Мон Блан — „покривот“ на Европа
УШТЕ како мал, швајцарскиот природонаучник Орас Бенедикт де Сосир (1740-1799) бил фасциниран од величествениот планински масив познат како Мон Блан, џинот на Алпите. Импресиониран од непристапноста на овие планини, понудил награда за првиот што ќе се искачи до највисокиот врв висок 4.807 метри. Најраните плански обиди да се освои овој врв биле направени во 1741 год. Но, дури во август 1786 год. двајца жители од Шамони (Франција) — Жак Балма, трагач по кристали, и Мишел Габриел Пакар, лекар — успеале да се искачат до самиот врв на овој планински масив — Мон Блан. Следната година, Де Сосир се искачил до највисоката точка во Европа заедно со една научна експедиција, а во 1788 год. успеал да стигне до Кол ду Гејан, каде што останал 17 дена. Така се родила една нова спортска дисциплина — алпинизмот.
Во 1855 год., еден тим предводен од италијански водичи го освоил Мон Блан од друга страна, уште понепристапна од првата. За само девет години, врвот бил освоен преку страната на Италија. Овие смели пионери во оваа област се качувале без современа опрема — имале само стапови со железни врвови. Во тоа време, „за да се освои еден врв, тргнувајќи од подножјето во долината и одејќи по потполно непознати патеки, била потребна физичка издржливост и челична волја што најверојатно тешко би можеле да си ги замислат оние што се качуваат на планините денес“, коментира географот Џото Даинели. Денес, човечката нога има стапнато и на најзафрлените места од масивот, и тоа повеќепати.
Во древни времиња, Мон Блан се сметал за неистражено место, иако се наоѓа во срцето на Европа. Првиот познат документ во кој е спомнат датира од 1088 год. Една мапа што им припаѓала на бенедиктинските монаси од Шамони го нарекува rupes alba, што значи „бела планина“. Меѓутоа, локалното население со векови ја нарекувало Проклета Планина поради верувањето дека на неа живеат демони и змејови. Најверојатно, името Мон Блан за првпат се појавило во 1744 год. на еден цртеж. Со тоа бил ставен крај на лошата репутација на оваа планина.
Мон Блан оддалеку
Целиот масив Мон Блан може да се види само од авион. Опфаќа површина од околу 600 квадратни километри, а се состои од планински венец долг над 50 километри и претставува природна граница помеѓу Италија, Франција и Швајцарија. Има неколку врвови кои се високи над 4.000 метри. Масивот го сочинуваат кристалести шкрилци и гранит оформени длабоко во земјината кора. Според геолозите, станува збор за млади планини кои настанале пред „само“ 350 милиони години. Атмосферските агенси и глечерите ги преобразиле гранитните карпи и сега во нив има пукнатини, шилести планински врвови и сртови кои се одликуваат со извонредна убавина и се многу привлечни за алпинистите.
Мон Блан одблизу
Дури и лица што не се искусни планинари можат да се искачат на централниот дел од масивот со помош на жичницата која е во употреба од 1958 год. Највисоката точка до која води оваа жичница е Агије ди Миди која се наоѓа на 3.842 метри надморска височина и која нуди незаборавна глетка кон долината Шамони.
Денес, од топографска гледна точка, Мон Блан веќе не крие никакви тајни. Тој плени со својата убавина, особено в зори и в квечерина, кога сончевите зраци ги галат студените карпи на „покривот“ на Европа прошарувајќи ги со секакви нијанси на црвена боја и распламтувајќи го нивниот гранит.
[Рамка/слика на страница 23]
Тунелот низ Мон Блан — остварена замисла
„Во двете долини се зборува ист јазик и живее ист народ. Ќе дојде време кога ќе се изгради пат што ќе води под Мон Блан и двете долини ќе се поврзат.“ Ова предвидување на Орас Бенедикт де Сосир се остварило два века подоцна. Првото барање да се направи вакво нешто било поднесено до кралот на Пиемонт и Сардинија, во 1814 год. Меѓутоа, проектот бил почнат дури во 1959 год., а бил довршен во 1965 год.a Тунелот долг 11,6 километри започнува во Италија, на надморска височина од 1.381 метар, а завршува во Франција, на надморска височина од 1.274 метри.
На 24 март 1999 год., се случи катастрофа кога еден камион се запали во тунелот. Температурата се качи на 1.000°С и десетици возила беа стопени. Триесет и девет лица се задушија, а имаше и 30-тина повредени. По едногодишно испитување на случајот, започна реконструкција. Тунелот беше повторно отворен на 25 јуни 2002 год., и покрај поплаките на мештаните и на еколозите кои тврдеа дека тешките моторни возила предизвикуваат загадување. Неодамна, за четири месеци низ тунелот поминаа 132.474 возила.
[Фуснота]
a Нешто повеќе за ова можеш да најдеш во англиското издание на Разбудете се! од 8 февруари 1963, страници 16-19.
[Слика]
Споменик на О. Б. де Сосир, Шамони (Франција)
[Извор на слика]
Library of Congress, Prints & Photographs Division, Photochrom Collection, LC-DIG-ppmsc-04985
[Рамка/слика на страници 24 и 25]
ПРОШЕТКА ОКОЛУ „ЏИНОТ“
Иако масивот Мон Блан е терен за професионалните алпинисти и планинари, дури и оние без никакво планинарско искуство можат да уживаат во неговата убавина ако се прошетаат околу него. Обично, најдобрите фотографии од една планина не се прават од врвот, туку од далечина. Мон Блан е опкружен со места што нудат глетки од кои застанува здивот. Вљубениците во природата кои добро ги служат нозете можат да пешачат по патеките со вкупна должина од околу 130 километри. Неколку такви патеки споени заедно ја сочинуваат таканаречената обиколка Мон Блан. Маршрутата е кружна и ве носи низ Италија, Франција и Швајцарија. Поделена е во десет фази кои траат од три до седум часа дневно и ви овозможуваат да се восхитувате на прекрасните пејзажи. Оние што немаат многу време можат да се прошетаат до некоја од многуте планини околу овој „џин“.
[Слика]
Агије ди Миди е највисоката точка до која води оваа жичница
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Michel Caplain; http://geo.hmg.inpg.fr/mto/jpegs/020726/L/12.jpg
[Карта на страница 22]
(Види во публикацијата)
ФРАНЦИЈА
ШВАЈЦАРИЈА
ИТАЛИЈА
Мон Блан
[Слика на страница 22]
Де Сосир се искачува на Мон Блан во 1787 (уметнички приказ)
[Извор на слика]
© The Bridgeman Art Library International
[Слика на страница 23]
Мон Блан