ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 12/07 стр. 26-27
  • Големите достигнувања на еден крал

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Големите достигнувања на еден крал
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Писмо кое овозможило да постои пишан материјал
  • Божјето име објавено на свахили
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Дали течно зборуваш на ‚чистиот јазик‘?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Јазиците — мостови и ѕидови во комуникацијата
    Разбудете се! 2000
  • Книга која „зборува“ живи јазици
    Книга за сите луѓе
Повеќе
Разбудете се! 2007
g 12/07 стр. 26-27

Големите достигнувања на еден крал

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАМЕРУН

ИБРАХИМ ЏОЈА бил 17-ти крал на Бамум, голема етничка група чии припадници сѐ уште живеат во прериите во западниот дел на Камерун. Тој владеел од 1889 год., па сѐ до својата смрт во 1933 год., како што може да се види и од списокот на следната страница во кој се наведени сите кралеви што владееле уште од 14 век. За време на владеењето на Џоја, Франција и Германија се обидувале да ја колонизираат оваа област.

Големата интелигенција и надареност на Џоја дошле до израз уште кога бил млад. Тој уживал во друштво на интелектуалци и иноватори со кои имал заеднички цели. Величествената палата што ја изградил, прикажана на сликата подолу, е доказ дека имал големи познавања од областа на архитектурата. Исто така, се вели дека измислил мелница за пченка, прикажана на другата слика. Меѓутоа, неговото најголемо достигнување било новото писмо за јазикот бамум.

Писмо кое овозможило да постои пишан материјал

Сѐ до крајот на 19 век, историјата на народот Бамум се пренесувала главно усно, од една на друга генерација. Џоја бил свесен дека така постои опасност да се изостават или да се вметнат некои детали. Тој дошол во контакт со арапскиот јазик преку книгите што ги набавувал од трговците кои минувале низ неговото кралство. Исто така, веројатно му било познато и писмото ваи, кое во тоа време се користело во оваа област. Затоа, решил да состави ново писмо за својот јазик.

Ова писмо во почетокот се состоело од неколку стотици симболи, претежно пиктографи и идеограми. Неговите поданици требало да запамтат што значи секој симбол. Низ годините, со помош на своите верни дворјани, тој го упростувал ова писмо. За да користат што е можно помалку симболи, измислиле систем на слогови. Зборовите можеле да се запишат со комбинирање на неколку симболи, односно букви од неговото ново писмо. Читателот требало да научи многу помалку букви, односно звуци кои ги претставувале буквите. На крајот, новото писмо на Џоја, наречено акауку, имало 70 букви.

Џоја сакал да се употребува писмото за јазикот бамум, па затоа наредил да се воведе во наставата и во целокупната администрација. Под негов надзор, со помош на новото писмо била напишана историјата на неговата династија и на неговата земја. На тој начин, народот Бамум за првпат можел да чита за своите преданија, закони и обичаи. Џоја наредил новото писмо да се користи дури и за препишување лекарски рецепти. Во архивата на палатата до ден-денес се зачувани 8.000 вакви списи.

Кратко време откако дошле германските колонијалисти во 1902 год., ова писмо се покажало многу корисно. Иако имал корист од економскиот развој, Џоја не се согласувал во сѐ со германските власти. Затоа, го користел својот нов изум, кој Германците сѐ уште не можеле да го дешифрираат. Колку долго се задржало во употреба ова писмо?

За време на Првата светска војна (1914-1918), Германија ја изгубила контролата над кралството на Џоја. На крајот, новооформената Лига на народите ја дала територијата на Бамум под управа на Франција. Иако Џоја бил спремен да прифаќа нови идеи, од почит кон своето наследство очајно се трудел да ја сочува и да ја развие културата на својот народ, поради што дал отпор на идејата Франција да го колонизира неговото кралство. Во 1931 год., Французите го симнале од престолот, како што било случај и со другите поглавари кои не им биле верни на своите колонизатори. По две години, Џоја умрел во изгнанство.

Со оглед на тоа што Франција ја забранила употребата на писмото акауку во наставата, а Џоја повеќе немал никакво влијание, за кратко време оваа азбука престанала да се користи, а повеќето припадници на народот Бамум ја заборавиле. Кога пристигнале во оваа област, мисионерите на христијанскиот свет го научиле јазикот што народот Бамум го користел при секојдневниот говор, а потоа составиле учебник по граматика кој почнал да се користи во училиштата. За разлика од Џоја, тие презеле повеќе елементи од веќе постоечката латинска азбука и од нејзиниот фонетски систем.

Неодамна беа вложени напори да се обнови интересот за писмото акауку. Во палатата што ја изградил неговиот дедо, сегашниот султан Ибрахим Бомбо Џоја отвори училиште во кое тамошните ученици повторно ја учат оваа азбука за да не падне во потполн заборав.

[Слика на страница 27]

Спомен-плоча на која е наведен список на кралевите од династијата Бамум од 14 век наваму. Текстот на левата страна е на латиница, а на десната на писмото акауку

[Извор на слика на страница 26]

Сите фотографии: со љубезна дозвола од султанот Ибрахим Бомбо Џоја, Фумбан (Камерун)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели