Децата и Интернетот — што треба да знаат родителите?
ДО НЕОДАМНА, се сметаше дека, за да се избегнат опасностите на Интернет, доволно е компјутерот да биде поставен на прометно место во домот. Родителите си мислеа дека на тој начин ќе ги заштитат своите деца од опасни и непристојни веб-сајтови. Иако сѐ уште е мудро да не им се дозволува на децата да имаат Интернет во својата соба, потребно е да се преземат и други заштитни мерки. Денес, безжичните приклучоци овозможуваат младите да користат Интернет од кое и да било место. Дури и многу мобилни телефони имаат пристап до Интернет. Освен тоа, тука се и Интернет-кафеата, библиотеките и, се разбира, домот на другарчето. Со оглед на овие можности, јасно е зошто родителите не можат да бидат сигурни што прави нивното дете на Интернет.
Да разгледаме некои Интернет-услуги кои се привлечни за младите и какви опасности кријат тие.
Овие шест примери се само дел од активностите на Интернет што се интересни за денешните млади. Ако си родител, што можеш да сториш за да ги заштитиш своите деца од опасностите?
Имејл (E-MAIL)
Што е тоа? Текстуална порака што се испраќа по електронски пат.
Зошто е интересно? Електронската пошта (e-mail) е брз и евтин начин да се допишувате со пријателите и со роднините.
Што треба да знаеш. Несаканата пошта, позната и како спам, не е само досадна појава. Овие пораки честопати имаат непристојна, па дури и крајно неморална содржина. Линковите во нив можат да го поттикнат корисникот, т.е. детето кое не е свесно за опасноста, да открие лични податоци, што може да води до кражба на неговиот идентитет. Оној што ќе одговори на ваквите пораки — па дури и ќе инсистира да не ги добива повеќе — само ќе потврди дека има активна адреса, а тоа може да води до уште повеќе несакани пораки.
Веб-сајтови
Што е тоа? Збирки од електронски страници што ги креираат и ги одржуваат некои организации, образовни институции, фирми и приватни лица.
Зошто се интересни? Постојат милиони сајтови што им нудат на младите бескрајни можности да купуваат, да истражуваат, да бидат во контакт со пријателите и да играат или да симнуваат игри и музика.
Што треба да знаеш. Интернетот го користат секакви неморални луѓе. Невнимателните лесно можат да налетаат на порнографски сајт. На пример, 90 отсто од младите на возраст помеѓу 8 и 16 години, кои биле вклучени во една анкета во САД, рекле дека ненамерно наишле на порнографија на Интернет — најчесто додека барале информации за својата домашна задача!
Интернетот им овозможува на младите лесно да најдат сајтови за коцкање. Во Канада, речиси четвртина од момчињата што се II или III година во средно училиште признаваат дека посетиле такви сајтови, а експертите со право се загрижени бидејќи коцкањето на Интернет предизвикува тешка зависност. Постојат и веб-сајтови на кои анорексијата е покажана во добра светлина.a Други сајтови поттикнуваат на омраза, а нивна главна мета се религиозните и етничките малцинства. На некои сајтови можат да се најдат и упатства за изработка на бомби, за правење отров и за спроведување на терористички напади. Многу видеоигри што се играат преку Интернет изобилуваат со насилство и крвопролевање.
Чет-соби (CHAT-ROOMS)
Што е тоа? Локации на Интернет кои служат за разговор преку текстуални пораки. Разговорот обично се води на одредена тема.
Зошто се интересни? Твоето дете може да комуницира со голем број лица кои никогаш не ги сретнало, но се интересираат за истата тема.
Што треба да знаеш. Сексуалните напасници честопати ги посетуваат чет-собите обидувајќи се да наведат некое дете на сексуален чин — преку Интернет или во живо. Како дел од своето истражување, една писателка, коавтор на книгата Поведете сметка што прават вашите деца на Интернет (What in the World Are Your Kids Doing Online?), барала информации во врска со безбедноста на Интернет и се претставила како 12-годишно дете. „Речиси во истиот момент некој ѝ предложил да влезат во приватна чет-соба“, стои во оваа книга. „Таа се преправала дека не знае како да го стори тоа, но нејзиниот ‚услужлив‘ нов пријател ѝ дал детални упатства, а потоа ја прашал дали сака да имаат секс [преку Интернет].“
Месинџери
Што е тоа? Програми што овозможуваат моментална размена на текстуални пораки меѓу две или повеќе лица.
