Гледиште на Библијата
Божјата употреба на сила — дали е оправдана?
СМРТОНОСНАТА употреба на сила е постојано обележје на човечката историја. Според една проценка, веројатно 170.000.000 луѓе биле убиени во 20 век од нивните сопствени политички режими. Како што со голема точност покажува Библијата, луѓето постојано владееле над други луѓе на нивна штета (Проповедник 8:9).
Со оглед на тоа што човекот погрешно ја применува силата, некои можеби ја доведуваат во прашање Божјата употреба на сила за да ги уништи неговите непријатели. Зарем Евреите, под директна заповед од Бог, не ги нападнале и убиле хананејските жители на Ветената земја? (Второзаконие 20:16, 17). И зарем самиот Бог не вели дека ќе ги уништи и дека ќе им стави крај на сите владетелства што му се противат? (Даниел 2:44). Некои искрени поединци се прашуваат дали Божјата употреба на сила е секогаш оправдана.
Злоупотреба на силата
Неопходно е да се сфати дека способноста да се користи сила е многу битен елемент на една влада. Администрацијата што не може да ги спроведе своите декрети, всушност, е немоќна. На пример, колку луѓе, и покрај извештаите за злоупотреба од страна на полицијата, ќе бидат спремни да се откажат од заштитата што ја обезбедува полицијата? И кој е тој што со здрав разум ќе аргументира дека не е потребно да се спроведува правен систем, макар и „со заби“?
Мохандас Ганди, прочуен по тоа што се гнасел од насилството, во една прилика навел: „Да замислиме дека некој човек полудел и разбеснето се шета во околината, со меч во раката, и убива секого што ќе му излезе на патот, а никој не се осмелува да го фати жив. Секој што ќе го суреди овој лудак ќе заслужи благодарност од околината и ќе се смета за добар човек“. Да, дури и Ганди увидел потреба од сила под извесни околности.
Очигледно, способноста да се примени сила е неопходен елемент на секое стабилно општество. Општо земено, кога луѓето ја осудуваат употребата на сила, тие, всушност, ја критикуваат злоупотребата на сила (Проповедник 4:1—3).
„Сите негови патишта се правда“
Историјата не дава доказ дека Бог некогаш ја злоупотребувал својата моќ. Тој не владее своеволно користејќи сила. Тој сака да го обожаваме од љубов (1. Јованово 4:18, 19). Всушност, Бог не користи сила ако има праведен начин да го избегне тоа (Еремија 18:7, 8; 26:3, 13; Езекиел 18:32; 33:11). А кога ќе одлучи да користи сила, секогаш дава доволно предупредувања за секој што сака да може да преземе чекори да се поправи (Амос 3:7; Матеј 24:14). Дали ова се постапки на еден своеволен, суров Бог?
Божјата употреба на сила нема ништо заедничко со неоправданата злоупотреба на моќ од страна на луѓето. „Сите негови патишта се правда“, вели Мојсеј за Јехова, „Бог на верноста, кај кого нема неправда“ (Второзаконие 32:4, NW). За разлика од владите на човечките тирани, Божјата влада не се темели на тоа кој има поголем стап. Во секој случај, тој користел сила во склад со својата совршена љубов, мудрост и правда (Псалм 111:2, 3, 7; Матеј 23:37).
На пример, кога Бог ги уништил злобните луѓе во Потопот, тоа го направил по многу години предупредување. Секој можел да ја искористи заштитата на арката и да преживее. Но, само осум души го сториле тоа (1. Петрово 3:19, 20; 2. Петрово 2:5). Во деновите на Исус Навин, Израел го извршил Божјиот суд врз расипаните Хананејци, суд изречен повеќе од 400 годни пред тоа! (Битие 15:13—21). Целото тоа време Хананејците не можеле да останат во незнаење за силните докази дека Израелците биле Божји избран народ (Исус Навин 2:9—21; 9:24—27). Сепак, ниту една хананејска нација освен Гаваонците не побарала милост ниту, пак, ја искористила приликата да моли за мир. Наместо тоа, Хананејците одлучиле да ги закорават срцата против Бог (Исус Навин 11:19, 20).
Бог има авторитет
Кога се обидуваме да ја разбереме Божјата употреба на сила, мораме да започнеме со основната вистина за нашата положба пред Бог. „Ние сме глина, а Ти си нашиот Грнчар“, понизно признал пророкот Исаија (Исаија 64:8). Очигледно, како Творец на универзумот, Бог може да употреби сила како што сака. Признавајќи го Божјиот авторитет, како Соломон можеме да речеме: „Зашто во царскиот збор е силата, и кој смее да го праша: ‚Што правиш?’“ (Проповедник 8:4; Римјаните 9:20, 21).
Заради Божјата положба на семоќен Творец, во негови раце е да го даде и да го одземе земниот живот. Всушност, луѓето не се во положба оправдано и со увид да ја доведат во прашање Божјата употреба на сила. Човекот мора да научи да го приспособи своето размислување кон Божјето. „Не се ли неправедни вашите патишта?“, прашал Јехова (Езекиел 18:29; Исаија 45:9).
Јеховиното чувство за правда и неговата љубов кон луѓето е тоа што ќе го поттикне да ја исчисти земјата од оние што ја злоупотребуваат моќта и насилнички ги газат правата на другите. Овој чин на сила ќе воспостави идеални услови на земјата за сите луѓе што го сакаат мирот (Псалм 37:10, 11; Наум 1:9). На тој начин Божјата влада ќе биде оправдана засекогаш (Откровение 22:12—15).