Запознај се со љубопитниот црвен носко
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
ОПУШТЕНО се шеташ низ шумата, кога одеднаш забележуваш како ти се приближуваат една група црвени носковци. Уплашен си бидејќи не си сигурен дали ќе те нападнат. Смири се! Иако носковците понекогаш касаат, овие љубопитни животинки ги интересира што носиш во торбата. Нивната потрага по храна никогаш нема крај. Всушност, спремни се да збришат речиси сѐ што ќе им се најде на патот — црви, гуштери, пајаци, глувци, разни плодови, па дури и птичји јајца.
За разлика од ракунот, кој му е роднина, црвениот носко има долга и еластична муцка. Друга разлика е тоа што има подолго тело (66 сантиметри), но и подолга опашка, која е речиси исто толку долга како телото. Овој американски тропски цицач живее главно на подрачјето од југозападниот дел на САД па сѐ до северна Аргентина.
Женките обично живеат заедно, најмногу по 20 во една група, додека мажјаците повеќе сакаат да бидат сами. Секоја година, за време на сезоната на парење, кон секоја група се приклучува по еден мажјак. По 7-8 седмици, бремените женки ја напуштаат групата за да направат легла на дрвјата. Секоја женка раѓа по 3-4 малечки. Околу шест седмици откако ќе се окотат, новите мајки и нивното потомство се враќаат во групата. Младенчињата личат на несмасни крзнени топчиња.
Црвените носковци непрестајно го душкаат воздухот и ги зариваат канџите во земјата додека скитаат низ шумата. На земјоделците им се темни пред очите кога ќе ги видат бидејќи можат да им ги опустошат посевите со пченка и кокошарниците. Инаку, носковците добро знаат како да се снајдат ако некој сака да ги улови. Овие итри животинчиња си имаат свои скривалишта на дрвјата. Но, ако тоа не им успее, ја избегнуваат опасноста со уште една тактика. Кога ќе чујат истрел или плескање со дланките, паѓаат на земја како да се мртви! Додека да дојде ловецот, од нив нема ни трага ни глас!
Ако некогаш те нанесе патот во Бразил, можеби ќе налеташ на некоја група црвени носковци. Немој да се плашиш од нив бидејќи не се толку опасни. Сепак, нема да имаат ништо против да им дадеш нешто да каснат!