Бев есесовец, а сега сум слуга на вистинскиот Бог
Раскажал Готлиб Бернхард
Служев како офицер во германските есес единици, поточно во Хитлеровата елитна гарда, во замокот Вевелсбург (Германија). Во април 1945 год., добив наредба да погубам некои затвореници во блискиот концентрационен логор. Сите тие беа Јеховини сведоци. Од еден есесовец се очекуваше да им биде безусловно послушен на своите претпоставени. Се најдов во морална дилема. Да ви објаснам зошто.
РОДЕН СУМ во Германија, во 1922 год., во едно село близу до реката Рајна. Иако повеќето жители таму се римокатолици, нашето семејство го застапуваше пиетизмот — религиозно движење кое настанало во 17 век. Во 1933 год., кога имав 11 години, во Германија на власт дојде Хитлер. Неколку години подоцна, бидејќи бев добар ученик и спортист, ме избраа да одам на една академија во близина на Мариенбург, денес Малборк, во Полска. Таму, на неколку стотини километри од дома, се задлабочив во националсоцијалистичката, односно во нацистичката идеологија. Учениците беа воспитувани да си ја зачуваат честа, да бидат работливи, лојални, послушни и да имаат силно чувство на должност и почит кон нашето германско наследство.
Втората светска војна и есес единиците
Кога избувна Втората светска војна во 1939 год., се пријавив да служам во „Лајбштандарте СС Адолф Хитлер“, елитна воена единица под директна заповед на Хитлер, која се користеше за специјални воени операции и обезбедуваше телохранители за владини претставници. Учествував во неколку воени акции во Белгија, Франција, Холандија, Романија, Бугарија и Грција. Додека бев во Бугарија, присуствував на богослужба која ја вршеше еден воен свештеник. Се прашував: ‚Дали вакви богослужби одржуваат и непријателските војски? Дали Бог ја благословува војната? Дали застанал на нечија страна?‘
Подоцна, бев избран да одам на воената академија Јункершуле, на која млади мажи добиваа обука за повисок чин. Потоа добив преместување во единицата која го штитеше штабот на Рајхот во Берлин, каде што еднаш видов како Хитлер во јавност му се развика на еден угледен политичар. Се сеќавам дека си помислив: ‚Какво срамно однесување!‘ Но, не се осмелив гласно да го изразам тоа.
Во Берлин ја запознав Инге, која работеше во штабот. Непосредно пред да се венчаме, мојата единица беше пренесена со воздушен мост до рускиот фронт без зимска облека! Сите бевме шокирани, зашто таа зима (1941/42) температурата се спушташе и до -30°С. Таму по вторпат бев одликуван со Железен крст. Подоцна ме вратија со авион во Германија бидејќи бев тешко ранет. Со Инге се зедовме во 1943 год.
По некое време добив прекоманда во Хитлеровата резиденција во Оберсалцберг на баварските планини. Таму престојуваше и Хајнрих Химлер, шефот на есес единиците, кој нареди да ме лекува неговиот личен масер и лекар, Феликс Керстен. Подоцна дознав дека Керстен има имот во близина на Берлин кој се викаше Харцвалде. Во втората половина од војната, тој побара од Химлер дозвола Јеховините сведоци од блискиот концентрационен логор да работат на неговиот имот. Химлер се согласи, и Керстен се однесуваше кон Сведоците со почит. Една жена Јеховин сведок, која работеше за Керстен во Шведска, редовно му ставаше во куферот по еден примерок од Стражарска кула за Сведоците во Германија.a
Близок контакт со Јеховините сведоци
При крајот на 1944 год., Химлер ме постави за личен аѓутант на еден есес генерал, под чија команда беше замокот Вевелсбург, тврдина близу до градот Падерборн која беше стара четири века. Химлер планираше Вевелсбург да служи како култен центар на есесовската идеологија. Близу до тврдината имаше мал концентрационен логор наречен Нидерхаген, во кој беа сместени посебни затвореници. Тие беа Јеховини сведоци, познати и како Истражувачи на Библијата.
Еден затвореник по име Ернст Шпект неколку пати дојде за да ми даде третман. Тој секогаш ме поздравуваше со: „Добро утро, господине“.
„Зошто не кажеш ‚Хајл Хитлер‘?“ — го прашав.