Зошто се интересни? На овие месинџери, корисникот има еден список преку кој може да избере со кој од неговите пријатели ќе комуницира. Воопшто не изненадува тоа што едно истражување во Канада покажало дека 84 отсто од тинејџерите на возраст од 16-17 години си пуштаат пораки со пријателите и дека за тоа одвојуваат повеќе од еден час дневно.
Што треба да знаеш. Разговорите преку месинџер може да му го одземат вниманието на детето кога треба да учи или да се концентрира на нешто друго. Освен тоа, како можеш да бидеш сигурен со кого контактира син ти или ќерка ти кога не можеш да им го чуеш разговорот?
Блогови
Што е тоа? Интернет-дневници.
Зошто се интересни? Блоговите им овозможуваат на младите да ги изразат своите мисли и чувства и да пишуваат за работи што им значат. На повеќето блогови, читателите можат да дадат свој коментар. Многу деца едвај чекаат некој да им прати одговор на она што го напишале.
Што треба да знаеш. Блоговите се достапни за јавноста. Без да размислат, некои млади откриваат информации преку кои може да се дознае од кое семејство се, каде учат и каде живеат. Освен тоа, преку блоговите може да се оцрни нечиј углед, а истото важи и за сопственикот на блогот. Има работодавци кои, пред да примат некого на работа, најпрво му го прегледуваат блогот.
Онлајн мрежи на пријатели
Што е тоа? Веб-сајтови на кои младите можат да креираат своја веб-страница збогатена со слики, видеоматеријали и блогови.
Зошто се интересни? Преку креирање и збогатување на една веб-страница, младите можат да им се претстават на другите и да запознаат многу нови „пријатели“.
Што треба да знаеш. „Онлајн мрежите на пријатели се еден вид Интернет-забави“, вели една девојка по има Џоана. „Тука можеш да сретнеш и многу одвратни луѓе.“ Некои злонамерни млади и возрасни можат да ги злоупотребат личните податоци од овие страници. Од таа причина, Пери Афтаб, чија специјалност е безбедноста на Интернет, ги нарекува ваквите сајтови „супермаркети за сексуални напасници“.
Освен тоа, пријателствата што се склопуваат преку Интернет обично не се толку цврсти. Некои млади на својата страница истакнуваат долг список со остварени контакти со лица кои никогаш порано не ги сретнале, само за да изгледаат популарни кога некој ќе ја посети нивната веб-страница. Во својата книга Generation MySpace, Кандис Келси вели дека, на крајот, испаѓа дека „,вредноста на пазарот‘ што ја има едно лице зависи од тоа колку луѓе го сакаат“. Таа додава: „Ваквата појава ги третира нашите деца како предмети и им врши силен притисок да се претстават на каков било начин само за да стекнат што е можно повеќе пријатели“. Затоа, во книгата Поведете сметка што прават вашите деца на Интернет со право е поставено следново прашање: „Како ќе ги поучите децата колку е важно да бидат сочувствителни кога светот на информатиката им овозможува да запознаат некого и да го отфрлат кога ќе им текне?“
[Фуснота]
a Многу вакви сајтови и организации тврдат дека не ја поддржуваат анорексијата. Меѓутоа, некои од нив ја прикажуваат како алтернативен начин на живот, а не како здравствено нарушување. Освен тоа, овие сајтови имаат форуми на кои детето може да добие совети како да ги прикрие пред родителите лошите навики на исхрана и вистинската телесна тежина.
[Истакната мисла на страница 4]
Наглиот пораст на корисници на Интернет во Индија — 54 отсто за една година — се должи главно на младите
[Истакната мисла на страница 7]
„За родителот, веб-камерите се лесен и евтин начин нивното дете да комуницира со пријателите и со роднините, но за сексуалниот напасник, тие се прозорец кон неговата соба“
(Роберт С. Милер III, директор на Федералното истражно биро [ФБИ] на САД)