи, Боже мој, повикав кон Тебе, и Ти ме исцели. Господи, Ти ја изведе душата моја од пеколот и ме спаси од оние што слегуваат во гроб“ (Псалм 29:1—3; раскажал Дарио Мартин).
[Истакната мисла на страница 23]
Неколку затвореници со качулки на главата, наоружени со импровизирани ножеви, влетаа во нашата соба за состаноци
[Истакната мисла на страница 24]
Бунтовниците го користеа Едгардо и уште неколку други затворски стражари како штитови
[Истакната мисла на страница 25]
Затворениците организираа ‚почесна стража‘ за да нѐ придружува до слободата!
[Слика на страница 22]
Тројцата посетувачки религиозни слуги (од лево на десно): Едгардо Торес, Рубен Сеибел и Дарио Мартин