Омиленото овошје на производителите на парфеми
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
ПАРФЕМИТЕ имаат долга историја. Во библиски времиња парфемите ги освежувале со пријатен мирис домовите, облеката, креветите и телата на оние што можеле да си ги дозволат. Некои од состојките на парфемите се разни видови алое, балсамово масло, цимет и други зачини (Изреки 7:17; Песна над песните 4:10, 14).
Екстрактите што се добиваат од растенија сѐ уште се основна состојка на парфемите. Отидовме во Калабрија, регион на крајниот југ на Апенинскиот Полуостров, за да видиме каде се произведува една таква состојка. Можеби зборот „бергамот“ воопшто не ти е познат, но се вели дека аромата од ова овошје ја има во речиси една третина од женските парфеми и во половина од машките колонски води. Ајде да се запознаеме малку подобро со бергамотот.
Бергамотот е зимзелено цитрусово дрво. Почнува да цвета напролет, а жолтите плодови кои имаат мазна кора и големина слична на портокал, се берат во доцна есен или рана зима. Голем број стручњаци го сметаат бергамотот за хибридно растение, а додуша, неговото потекло и не е баш познато. Никаде не растат диви дрвца на бергамот, ниту пак се засадуваат од семе. За да добијат вакви дрвца, овоштарите мораат да накалемат фиданки од ова дрво на дрвја од сличен вид, како што се лиметата или киселиот портокал.
За производителите на парфеми, бергамотот има уникатни својства. Во една книга која зборува на таа тема се вели дека екстрактот што се добива од бергамотот има несекојдневна способност да „измеша и да спои разни ароми, да ги сплоти во еден препознатлив и карактеристичен мирис и да му даде посебна свежина на секој спој во кој е содржан и тој“.a
Одгледување во Калабрија
Од историските записи дознаваме дека бергамотот се одгледувал во Калабрија уште во почетокот на 18 век и дека тамошните жители понекогаш им продавале екстракт од бергамот на луѓето што минувале низ тој крај. Меѓутоа, комерцијалното одгледување зависело од развојот, производството и продажбата на колонска вода. Во 1704 год., Џан Паоло Феминис, италијански имигрант во Германија, создал тоалетна вода која ја нарекол аква адмирабилис, или „прекрасна вода“. Главна состојка на оваа тоалетна вода бил екстракт од бергамот. Овој парфем станал познат како колонска вода, според градот Келн, каде што бил произведен.
Првиот овоштарник со бергамоти бил насаден во Реџо ди Калабрија околу 1750 год., а големиот профит од продажбата на екстракт од плодовите бил поттик да се зголеми одгледувањето на овие овошки. Дрвцата виреат на блага клима. Исто така, треба да се засадени на јужна страна и на некој начин да се заштитени од студените северни ветрови. На дрвцата не им одговараат силни ветрови, нагли промени во температурата и подолги периоди на влага. Идеална микроклима за нив има на еден тесен појас, кој е само 5 километри широк и 150 километри долг и се наоѓа во близина на најјужниот брег на Апенинскиот Полуостров. Иако се прават напори да се одгледува бергамот и на други места, најголемо производство на бергамот во светот има во подрачјето на Реџо. Единствениот друг поголем производител на бергамот е Брегот на Слоновата Коска во Африка.
Етеричното масло од бергамотот — жолтозеленикава течност — се добива од кората на плодот. Порано, ова масло се добивало така што плодот се сечел на половина, се вадела срцевината, а кората се гмечела при што екстрактот кој излегувал од неа се распрскувал врз сунѓери. За да се добијат отприлика 450 грама екстракт треба да се изгмечат околу 90 килограми бергамот. Денес, речиси целиот екстракт се добива машински, при што се користат абразивни дискови или валјаци за да се изренда кората на целиот плод.
Малку познато но нашироко користено
Можеби ова овошје е малку познато надвор од Калабрија, но во една книга се вели дека „меѓу експертите, бергамотот е магичен збор“. Освен во парфемите, неговата овошна арома ја има и во разни производи, како што се сапуните, дезодорансите, пастите за заби и кремовите. Како зачин, бергамотот се користи во сладоледот, во разни чаеви, во слатки и во пијалаците. Бидејќи помага при потемнувањето на кожата, се користи и како состојка во кремите за сончање. Бергамотот има антисептичко и антибактериско дејство, па затоа се користи и во фармацевтската индустрија при производството на средства за дезинфекција што се користат во хирургијата, во офталмологијата и во дерматологијата. Пектинот на бергамотот, супстанција која има силно желатинозно дејство, се користи и во препаратите за спречување на крвавење и дијареја.
Хемиските аналитичари имаат одвоено околу 350 состојки на екстрактот од бергамот кои придонесуваат за неговиот единствен мирис и многуте други својства. И замисли, сето ова е содржано во само едно овошје!
Библиските писатели најверојатно не биле запознати со бергамотот. Меѓутоа, секој што ќе размисли за својствата на ова овошје и за мудроста на неговиот Творец сигурно ќе најде доволно причини да го каже истото што го кажал и псалмистот: „Фалете го Јехова... овошки“ (Псалм 148:1, 9).
[Фуснота]
a Како што некои луѓе се алергични на полен или на цвеќе, други имаат алергиска реакција на парфеми. Разбудете се! не рекламира ниту еден конкретен производ.
[Слика на страница 25]
Екстрактот од бергамот се добива со рендање на кората од целиот плод
[Извор на слика]
© Danilo Donadoni/Marka/age fotostock