Луј Пастер — што открила неговата работа
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
МОЖЕ ли животот да се појави по пат на спонтано создавање? Во XIX век, некои научници мислеле така. Тие сметале дека животот може да настане сам од себе од неживата материја, без интервенција на творец.
Но, една пролетна вечер во април 1864 година, присутните слушатели во една сала за состанување на универзитетот Сорбона во Париз чуле нешто поинакво. Во една мајсторска презентација пред комисија научници, Луј Пастер успешно ја побил, точка по точка, теоријата за спонтаното создавање.
Тоа предавање и подоцнежните откритија го направиле „еден од најголемите светски научници“, како што вели The World Book Encyclopedia. Но зошто овој човек оставил таков впечаток врз луѓето од неговото време, и како станал познат ширум светот? На кој начин сега имаме корист од некои негови откритија?
Рано истражување
Луј Пастер е роден во 1822 година во малото гратче Дол, во источна Франција. Неговиот татко, кој бил кожар, имал амбиции за својот син. И покрај тоа што имал склоности кон уметноста, бил вистински уметнички талент, Луј почнал да ги проучува науките. На 25-годишна возраст станал доктор на науки.
Неговото рано истражување било поврзано со винската киселина, мешавина која се наоѓа во талогот кој останува во винските буриња. Резултатите од тоа истражување ги искористиле другите истражувачи неколку години подоцна за да го положат темелот на современата органска хемија. Пастер потоа се префрлил на проучувањето на агенсите на ферментација.
Пред истражувањето на Пастер, познато било присуството на агенси на ферментација, како што е квасецот. Но се мислело дека тие се резултат на ферментацијата. Меѓутоа, Пастер докажал дека овие агенси на ферментација не се резултат на самата ферментација туку, напротив, причина за неа. Тој покажал дека секој вид агенс за ферментација предизвикува различен вид ферментација. Извештајот кој го објавил во 1857 година во врска со тоа, денес се смета како „извод на родените на микробиологијата“.
Од тој момент натаму, неговата работа и откритијата зеле замав. Поради неговата репутација, произведувачите на оцет во Орлеан го повикале за да ги реши нивните бројни технички проблеми. Пастер докажал дека агенсот кој бил одговорен за трансформацијата на виното во оцет било она што сега се нарекува микроорганизам, кој бил присутен на површината на течноста. На крајот од неговото истражување, пред произведувачите на оцет и достоинствениците на градот ја презентирал својата прочуена „Лекција за винскиот оцет“.
Пастеризација
Пастеровото истражување на ферментацијата му овозможило да заклучи дека поголемиот дел од проблемите на појава на зараза во прехранбената индустрија бил предизвикан од микробите. Микробите се присутни во воздухот или во лошо измиените садови. Пастер тврдел дека расипувањето на хранливите производи, како последица на бактериите, би можело да се спречи ако се подобри хигиената и дека расипувањето на течностите би можело да се спречи со одржување на температурата помеѓу 50 и 60 Целзиусови степени неколку минути. Оваа метода првпат била применета на виното за да се спречи неправилната ферментација. Главните микроби биле убиени без да се предизвика голема промена на вкусот или аромата.
Овој процес, наречен пастеризација, кој го патентирал Пастер, извршил револуција во прехранбената индустрија. Во денешно време, оваа техника повеќе не се користи за вино, но сѐ уште е соодветна за бројни производи како што е млекото или овошниот сок. Меѓутоа, можат да се користат и други методи, како што е стерилизација на многу повисока температура.
Една друга индустрија која извлекла корист од Пастеровото истражување била пиварската индустрија. Во тоа време, Французите имале многу проблеми во производството и силната германска конкуренција. Пастер се зафатил со работа и им дал многу совети на пиварите. Тој предложил да обрнат внимание на чистотата на младото непревриено пиво, како и на општата чистота на околниот воздух. Успехот веднаш бил видлив и после тоа тој добил многу патенти.
Животот произлегува од живот
Од дамнина, биле предложени најневозможни идеи за да се објасни појавувањето на инсектите, црвите или другите суштества во материја која се распаѓа. На пример, во XVII век, еден белгиски хемичар се фалел дека предизвикал појава на глувци на тој начин што пикнал една валкана блуза во тегла со пченица!
Во времето на Пастер, постоела жешка дебата во научното друштво. Вистински предизвик било да се застане наспроти поборниците на спонтаното создавање. Но, како резултат на она што го дознал во неговото истражување на ферментацијата, Пастер бил сигурен. Затоа направил експерименти со намера еднаш засекогаш да ѝ стави крај на идејата за спонтаното создавање.
Еден од неговите најпрочуени експерименти е кога користел реторти со лебедови грла. Кога хранлива течност е оставена на воздух во отворена реторта, бргу се контаминира од бацили. Меѓутоа, кога е складирана во реторта која завршува со облик на лебедово грло, истата хранлива течност останува неконтаминирана. Зошто е тоа така?
Објаснувањето на Пастер било едноставно: Кога поминуваат низ лебедовото грло, бактериите во воздухот се таложат на површината од стаклото и така воздухот станува стерилен додека стигне до течноста. Бацилите кои се појавуваат во отворена реторта не се создаваат спонтано од хранливата течност, туку се пренесени преку воздухот.
