Каналите во Британија
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
Во почетокот на 19 век, низ Англија, Шкотска и Велс се испреплетувале многу канали со должина од околу 6.000 километри. Зошто биле направени, и кој плови по нив во 21 век?
КАКО резултат на индустриската револуција, во 18 век во Британија имало потреба од евтин и брз превоз на суровини и производи. Дотогаш товарот се пренесувал на коњи или во запрежни коли. Но, зиме патиштата биле непроодни бидејќи станувале многу калливи и длабоко избраздени. Од друга страна, пак, само еден коњ можел лесно и брзо да влече каналски чамец со 30 тони товар.
Во 1761 год., војводата од Бриџвотер изградил канал за пренос на јаглен од неговите рудници до купувачите во Манчестер, на оддалеченост од 16 километри. Ова му донело финансиска добивка, но и двојно ја намалило цената на јагленот. До 1790 год. бил довршен уште еден голем проект — мрежата од канали наречена Гран Крос, која на крајот поврзувала четири големи реки и претставувала важна врска меѓу главната индустриска зона и пристаништата во Англија. Оттогаш, каналите во Британија станале главните сообраќајници.
Изградба и пловидба
Неколку вешти инженери усовршиле генијални методи за градба на канали, и тоа низ најразлични терени. Еден од нив бил и Џејмс Бриндли — самоук инженер, кој сите свои проекти ги изведувал без цртежи и без скици. Аквадуктите, тунелите, превојниците и мостовите што ги изградиле бригадите познати како навигатори се прилично голем потфат, дури и според денешните стандарди.
„Тесните чамци“ — дрвени чамци без покрив, околу 20 метри долги и 2 метри широки — биле направени за да може да се пренесува гломазен товар — јаглен, вар, варовник, каолин, железна руда, цигли и брашно. Овие чамци ги влечеле коњи што оделе по патеките по должината на каналите. „Летачките“, т.е. брзите чамци, сообраќале нонстоп — дури и ноќе — со што овозможувале брз транспорт на стоката што морала итно да се испорача или, пак, била расиплива.
На некои канали, коњите, кои се менувале на секои четири часа, влечеле хидродинамични чамци што можеле да соберат и до 120 патници и се движеле со брзина од околу 15 километри на час. Исто како и „летачките“ чамци, тие имале предност на минување пред другите чамци. Овие чамци на каналот Бриџвотер имале и големо сечило на клунот со кое им ги сечеле јажињата за влечење на чамците што ќе им го попречеле патот! Откако биле направени каналите, обичниот народ за првпат можел удобно и евтино да патува на подолги релации.
И домови и работни места
Животот на чамците бил прилично напорен. Работата на превозниците била тешка, а честопати и опасна. Бидејќи постојано биле во движење, немале можност за школување, и станувале сѐ поизолирани од општеството.
Тие развиле и свој препознатлив уметнички стил — чамците ги украсувале со шарени пејзажи, цветни мотиви и геометриски шари кои ги цртале насекаде по надворешноста на чамецот, како и на кабината сместена кај крмата. Семејството на превозникот живеело во таа тесна кабина, која обично била со димензии 3 на 2 метри. Оваа просторија била многу рационално искористена со помош на генијално измислените повеќенаменски шкафчиња во кои, меѓу другото, ги ставале и креветите на расклопување. На полиците биле закачени плетени тантели, а прекрасните предмети од порцелан и блескавите украси од месинг наредени околу шпоретот ја одбивале светлината. Сето тоа придонесувало на станарот да му биде удобно и да се чувствува пријатно. И покрај тоа што постојано се превезувале валкани предмети, трудољубивата сопруга, која имала и многу други обврски, сепак успевала да ги одржува семејството и чамецот беспрекорно чисти. Дури и украсните јажиња околу лостот на кормилото биле толку чисти што блескале на сонцето.
Запуштени, па повторно во мода
Во 1825 год., кога мрежата од канали била речиси довршена, Џорџ Стивенсон ја пуштил во употреба железничката пруга Стоктон-Дарлингтон — една од првите јавни железници со парни локомотиви. За 20 години, наместо со чамци, стоката почнала да се пренесува со возови, а каналите престанале да се користат и биле запуштени. Некои железнички компании отишле дотаму што купувале канали за да ја намалат конкуренцијата. По Првата светска војна, изградбата на нови, многу подобри патишта придонела ваквиот тренд да продолжи. Дури и оптимистите мислеле дека каналите нема да се користат уште долго време.
Меѓутоа, тоа не се случи благодарение на напорите што некои групи и поединци ги вложија во последниве 50 години. Иако некои чамци што пловат по каналите сѐ уште пренесуваат товар, повеќето од нив се преуредени во домови или во патнички чамци за крстосување. Денес се пловни над 3.000 километри од овие канали, што овозможува луѓето да уживаат во некои од најубавите пејзажи во Британија. Вљубениците во пловење со каналски чамци ги оживеаја и старите традиции за кои, преку фестивалите што редовно се одржуваат, станува свесна и пошироката јавност. Всушност, овие чамци украсени со разнобојни шари денеска се толку популарни што нивниот број е поголем отколку во времето кога се користеле за трговски цели, а каналите се обновуваат со исто темпо како што се граделе пред 200 години.