Тој тактично ми одговори: „Дали сте христијанин?“
„Да“, му реков. „Пиетист сум.“
„Тогаш сигурно знаете“, продолжи тој, „дека Библијата ветува спасение (хајл) само преку една личност — Исус Христос. Затоа не можам да речам ‚Хајл Хитлер!‘“
Бев зачуден, но и одушевен. „Зошто си тука?“ — го прашав.
„Јас сум Истражувач на Библијата“, рече тој.
Разговорите со Ернст и со еден друг Сведок по име Ерик Николајциг, кој работеше како бербер, ме допреа до срце. Меѓутоа, бидејќи беше забрането да се водат вакви разговори, мојот командант ми нареди да престанам со тоа. По мое мислење, ако секој во Германија, која се декларираше како христијанска земја и имаше милиони верници во црквите, се однесуваше како Сведоците, немаше да има војна. ‚Другите треба да им се восхитуваат, а не да ги прогонуваат‘, си помислив.
Во тоа време, една очајна вдовица се јави да побара превоз за нејзиниот син, кому требаше итно да му се извади слепото црево. Веднаш наредив да го пренесат, но командантот ја поништи мојата наредба затоа што нејзиниот сопруг бил погубен како член на една група што се обидела да изврши атентат врз Хитлер во јули 1944 год. Момчето умре, а јас не можев да сторам ништо. До ден-денес, совеста ме измачува поради овој настан.
Иако тогаш имав само 20-ина години, почнав да го гледам животот онаков каков што беше, а не како што го прикажуваше нацистичката пропаганда. Во исто време, сѐ повеќе ги ценев Јеховините сведоци и нивните учења, што водеше до најзначајната одлука во мојот живот.
Во април 1945 год., сојузниците наближуваа, и мојот командант избега во Вевелсбург. Потоа пристигна една единица која добила наредба од Химлер да го уништи замокот и да ги убие затворениците. Командантот на блискиот концентрационен логор ми предаде список со имиња на затвореници што требаше да бидат погубени. Сите затвореници беа Јеховини сведоци. Се тврдеше дека тие знаат каде се наоѓаат вредните уметнички дела што ги опљачка Третиот рајх, кои по сѐ изгледа беа скриени во некоја од зградите. Тајната не смееше да се разоткрие! Се прашував како да се справам со наредбата за погубување.
Отидов кај командантот на логорот и му реков: „Американската војска наближува. Не е ли мудро да заминете со својата чета?“ Не требаше да му се рече двапати! Тогаш направив нешто незамисливо за еден есесовец — не ја послушав наредбата, и Сведоците не го изгубија животот.
Почестен да бидам нивни брат
По војната, јас и Инге воспоставивме контакт со Јеховините сведоци и почнавме сериозно да ја проучуваме Библијата. Ни помагаа Аугусте и неколкумина други Сведоци. Животот не беше лесен во тој тежок период по војната, а моите повреди додатно го отежнуваа. Сепак, јас и жена ми му го заветувавме својот живот на Јехова и се крстивме — јас во 1948, а таа во 1949 година.
Во 1950-тите, неколку Сведоци кои беа во Вевелсбург за време на војната повторно се вратија таму за да се видат. Меѓу нив беа Ернст Шпект, Ерик Николајциг и Макс Холвег, уште еден затвореник кој остана верен. За мене беше огромна чест што можев да се наречам нивни брат, зашто овие храбри луѓе си го ризикуваа животот за да ми сведочат. На средбата дојде и Марта Ниман, која работеше како секретарка во Вевелсбург. И нејзе Сведоците ѝ оставиле длабок впечаток, и затоа станала верен слуга на Јехова.
Додека размислувам за минатото, можам да видам многу докази дека „целиот свет е под власта на [Сатана Ѓаволот]“, што не можев да го сфатам како наивен млад идеалист (1. Јованово 5:19). Исто така, свесен сум колкава е разликата помеѓу тоа да им се служи на свирепите режими, каков што беше режимот на Хитлер, и да му се служи на Јехова. Ваквите режими бараат слепа послушност, но Јехова сака да му служиме од љубов која се темели на точно спознание за неговата личност и за неговите намери кои се откриени во Библијата (Лука 10:27; Јован 17:3). Цврсто сум решен да му служам сѐ додека сум жив.
[Фуснота]
a Види во англиското издание на Стражарска кула од 1 јули 1972, страница 399.
[Слика на страница 19]
Слика од нашата свадба во февруари 1943
[Слика на страница 19]
Замокот Вевелсбург требаше да стане центар на есесовската идеологија
[Слика на страница 20]
Со мојата сопруга Инге денес