Бракови во криза
„Смачено ми е веќе!“ Дали некогаш си чул некој да го каже тоа за својот брак? Ако си во брак, си се чувствувал ли така некогаш?
ВОДЕНИ од нежна љубов или од слепа страст, илјадници парови стапуваат во брак со надеж дека ќе бидат среќни. „Но, до времето кога ќе дојдат кај мене, многумина од нив веќе се во длабок очај“, вели една советничка. „Разочарани се од партнерот, од бракот, од љубовта, а понекогаш дури и од животот.“ На многу од нив, не им останало ништо друго заедничко освен венчалниот лист и станот.
Некои бракови се распаѓаат поради сѐ поголемите стресови и грижи. Стресот на работа, работата во смени и долгото работно време можат да ги исцедат емоционално дури и брачните другари што многу се сакаат. Љубовта и почитта може да исчезнат и под влијание на финансиските проблеми, грижите околу воспитувањето на децата, селењето во нов стан, промената на работното место и здравствените проблеми. Едноставно кажано, со текот на времето настануваат промени кои создаваат притисоци што ги оддалечуваат партнерите еден од друг.
Многу мајки имаат две „работни места“ — едното е на работа, а другото е дома. Запоставуваат сѐ друго освен работата и децата. Поради стрес и исцрпеност, брачните другари немаат доволно време еден за друг. Фатени во овој вртлог од кој не можат да излезат, се разочаруваат и се отуѓуваат. Зошто толку многу бракови се ставени под толку силен притисок? Што можеш да сториш за да имаш среќен и успешен брак?