Сепак, најголемиот дел од оние што пловат по нив денес се рекреативци. Зошто? Бидејќи, при обновата на овие водни патишта, покрај нив беа направени и многу паркови и пешачки патеки, кои ги поврзуваат каналите со многу гратчиња и прекрасни места кои порано беа непознати, а сега се лесно достапни. Освен тоа, патеките покрај каналите се пријатно место за пешаците, велосипедистите и рибарите. Резервоарите што беа изградени за да се одржува нивото на водата во каналите станаа важни живеалишта за животинскиот свет. И самите канали се дом на најразлични растенија, птици и животни.
Иронично е тоа што каналите во Британија дадоа повод за една драматична и неочекувана промена — истите канали што придонесоа современиот живот да стане напнат, денес се прибежиште од таквиот притисок.
[Рамка/слика на страница 14]
НИЗ ТУНЕЛИТЕ НА КАНАЛИТЕ
Многу малку тунели имаат патеки за влечење. Бидејќи порано немало моторни чамци, единствен начин еден каналски чамец да мине низ тунелите била една посебна и прилично опасна техника. Оние што го пренесувале чамецот низ тунелот поставувале по една штица на двете страни од клунот, легнувале на грб врз нив и тогаш, цврсто држејќи се за штиците, го туркале чамецот низ тунелот оттурнувајќи се со нозете од ѕидот. Бидејќи како осветлување имале само свеќа, лесно било да се лизнат и да паднат во водата. Имало случаи кога некои загинале затоа што паднале во водата и биле згмечени помеѓу трупот на чамецот и ѕидот на тунелот. На времето, на сите канали во Британија имало тунели со вкупна должина од 68 километри, па за подолгите тунели се изнајмувале професионалци за преминување тунели. Најдолгиот тунел кај Стандеџ (Јоркшир), кој повторно е во употреба, има должина од 5 километри.
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на British Waterways
[Рамка/слики на страница 15]
ПРЕВОЈНИЦИ И ГЕНИЈАЛЕН ЛИФТ ЗА ЧАМЦИ
Бидејќи водата не може да тече по нагорна линија, што се прави кога каналот ќе наиде на возвишување? За да остане на исто ниво, каналот може да ја заобиколи пречката, само што тогаш патот би бил многу долг. Друга можност е да се пробие тунел. Трета можност е да се подигне нивото на водата со превојници, т.е. прегради со брани од двете страни што ги поврзуваат двете нивоа на водата. Откако чамецот ќе влезе во превојницата, се затвораат и двете брани. Потоа, превојницата се полни со вода или водата се празни од неа, во зависност од тоа дали следното ниво е повисоко или пониско.
Но, што ако никако не е можно да се обноват старите превојници? Со таков проблем се соочија инженерите во Шкотска, каде што е во тек еден проект со кој повторно беа поврзани двата канала меѓу Глазгов и Единбург, кои долго време беа запуштени. Не беше изводливо да се обнови низата од 11 превојници кај Фолкирк кои порано го поврзуваа каналот Јунион со каналот Форт-Клајд — најстар канал во светот што поврзува две мориња. Уникатното Фолкиршко тркало — ротационен лифт за чамци кој има пречник од 35 метри — беше генијално решение. Оваа направа може за само 15 минути да префрли од едно до друго ниво осум чамци истовремено (четири нагоре и четири надолу).
Фолкиршкото тркало, кое лондонскиот весник The Times го опиша како „неверојатен инженерски потфат“, е поставено во еден голем кружен базен во кој можат да се укотват повеќе од 20 чамци.
[Извор на слика]
Горе десно: Со љубезна дозвола на British Waterways
[Рамка/слики на страници 16 и 17]
УЖИВАМЕ ДА ПЛОВИМЕ НИЗ КАНАЛИТЕ
Јас и жена ми сме во поодминати години. Неодамна имавме можност да уживаме во нашиот спокоен одмор додека пловевме со чамец низ каналите. Зошто велам спокоен? Како прво, бевме далеку од сообраќајната бучава и лудото возење. Со еден каналски чамец мораш да се движиш најмногу 5 километри на час. Зошто толку бавно? За да не се прави бразда во водата, која може да ги оштети бреговите на каналот. Честопати, се случуваше да нѐ престигнат луѓето што си го шетаа кучето!
Друга предност на бавното темпо е тоа што имаме време да уживаме во пејзажите, па дури и да ги поздравиме минувачите. Местата низ кои пловиме се навистина прекрасни. Чамецот обично го изнајмуваме во Јужен Велс, на каналот Монмаутшир-Брекон. Овој канал е долг педесетина километри — од велшката граница до планините Брекон, кои се извишуваат речиси 900 метри. Одвреме-навреме станува малку возбудливо кога ќе стигнеме до некоја превојница и чамецот ќе се подигне или ќе се спушти. (Види ја рамката на 15. страница.)
Чамците за изнајмување се многу удобни и во нив има сѐ што ни треба. Некои имаат дури и по две двокреветни спални соби со туш и тоалет. Поставено е дури и централно греење во случај да залади навечер. Обично си готвиме сами, но ако тоа ни здосади, можеме да излеземе и да уживаме во вкусните јадења што ги нудат рестораните покрај каналот.
Многу е мирно и тивко, особено рано наутро кога каналот личи на огледало во кое се огледуваат дрвјата и ридовите. Толку е мирно што птиците можат лесно да се препознаат по нивната песна. Жеравите, кои бавно и спокојно се движат пред нас, личат на неми стражари кои бдеат на бреговите. (Приложено.)
[Извори на слики]
Со љубезна дозвола на British Waterways
Горе десно: Со љубезна дозвола на Chris & Stelle on Belle (www.railwaybraking.com/belle)
[Извор на слика на страница 13]
Со љубезна дозвола на British Waterways