За да ја покаже важноста на воздухот како преносител на микроби, Пастер отишол до Мер де Глас, глечер во француските Алпи. На висина од 1.800 метри, тој ги отворил своите запечатени реторти и ги изложил на воздухот. Од 20 реторти, само една се контаминирала. Тој потоа отишол во подножјето на планините Јура и го повторил истиот експеримент. Таму, на многу помала висина, се контаминирале осум реторти. На тој начин докажал дека поради почистиот воздух на поголемите височини, постои помал ризик за контаминација.
Преку таквите експерименти Пастер убедливо демонстрирал дека животот произлегува само од претходно постоечки живот. Никогаш не почнува да постои спонтано, односно, сам од себе.
Борба против заразните болести
Поради тоа што ферментацијата изискува присуство на микроби, Пастер резонирал дека истото мора да важи и за заразните болести. Неговите истражувања на болеста на свилената буба, сериозен економски проблем за производителите на свила во јужниот дел на Франција, покажале дека бил во право. Во рок од неколку години, ги открил причините за две болести и предложил строги методи за селектирање на здравите свилени буби. Тоа би спречило епидемии.
Додека ја проучувал кокошкината колера, Пастер забележал дека една култура бацили која била само неколку месеци стара не ги разболела пилињата, туку ги заштитила од болеста. Всушност, тој открил дека можел да ги имунизира со разреден, односно ослабен облик на бацилот.
Пастер не бил првиот што ја користел вакцината. Англичанецот Едвард Џенер ја користел уште пред него. Но Пастер бил првиот што го користел самиот агенс на болеста во разреден облик наместо да користи сроден микроб. Исто така, бил успешен во откривањето на вакцината против антраксот, заразна болест на топлокрвните животни, како што се говедата и овците.
После тоа, продолжил да ја војува својата последна и најпрочуена битка, против беснилото. Иако не го сфаќал тоа, додека се соочувал со беснилото, Пастер се справувал со еден свет многу поинаков од оној на бактериите. Сега се соочувал со вируси, свет кој не можел да го види со микроскоп.
На 6 јули 1885, една мајка го однела своето деветгодишно момче во лабораторијата на Пастер. Детето штотуку било каснато од бесно куче. И покрај преколнувањата на мајката, Пастер се колебал да му помогне на детето. Тој не бил лекар и ризикувал да биде обвинет за илегално практикување медицина. А што е најважно, сѐ уште ги немал испробано своите методи врз луѓето. Сепак, тој го замолил својот соработник, д-р Гранчер, да го вакцинира момченцето. Го направил тоа — со добри резултати. Од 350 луѓе кои биле лекувани за помалку од една година, само еден — кој бил донесен предоцна — не преживеал.
Во меѓувреме, Пастер размислувал за хигиената во болниците. Секоја година, породилната треска предизвикувала смрт на голем број жени во породилиштето во Париз. Пастер предложил асептични техники и строга хигиена, особено на рацете. Подоцнежните истражувања од страна на англискиот хирург Џозеф Листер, како и други, ја докажале точноста на Пастеровите заклучоци.
Скапоцена работа
Пастер умрел во 1895 година. Сепак, поради тоа што неговата работа била скапоцена, ние и ден-денеска имаме корист од нејзините аспекти. Затоа тој е наречен „добротвор на човештвото“. Неговото име сѐ уште е поврзано со вакцините и со процедурите за кои општо е признат како изумител.
L’Institut Pasteur, институт за лекување беснило, основан во Париз за време на животот на Пастер, денес е многу угледен центар за проучување на заразните болести. Особено е познат по својата работа во врска со вакцините и лековите — а уште повеќе од 1983 па наваму кога една екипа негови научници, предводена од професор Лук Монтанја, прва го издвоила вирусот на СИДА.
Дебатата во врска со спонтаното создавање на животот, во која Пастер бил вклучен и во која излегол како победник, не била само научна расправа. Таа била повеќе отколку само една интересна тема за дискусија меѓу неколку научници или интелектуалци. Таа имала многу поголемо значење — вклучувала докази кои биле поврзани со постоењето на Бог.
Франсоа Дагонја, француски филозоф кој специјализирал во науките, забележува дека Пастеровите „непријатели, и материјалистите и атеистите, верувале дека можат да докажат дека едноклеточниот организам може да произлезе од молекули кои се распаѓаат. Тоа им дозволило да го отстранат Бог од создавањето. Меѓутоа, што се однесувало до Пастер, немало никаков можен премин од смртта во животот“.
До ден-денеска, сите докази од експериментирањето, историјата, биологијата, археологијата и антропологијата, и понатаму го покажуваат она што Пастер го демонстрирал — дека животот може да дојде само од живот кој претходно постоел, а не од нежива материја. Доказите, исто така, јасно покажуваат дека животот се репродуцира „според својот род“, како што наведува библискиот извештај во 1. Мојсеева. Потомците секогаш се истиот „род“, односно вид, како родителите (1. Мојсеева 1:11, 12, 20—25).
Според тоа, свесно или несвесно, преку својата работа Луј Пастер дал еден силен доказ и сведоштво против теоријата на еволуција и за апсолутната потреба од творец за појавувањето на животот на Земјата. Неговата работа го одразила она што го признал понизниот псалмист: „Знајте дека е Господ, дека е Он Бог наш, дека Он нѐ создаде нас, а не ние самите“ (Псалм 99:3).
[Слика на страница 29]
Горната справа се користела за да се пастеризира виното за да се убијат несаканите микроби; тоа е истакнато во долниот цртеж
[Слика на страница 30]
Пастеровите експерименти ја побиле теоријата за спонтано создавање
[Извор на слика на страница 28]
Сите фотографии на страници 28—31: © Institut Pasteur