Природната средина — како влијае врз вашето здравје
НЕОДАМНА, д-р Валтер Рид, од Светскиот институт за природни ресурси, за радиото на ОН изјави дека влијанието на човекот врз глобалните системи во природната средина сега е дојдено до тој степен кога човекот „ги нарушува овие циклуси на многу сериозен начин“. Д-р Рид вели дека тоа нарушување на природната средина е она што придонесува за опасност по здравјето ширум светот. Во една статија за книгата World Resources 1998-99 (Природни ресурси во светот во 1998—99), списанието Our Planet, издадено од Обединетите нации, наведува некои од опасностите за здравјето на луѓето. Во нив спаѓаат следниве:
□ Загадувањето на воздухот внатре и надвор доведува до инфекции на респираторниот систем, кои предизвикуваат смрт скоро на четири милиони деца секоја година.
□ Недостигот на чиста вода и канализација придонесува за ширењето на дијареја, која ги одзема животите на три милиони деца секоја година. На пример, колерата, која долго време беше истребена од Латинска Америка, повторно се појави таму и само во 1997 усмрти 11.000 луѓе.
Се известува дека секој ден повеќе од 30.000 деца во најсиромашните делови на светот умираат од болести поврзани со природната средина. Само обидете се да си го замислите тоа — 30.000 лица секој ден од годината, доволно за да се пополнат сите седишта на околу 75 млазни авиони.
Меѓутоа, опасностите за здравјето поради природната средина не се ограничени на земјите во развој. Our Planet забележува дека „повеќе од 100 милиони луѓе во Европа и Северна Америка сѐ уште се изложени на нечист воздух“, што придонесува за драматичен пораст на случаите на астма. Во исто време, зачестените меѓународни патувања и трговијата придонеле за појавата на 30-тина нови заразни болести во развиените земји. Освен тоа, списанието известило дека болестите кои претходно биле ставени под контрола „се вратиле во зголемен обем“.
Трагедијата е во тоа што повеќето од овие болести поврзани со природната средина можат да се спречат со постоечката технологија и со релативно ниски трошоци. На пример, би можеле да се постигнат значителни подобрувања во здравството ако се обезбеди чиста вода и канализација за сите луѓе. Колку пари ќе бидат потребни за да се реализира оваа цел? Радиото на ОН известува дека, според Human Development Report 1998 на Обединетите нации, обезбедувањето чиста вода и санитарни услови за секого би чинело 11 милијарди долари — што е помалку од износот што Европејците го трошат на сладолед во текот на една година!
[Извор на слика на страница 12]
Фотографија на: Casas, Godo-Foto