Далматиновата Библија — ретка, но не и заборавена
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО СЛОВЕНИЈА
ПОСЛЕДНИТЕ буриња со скапоцена содржина пристигнале во Словенија кон крајот на 1500-тите. Веќе две години патувале по различни патишта. За да се скрие нивната содржина, на овие буриња била ставена етикетата „карти за играње“ или „намирници“. Во нив биле скриени кожените примероци од првата комплетна Библијата на словенечки јазик.
Оваа скапоцена пратка претставувала исполнување на сонот на двајца оддадени мажи — Јуриј Далматин и Примож Трубар, кои го посветиле својот живот на преведување на Библијата на обичниот јазик на својот народ. Иако овие луѓе можеби не се спомнати во многу книги по историја, нивните имиња можат да се внесат во списокот на оние што дале голем придонес во почетното преведување на Библијата.
Далматин, човекот што е одговорен за тајното пренесување на Библиите, додал и еден раскошно укоричен примерок за Трубар, својот пријател и советник. Да ги разгледаме предизвиците со кои се соочиле овие двајца луѓе додека ја подготвувале Библијата на обичниот јазик на своите сонародници.
Развојот на еден преведувач
Во 16 век, Светото Римско Царство, кое било тесно поврзано со римокатоличката црква, сѐ уште било цврсто утврдено во поголемиот дел на Европа. Меѓутоа, протестантската реформација била во тек и ефектите од ова движење постепено почнале да се чувствуваат во градовите и селата на територијата на денешна Словенија. Трубар, локален свештеник, бил меѓу првите што ги прифатиле протестантските убедувања.
Бидејќи латинскиот бил јазик на католичката црква, само малкумина привилегирани што биле школувани на овој древен јазик можеле да ги разберат црковните служби и Библијата. Сепак, реформаторите рекле дека црковните служби треба да се одржуваат на јазик што можат да го разберат сите. Затоа, во средината на 1500-тите, за време на црковните служби некои библиски стихови се читале на локалниот словенечки јазик. Ова било можно затоа што словенечкиот еквивалент на извесни текстови бил пишуван на маргините на латинскиот молитвеник, односно книга за миси, што ја користеле свештениците.
Меѓутоа, Трубар сакал да ја има целата Библија на словенечки јазик. Бидејќи тогаш сѐ уште немало словенечка азбука, Трубар измислил азбука и во 1550 ја напишал првата книга отпечатена на словенечки јазик. Во неа внел и некои библиски стихови од Битие. Подоцна ги превел на словенечки јазик и псалмите, а на крајот и целиот Нов завет, односно Христијанските грчки списи.
Сепак, Трубар признал дека ги нема јазичните вештини што биле потребни за да ја оствари својата амбиција да ја преведе целата Библија на словенечки јазик. Во Јуриј Далматин, надарен млад студент, тој видел некој што ќе може да му помогне да ја постигне својата цел.
Почетоците на Далматин
Далматин, дете од едно сиромашно семејство, е роден околу 1547 во едно село кое се наоѓало во денешна јужна Словенија. Како момче одел во локалното училиште што го водел еден нов преобратеник на протестантизмот, а тоа многу влијаело врз неговите подоцнежни религиозни склоности. Со поддршка на Трубар, на еден учител и на локалната епархија, Далматин посетувал едно религиозно училиште и подоцна отишол на универзитет во Германија. На тој начин го усовршил латинскиот и германскиот јазик, научил хебрејски и грчки и ги завршил студиите по филозофија и теологија.
Иако Далматин студирал во странство, Трубар го охрабрил да го цени и да го усоврши својот мајчин јазик, словенечкиот. Додека Далматин одел на универзитет, кога сѐ уште бил во своите 20-ти години, ја започнал монументалната задача да ја преведе Библијата на јазикот на своите сонародници. Горливата желба на Трубар да ја има комплетната Библија на словенечки јазик сега станала главна животна цел на Далматин.
Започнува преведувањето
Зафаќајќи се со овој проект со голема воодушевеност, Далматин почнал со превод на хебрејските списи. Очигледно преведувал од оригиналните јазици, но тесно се држел за германскиот превод на латинската Вулгата, што го направил Мартин Лутер. До 1577, Трубар ги превел целите Христијански грчки списи на словенечки, како што спомнавме претходно. Сега Далматин направил корекции на текстот на Трубар и го усовршил, повторно потпирајќи се на германскиот превод на Библијата што го направил Лутер. Отстранил многу од германизмите на Трубар и го направил преводот подоследен. Можеби Далматин го користел своето знаење на грчкиот јазик во својата преведувачка работа, но изучувачите сѐ уште дебатираат дали ги консултирал раните грчки текстови или не.
Препреки на патот
Бидејќи словенечката азбука била воведена само неколку децении порано, Далматин се соочил со една обесхрабрувачка задача. Освен тоа, вокабуларот бил мал, а прирачници на словенечки јазик не постоеле. Затоа, била потребна голема инвентивност да се преведе текстот на разбирлив словенечки јазик.
Контрареформаторското движење ги отежнало работите. Бидејќи печатарската машина во Словенија била забранета, Библијата морало да се отпечати во странство. Затоа било потребно камуфлирање кога Библиите биле испратени во земјата. Сепак, и покрај препреките, Далматин ја постигнал својата цел за само десет години, очигледно додека сѐ уште бил во своите рани 30-ти.
Под надзор на Далматин, за седум месеци биле отпечатени првите 1.500 примероци од Библијата. Мнозина ја нарекле оваа Библија ремек-дело на литературата и уметничко дело, бидејќи била убаво илустрирана со 222 резби. Голем број од оригиналните Библии сѐ уште постојат и овој превод се користел како основа за денешните верзии на Библијата на словенечки јазик. Трудот на овие двајца луѓе придонел за тоа денес Словенците да можат да ја читаат Божјата реч на својот мајчин јазик.
[Рамка/слика на страница 27]
БОЖЕСТВЕНОТО ИМЕ
Далматин го додал следново објаснување во предговорот на својот превод на Светото писмо: „Секаде каде што зборот ГОСПОД е отпечатен со големи букви, тоа го означува само ГОСПОД Бог чие има е יהוה, Јехова, на еврејски јазик. Ова име му припаѓа само на ГОСПОД Бог и на никој друг“.
[Слики на страници 26 и 27]
Примож Трубар
Насловната страница на словенечката Библија
[Извор на слика]
Сите слики освен тетраграматонот: Narodna in univeržitetna knjiznica—Slovenija—Ljubljana