Посебно писмо до нивните родители
Две тинејџерки од Шпанија неодамна им напишале на своите родители писмо на ценење. Еве неколку извадоци:
До нашите драги родители, Пепе и Висента!
Од каде да почнеме? Сакаме да ви кажеме толку многу работи а тешко е да се каже сѐ со неколку збора. Сакаме да ви се заблагодариме за нашите 17 и 15 години живот, години кои беа исполнети со грижа и љубов.
Секогаш го знаевме вашето мислење и вашите правила. Понекогаш се прашувавме зошто мораме да се вратиме дома во одредено време, но сега, откако видовме како се одвиваа работите со другите млади на кои не им беше одредено времето кога да се вратат дома, сфаќаме дека со тие правила сме биле заштитени.
Вашиот пример никогаш да не пропуштиме христијански состанок во Салата на Царството, освен поради некоја навистина добра причина, многу ни помогна, како и проповедањето со вас во неделите. Во неделните утра не треба да прашуваме дали ќе одиме во служба на теренот. Сосема добро знаеме дека ќе одиме!
Нашето воспитување вклучуваше и да се научиме на гостопримство. Затоа, многумина доаѓаат во нашиот дом и вие секогаш им го давате најубавото што го имате. Тоа го видовме со нашите детски очи и цениме што имаме родители кои се нешто посебно.
Никој не нѐ познава и не нѐ разбира подобро од вас. Вие сте нашите најдобри пријатели, пријатели во кои имаме целосна доверба.
На крајот, сакаме да ви кажеме дека многу ве сакаме. Вие сте наши родители и не би ве замениле за никој друг. Кога би можеле повторно да ги бираме нашите родители и нашиот начин на живот, без сомнение, би ве избрале вас и повторно би го живееле истиот живот.
Со бакнежи на љубов, вашите ќерки,
ЕСМЕРАЛДА И ЈОЛАНДА