Претскажаните „машини за уништување“
„Злобниот човечки ум секогаш гледа да изнајде начин своите дарби да ги искористи за да ги пороби, уништи или измами другите“ (Хорас Валпол, англиски писател од 18 век).
АВИЈАЦИЈАТА му донесе многу придобивки на човештвото. Но, од друга страна, овие зборови на Хорас Валпол се покажале чиста вистина! Уште пред човекот да се вивне во височините, луѓето разгледувале многу можности летачките машини да се користат како оружје.
Во 1670 год., повеќе од 100 години пред да биде изведен првиот лет со балон, италијанскиот језуит Франческо Лана укажал дека „Бог никогаш не би дозволил да биде направена една таква машина [летало], за да ги спречи бројните последици кои би предизвикале нереди во граѓанското и политичкото уредување на луѓето“. Но, со малку визионерски дух, додал: „Секој [може да види] дека ниеден град не би бил безбеден од ненадејни напади, затоа што леталата во секој момент би можеле да се појават директно над плоштадот и да ја истоварат својата посада. Истото би можело да се случи и во дворовите на приватните домови и на бродовите што пловат по морињата... Дури и без да слета, од леталото би можеле да се фрлаат железни парчиња што ќе го превртат бродот и ќе ги убијат луѓето, а бродовите би можеле да бидат запалени со вештачки оган, ѓулиња и бомби“.
Кога кон крајот на 18 век биле измислени балоните на жежок воздух и балоните на водород, Валпол се плашел дека овие летала би можеле брзо да станат „машини за уништување на човечкиот род“. Всушност, кон крајот на 1794 год., француските генерали почнале да ги користат балоните на водород за да ги шпионираат непријателските линии и за да изведуваат воени маневри. Балони се користеле и во граѓанската војна во Америка и во француско-пруската војна во 1870-тите. Во текот на двете светски војни во минатиот век, американските, британските, германските и француските војски многу ги користеле балоните во извиднички мисии.
Балонот навистина стана смртоносно оружје во II светска војна, кога јапонската војска испрати кон САД 9.000 балони без посада натоварени со бомби. Преку 280 од овие балони стигнаа до Северна Америка.
Предвидувања околу воените авиони
Уште од самиот почеток, и авионот се сметал за можна машина за војување. Во 1907 год., Александар Бел рекол: „Малкумина се свесни колку близу е сега Америка до одговорот на прашањето кое од темел ќе го смени војувањето низ целиот свет — мислам на изработката на воен авион со кој лесно ќе се управува“. Истата таа година, во весникот The New York Times беа цитирани зборовите на летачот на балони, капетанот Томас Т. Лавлејс, кој рекол: „Како што денес секоја голема земја има торпедни чамци и разурнувачи на торпедни чамци, така за две до пет години ќе има воени авиони и разурнувачи на авиони“.
Само три месеци подоцна, браќата Рајт склучија договор со Службата за врски на САД да го конструираат првиот воен авион. Во статијата од 13 септември 1908 год., која излезе во весникот The New York Times, беше објаснето зошто војската е заинтересирана за авионот: „Така ќе може да се фрли проектил во оџакот на еден воен брод и сериозно да се оштетат машините и да се кренат во воздух котлите, што потполно ќе го уништи бродот “.
Зборовите на Бел се обистиниле, зашто авионот навистина „радикално го смени војувањето во светот“. Во 1915 год., производителите на авиони веќе поставија на носот на авионите митралез кој беше програмиран да пука синхронизирано со вртењето на пропелерот. Набрзо на авионите-ловци им се придружија и бомбардерите, кои до II светска војна станаа прилично големи и моќни. На 6 август 1945 год., од бомбардерот B-29 Суперфортрес беше фрлена првата атомска бомба, која го срамни јапонскиот град Хирошима и уби околу 100.000 луѓе.
Само две години пред тоа, во 1943 год., Орвил Рајт пред блиски луѓе рекол дека се кае што го измислил авионот. Во текот на двете светски војни, тој има изјавено дека авионот навистина станал ужасно оружје. А со оглед на тоа што денес ‚се крева народ против народ‘ и се произведуваат ласерски наведувани проектили и така наречените интелигентни бомби, авионите станаа уште посмртоносно оружје (Матеј 24:7).
[Слики на страници 22 и 23]
1. Балон-бомбардер без екипаж
2. Баражен балон
[Извор на слика]
Library of Congress, Prints & Photographs Division, FSA/OWI Collection, LC-USE6-D-004722
3. B-29 Суперфортрес
[Извор на слика]
USAF photo
4. Страјк фајтер F/A-18C Хорнет
5. F-117A Најтхок стелт авион
[Извор на слика]
U.S. Department of Defense