Смарагди — многу ценети меѓу скапоцените камења
ЦЕНЕТИ поради нивната блескава зелена боја, смарагдите ги разубавувале скапоцените камења на круните и ги украсувале престолите на некои од најстарите кралски династии во историјата. Денес, исто како и во минатото, тие се симбол на богатство и моќ.
Ширум светот, смарагдите обично се сметаат за поскапоцени од дијамантите. По правило, само рубините се сметаат за повредни. Сепак, геологот Тери Отави тврди дека „од карат на карат, смарагдите со највисок квалитет се најскапите скапоцени камења во светот“. Во зависност од квалитетот, смарагдот што би можел да се смести на Вашата дланка и би тежел 3 грама, би можел да вреди еден милион долари!
Делумно, вредноста на смарагдите доаѓа оттаму што тие се ретки. Тие се еден вид кристал берил. По состав смарагдите се комбинација од вообичаените елементи алуминиум и силициум и реткиот елемент берилиум. Мали количества елементи како примеса, хромот или ванадиумот, им ја даваат на смарагдите нивната раскошна зелена нијанса.
Ископувани уште од древните времиња
Со илјадници години, речиси целата светска резерва на смарагди доаѓала од Египет. Легендарните рудници на Клеопатра, сместени околу 700 километри југоисточно од Каиро, биле енергично експлоатирани најпрво од Египтјаните а подоцна од Римјаните и Турците. Колку само макотрпен потфат мора да било тоа! Жестокото пустинско сонце и нагризувачкиот прав и нечистотија во подземните рудници мора да им предизвикувале сериозни тешкотии на работниците. Освен тоа, сите резерви морале да се донесат со караван од реката Нил — патување кое траело најмалку една седмица. И покрај овие огромни тешкотии, рудниците речиси постојано работеле од околу 330 пр. н. е. до 1237 н. е.
Во древните времиња луѓето ги посакувале смарагдите како поради нивната убавина така и поради нивната наводно магична, лековита моќ. Смарагдите се рекламирале како лек за многу болести. Се верувало дека можат да влијаат и врз плодноста и желбата кај жените. Се разбира, се развила брза и профитна трговија помеѓу Египет и другите нации, дури до Индија.
Овој монопол траел сѐ додека шпанските конквистадори не дошле во Јужна Америка во почетокот на 16 век. Кратко потоа, Хименез де Кесада ја освоил денешна Колумбија. После неколку години, во 1558, Шпанците откриле еден рудник кај Музо. Смарагдите што ги имало таму го одземале здивот со својот квалитет и големина.
Шпанците веднаш ја презеле контролата над рудникот и го поробиле локалното население, користејќи го за да ја извршува исцрпувачката, опасна работа на ископување на скапоцените камења. За неколку години, во Европа надошла вистинска поплава од големи смарагди кои биле речиси без маана, од кои многу се нашле во рацете на отоманските Турци, персиските шахови, па дури и на кралското семејство на Индија. Овие камења биле брусени и гравирани, со што станале темел за многу бесценети збирки скапоцени камења.
Високата безбедност неефективна
Денес, најсиромашните луѓе во светот со мака ги вадат овие скапоцени камења од тврдата, непробојна земја, поради што новинарот Фред Вард забележал: „Една од големите иронии на трговијата со смарагди е тоа што повеќето луѓе кои ги наоѓаат тие камења не можат дури ни да си замислат да насоберат доволно пари за да ги носат“. Бидејќи искушението за работниците да скријат некој камен и да го прокриумчарат е речиси неодоливо, повеќето рудници ангажираат внатрешни сили на безбедност. Чувари со пушки внимателно ги набљудуваат работниците додека тие напорно копаат и ријат.
Меѓутоа, и покрај овие мерки, стручњаците тврдат дека голем дел од светската трговија со смарагди останува нелегална. „Повеќето смарагди се пренесуваат недокументирани, неоданочени, невидени, закопани во светскиот таканаречен црн пазар на трговијата. Речиси секој смарагд со висок квалитет бил прокриумчарен некогаш во својата историја“, вели списанието National Geographic.
Купувачу, внимавај!
Поради начинот на кој настануваат, смарагдните кристали имаат многу природни, внатрешни недостатоци наречени инклузии. Кога овие недостатоци ќе дојдат до надворешната површина на каменот, тие изгледаат како пукнатини, расипувајќи ја политурата на каменот и во голема мерка намалувајќи ја неговата вредност. Со векови дилерите ги маскирале овие маани на површината накиснувајќи ги исчистените и полирани скапоцени камења во топла бања од масло, како што е кедровото или палмовото масло. Со загревањето воздухот излегува од пукнатините на камењата и во нив се слева маслото, со што ефективно се прикриваат мааните. Потоа, така обработените скапоцени камења се продаваат како камења со врвен квалитет. Меѓутоа, за една или две години, маслото испарува и се разоткриваат недостатоците, оставајќи ги муштериите збунети и разочарани.
Потенцијалниот муштерија треба да внимава и на тоа дека постојат имитации. До средниот век, употребата на зелено стакло кое се полирало и се сечело за да биде имитација на смарагдите била добро утврдена практика. Во текот на годините, многу луѓе кои немале никакви сомневања биле измамени да поверуваат дека го имаат вистинското нешто кога, всушност, поседувале имитација. National Geographic забележува: „Професионалците се измамени исто како и јавноста“. Меѓутоа, постојат тестови кои му овозможуваат на добриот познавач на скапоцени камења да ја гарантира автентичноста на смарагдот.
И покрај тоа што човечката лакомост донекаде го замаглила сјајот на нивниот лик, сепак смарагдите сѐ уште се убави, ретки и вредни. Тие и понатаму остануваат скапоцено чудо на Божјето создавање.
[Извори на слики на страница 11]
Сите смарагди: S. R. Perren Gem и Gold Room, Royal Ontario Museum; Ancient Egypt Gallery, Royal Ontario Museum