Поглед во светот
◼ „Во Америка, возењето под дејство на алкохол е една од причините за најголем број смртни случаи во сообраќајот“, вели в.д. секретарот за транспорт Марија Сино. Во 2005 год., од сите сообраќајни несреќи во кои имало загинати, во 39 отсто од нив се работело за возење под дејство на алкохол (МИНИСТЕРСТВО ЗА ТРАНСПОРТ НА САД).
◼ „Денес, на секој квадратен километар океанска површина има повеќе од 18.000 парчиња пластичен отпад“ (ЕКОЛОШКА ПРОГРАМА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ — УНЕП).
◼ „Вработените во САД поминуваат половина милион часови годишно играјќи [компјутерски] игри на работното место, а штетата од помалата продуктивност, која е последица од тоа, се проценува на 10 милијарди долари.“ Тука не е вклучено времето што „го поминуваат сурфајќи на Интернет за лични потреби“ (MANAGEMENT-ISSUES WEB SITE).
Насилство врз децата
Од Светската здравствена организација се известува дека „за многу деца, насилството е нешто нормално, нешто секојдневно“. Според еден неодамнешен извештај на генералниот секретар на ОН, „во 2002 год., во светот биле убиени речиси 53.000 деца“. Освен тоа, милиони деца се експлоатирани за работа, проституција или порнографија. Може ли да се стави крај на ова зло? Во извештајот на генералниот секретар стои: „Има фактори што на децата би требало да им послужат како заштита во семејниот круг, но и во други прилики. Некои од тие фактори се добрата грижа од страна на родителите, цврстата врска што треба да постои меѓу родителите и децата, како и воспитувањето и стегата, но без примена на насилство“.
Добри пријатели, долг живот!
Во весникот Journal of Epidemiology and Community Health се известува дека човек може да има подолг животен век ако има голем број добри пријатели. Во период од десет години, речиси 1.500 Австралијци постари од 70 години беа вклучени во едно испитување за да се види како влијаат пријателствата врз долговечноста. Кај поединците што имаат голем број пријатели, смртноста беше за 22 отсто помала отколку кај оние што имаат малку пријатели. Во извештајот се вели дека добрите пријателства позитивно влијаат врз постарите и во поглед на „депресијата, самоувереноста, самопочитта, самодовербата и способноста да се справат со проблемите, или врз чувството дека го имаат својот живот под контрола“.
Британците се во долгови до гуша
Во лондонскиот весник The Daily Telegraph се вели дека „над една третина од возрасните [Британци] што имаат сметки во банките се во минус“. На дозволеното користење минусно салдо повеќе не се гледа како на лимит што се пречекорува во итни случаи, туку стана „нешто без кое не се може“ за 3,5 милиони Британци кои постојано имаат црвено салдо на своите сметки. Кит Тондер, генерален директор на добротворното друштво Credit Action, за овој проблем го обвинува „денешното општество во кое преовладува ставот дека веднаш треба да се задоволи секоја желба“. Тој предупредува: „Милиони луѓе живеат над своите можности, а тоа што воопшто не се информирани како се работи со парите, значи дека повеќето немаат поим колку скапо ги чини таквиот живот“.
Ноќните летови и глобалното затоплување
Во списанието Scientific American се вели дека трагите од кондензација што ги оставаат млазните авиони на небото влијаат врз атмосферската температура. Во текот на денот овие траги ја одбиваат сончевата светлина, што придонесува за ладење на атмосферата. Но, навечер, топлината останува под трагите. Во извештајот се вели дека англиските научници откриле дека „летовите помеѓу 18.00 и 6.00 часот придонеле за 60 до 80 отсто од климатското затоплување кое е последица од трагите од кондензација, иако овие летови претставуваат само една четвртина од вкупниот воздушен сообраќај“.