Поглед во светот
„Скоро шест милиони деца годишно — по едно на секои 5 секунди — умираат затоа што немаат доволно за јадење“
◼ Официјалниот број на жртвите од ураганот Катрина, кој го погоди југот на Соединетите Држави во август 2005 година, изнесува повеќе од 1.300 лица (THE WASHINGTON POST, САД).
◼ Во земјотресот што го погоди северен Пакистан и Индија во октомври 2005 година загинаа повеќе од 74.000 лица (BBC NEWS, БРИТАНИЈА).
◼ Според еден извештај, „секоја година гинат скоро 1,2 милиони луѓе во сообраќајни несреќи низ целиот свет“ (SOUTH AFRICAN MEDICAL JOURNAL, ЈУЖНОАФРИКАНСКА РЕПУБЛИКА).
Богатството задава проблеми
Управата на Римокатоличката црква не знае како да ги заштити уметничките богатства од колонијалниот период што ги красат црквите на Перу. Во изминатите шест години, 200 цркви биле мета на крадци. Во последните 15 години, само во Куско биле украдени 5.000 уметнички дела, главно скапоцени слики со масло. Никој не знае колку точно уметнички дела биле ограбени во целата земја. За да ги осуетат крадците, некои цркви ги скриле своите уметнички скапоцености, но ги ставиле во лоши услови. Во една парохија дел од колекцијата на слики изработени со масло бил изеден од глодари.
Криза на пазарот на трудот во Финска
Индустриските и услужните дејности во Финска имаат очајна потреба од занаетчии со средна стручна спрема, како што се столари, водоинсталатери, заварувачи, ѕидари, механичари, машински работници и медицински сестри. Зошто? Затоа што премногу се става нагласок на високото образование, објаснува весникот Helsingin Sanomat. „Апсурдно е учениците од цела една генерација да станат доктори и магистри на општествени и природни науки“, вели Хеики Ропонен од Здружението на финските трговци. „Занаетчиството треба да се цени повеќе.“
Поволна пресуда во Франција
На 1 декември 2005 година, апелациониот суд во Париз му нареди на министерот за внатрешни работи на Франција да им овозможи на Јеховините сведоци пристап до полициските документи кои биле искористени за Сведоците да бидат ставени на црниот список на „култови“ во 1996 година. Списокот бил изработен на сослушувања кои не биле отворени за јавноста, а содржината на документите се чувала во тајност наводно заради ‚државна и јавна безбедност‘. Но, судот открил дека „проценката на последиците“ од дејноста на Сведоците која била внесена во документите е навистина од „безначајна природа“. И покрај тоа, списокот постојано бил користен за да се оправдаат предрасудите кон Јеховините сведоци во Франција.
„Големиот зелен ѕид“
Прекумерното пасење, сушите, ископачувањето на шумите и претераното искористување на изворите на вода придонеле огромни подрачја во Кина да се претворат во пустинско земјиште. Затоа кинеските власти започнале со „најголемиот еколошки проект во светот“, се вели во New Scientist. „Во склоп на оваа програма, која стана позната под името ‚големиот зелен ѕид‘, беа посадени огромен број дрвја за да се создаде бариера што ќе спречи ветрот да ја носи прашината низ целата земја“. Освен тоа, се садат трева и грмушки за да се стабилизира правливата почва. Откако бил почнат, во 1978 година, до сега, проектот е реализиран скоро до половина. Целта е да се засадат 35 милиони хектари земјиште со дрвја и други растенија што можат да опстојуваат во сушни предели.