Зачудувачката азадирахта
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НИГЕРИЈА
„СЕЛСКА аптека“ — така луѓето во Индија го нарекуваат дрвото азадирахта. Со векови луѓето во таа земја ѝ се обраќале на азадирахтата за олеснување од болка, грозница или инфекции. Верувајќи дека азадирахтата може да помогне во прочистувањето на крвта, многу Хиндуси ја почнуваат секоја година јадејќи неколку листови од азадирахта. Исто така, луѓето ги чистат своите заби со гранчиња од азадирахта, нанесуваат сок од листот на азадирахта на кожни оштетувања и пијат чај од азадирахта како медицински тоник.
Во последниве години, научниците покажуваат сѐ поголем интерес за азадирахтата. Меѓутоа, еден научен извештај со наслов Neem—A Tree for Solving Global Problems, предупредува: „Иако можностите изгледаат речиси бескрајни, сѐ уште не е дефинитивно ништо во врска со азадирахтата. Научниците кои се највоодушевени од тоа растение и нејзиниот потенцијал признаваат дека засега доказот кој ги поддржува нивните очекувања е несигурен“. Меѓутоа, извештајот исто така наведува: „Две децении истражување откриле ветувачки резултати во толку многу дисциплини што овој непознат вид може да биде од огромна корист и во сиромашните и во богатите земји. Дури и некои од најпретпазливите истражувачи велат дека ‚азадирахтата заслужува да биде наречена чудесно растение‘“.
Нејзината улога како дрво
Пронајдена во тропските региони, азадирахтата е член на фамилијата махагони дрвја. Таа расте до височина од 30 метри и може да достигне обем од преку 2,5 метри. Бидејќи ретко останува без лисја, таа дава сенка во текот на целата година. Расте брзо, бара малку одржување и добро успева на слаба почва.
Била донесена во Западна Африка рано во овој век за да дава сенка и за да спречи пустината Сахара да се шири на југ. Шумарите го засадиле дрвото и на Фиџи, Маврициус, во Саудиска Арабија, Централна и Јужна Америка и на островите на Карибите. Во Соединетите Држави има експериментални парцели во јужните подрачја на Аризона, Калифорнија и Флорида.
Освен тоа што дава сенка во текот на целата година во жешките поднебја, азадирахтата може да се користи и како огревно дрво. Освен тоа, нејзиното дрво кое е отпорно на термити е корисно во градежништвото и во дрводелството. Така, судејќи само врз основа на нејзината корисност како дрво, азадирахтата има голем придонес. Но, тоа е само почеток.
Бубачките не ја поднесуваат
Бидејќи луѓето од Индија подолго време знаат дека листовите на азадирахтата ги бркаат досадните инсекти, тие ставаат листови во креветите, книгите, кантите, креденците и ормарите. Во 1959, еден германски ентомолог и неговите студенти се впуштиле во истражување на азадирахтата откако биле сведоци на огромна навала од скакулци во Судан, во која милијарди скакулци ги проголтале листовите на сите дрвја освен на азадирахтата.
Оттогаш, научниците дознале дека комплексниот хемиски арсенал на азадирахтата е делотворен против повеќе од 200 видови инсекти, како и против различни црви, глисти, габи, бактерии, па дури и против неколку вируси. Во еден експеримент, истражувачите поставиле листови од соја во еден сад со јапонски бубачки. Половината од секој лист бил попрскан со екстракти од азадирахта. Бубачките ги изеле неиспрсканите половини од секој лист, но прсканите делови не ги ни допреле. Всушност, тие порадо би умреле од глад отколку да изедат дури и сосема мали делчиња од испрсканите листови.
Таквите експерименти укажуваат на можноста да се развие евтина, неотровна и лесно подготвена алтернатива за извесни синтетички пестициди. На пример, во Никарагва фармерите мешаат истолчено семе од азадирахта заедно со вода — 80 грама семе на еден литар вода. Тие го киснат истолченото семе 12 часа, ги исцедуваат семињата и потоа ја попрскуваат жетвата со таа вода.
Препаратите од азадирахтата не ги убиваат веднаш повеќето од инсектите. Спрејовите од азадирахтата ги менуваат животните процеси на инсектот така што на крајот тој повеќе не може да се храни, да се размножува ниту да се метаморфозира. Но, иако препаратите од азадирахтата дејствуваат против бубачките, изгледа дека не се штетни за птиците, топлокрвните животни или за луѓето.
„Селска аптека“
Потоа, има и некои други користи за луѓето. Семињата и листовите содржат состојки кои покажуваат антисептичко, антивирусно и антигабично дејство. Се сугерира дека азадирахтата веројатно може да ги победи воспаленијата, високиот крвен притисок и чиревите. Се вели дека лековите од екстрактите на азадирахтата дејствуваат против дијабетесот и маларијата. Другите потенцијални користи го вклучуваат следново:
Средства против инсекти. Една состојка на азадирахтата наречена селанин, силно одбива извесни инсекти кои касаат. Средството против муви и комарци направено од масло на азадирахта веќе е пуштено во продажба.
Дентална хигиена. Милиони Индијци секое утро кршат гранче од азадирахта, го џвакаат крајот за да го омекнат и потоа го користат за да ги тријат забите и непцата. Истражувањето покажало дека ова е корисно, бидејќи состојките на кората имаат силно антисептично дејство.
Контрацептивни својства. Маслото од азадирахтата е силен спермацид, и се покажало делотворно во намалувањето на стапката на раѓање кај лабораториските животни. Експериментите кај мајмуните навестуваат дека состојките на азадирахтата би можеле да овозможат и орална контрацептивна пилула за мажите.
Јасно е дека азадирахтата не е обично дрво. Иако доказите не се целосни, азадирахтата покажува дека ветува многу — за подобрување на контролата на штетниците, за унапредување на здравјето, помагање во пошумувањето и, можеби, за контролирање на пренаселеноста. Не изненадува толку тоа што зачудувачката азадирахта луѓето ја нарекле „Божји дар за човештвото“!
[Слики на страница 27]
Азадирахта, со приложен лист од неа