Поглед во светот
◼ Откако се започна со сателитско снимање, во 2007 год. е забележано најголемо топење на сантите мраз на Арктикот. Вкупната површина им е 4.280.000 квадратни километри, што е за 23 отсто помалку во споредба со претходната најмала површина измерена во 2005 год. (ДРЖАВЕН ЦЕНТАР ЗА ИСПИТУВАЊЕ НА СНЕГОТ И МРАЗОТ, САД).
◼ Најмногу оружје по глава на жител во светот има САД — околу 90 парчиња оружје на секои 100 жители. „Втора земја со највооружено цивилно население“ е Индија, каде што односот е „само 4 парчиња оружје на секои 100 жители“ (TIME, САД).
◼ Во Мајами (Флорида, САД) е родено бебе со тежина од околу 280 грама, носено само 21 седмица и 6 дена. За него се вели дека „најверојатно е најмладото недоносче за кое се знае дека останало живо“. „Се смета дека, ако некое бебе се роди за помалку од 23 седмици и има тежина од 400 грама, нема да остане живо“ (НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „РОЈТЕРС“, САД).
Вода за пиење од морето
За да се справат со недостигот на вода на островите во Егејското Море, грчките научници ја направиле „првата еколошки здрава, самостојна пловечка платформа за десалинизација на водата“, известува Атинската новинска агенција. Таа е опремена со ветерници и со соларни ќелии кои ја напојуваат со струја, а секој ден може да ги задоволи потребите од вода за пиење на околу 300 лица. Оваа постројка беспрекорно функционира и на лошо време, се надгледува и се управува со далечински управувач и лесно може да се премести секаде каде што е потребно.
Пронајдени се стари коски
„Во најсеверните краишта на Сибир,.. променливата температура предизвика да се стопи вечниот лед, при што на видело излегоа коски од праисториски животни, како што се мамути, крзнени носорози и лавови“, стои во еден новински извештај на Ројтерс од Черски (Саха, Русија). Бидејќи, за еден добро сочуван примерок, колекционерите и научните институти се спремни да платат огромни суми, трагачите, заедно со локалните жители, ја чешлаат оваа област во потрага по вакви скапоцености. Според истиот извештај, „вечниот лед се топи и се откршува толку брзо што на некои места... од тлото стрчат коски речиси на секој чекор“.
Мудра употреба на запленетиот алкохол
До пред само неколку години, шведските цариници го истураа запленетиот алкохол во канализација. Но сега, истиот „се користи како гориво за јавниот превоз“, стои во еден извештај на Асошиејтед прес од Стокхолм. Во 2006 год. беа запленети околу 700.000 литри алкохол, и речиси целиот беше претворен во биогас кој служи како замена за фосилните горива, а сега „го користат неколку автобуси, камиони и еден воз на биогас“. Како што беше објаснето во извештајот, ова гориво е „исплатлив бизнис бидејќи потребната суровина е бесплатна“. Друга добра страна е тоа што на овој начин во Шведска се намалува испуштањето гасови кои создаваат ефект на стаклена градина.
„Епидемија на срамежливост“
„Пораките преку Интернет и преку мобилен, како и ај-подовите (iPods) предизвикуваат светска епидемија на срамежливост“, пишува австралискиот весник Sunday Telegraph. Според Робин Абрахамс, психолог и истражувач, секој втор човек се срами кога е во друштво — повеќе од кога и да било порано. „Технологијата ни овозможува да избегнеме некои ситуации со кои не би сакале да се соочиме, а тоа ги прави луѓето поповлечени“, вели Абрахамс. „Тие... попрво би пуштиле порака отколку да зборуваат лично.“