Поглед во светот
„Во јануари 2009 год., осум држави имале повеќе од 23.300 парчиња нуклеарно оружје“ (СТОКХОЛМСКИ МЕЃУНАРОДЕН ИНСТИТУТ ЗА МИРОВНИ ИСТРАЖУВАЊА, ШВЕДСКА).
Десетици илјади дупки, бунари и пумпи во Африка, од кои голем број неодамна беа направени со странска помош, се во многу лоша состојба „од една едноставна причина што може да се избегне — не се одржуваат“ (МЕЃУНАРОДЕН ИНСТИТУТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И РАЗВОЈ, БРИТАНИЈА).
Мамут на снимање
Руските научници направиле детални снимки од внатрешните органи на еден мамут. Животното, кое имало три или четири месеци кога умрело, останало беспрекорно сочувано во заледената област Јамало-Ненец во арктичка Русија. „Ова е најсочуваниот примерок, не само на мамут, туку на кое и да било праисториско животно“, вели Алексеј Тиконов, заменик-директор на Институтот по зоологија при Руската академија на науките. Компјутерската томографија, слична на онаа што се користи за луѓе, не покажа никакви знаци на повреда. Тоа што дишните патишта и органите за варење се „затнати“ со нешто што личи на тиња ги навело научниците на заклучок дека животното „мора да се удавило“.
Експрес-развод
Од неодамна стана многу лесно да се добие развод во градот Мексико, пишува весникот El Universal. Во 2008 год., од законикот беа тргнати сите услови за добивање развод, како на пример неверство, насилство итн., чиј вкупен број беше 21. Сега е доволно лицето да уплати 400 американски долари во банка и да му испрати на судот потпишано барање што може да го преземе од интернет во кое изјавува дека повеќе не го сака брачниот другар. Ништо не мора да се докажува пред судија. Разводот може да се добие за само два до четири месеци, за разлика од порано, кога процесот можеше да трае и до неколку години. Другите поединости, како што се старателството, алиментацијата и поделбата на имотот, се решаваат подоцна.
Колибрите — ‚побрзи и од авион‘
Во однос на големината, колибрито лета побрзо отколку еден авион ловец, вели еден истражувач од Калифорнискиот универзитет во Беркли (САД). Кристофер Кларк ги снимил ритуалите на додворување на мажјакот од видот Calypte anna и пресметал дека, кога се спуштаат за да ја импресионираат женката, „овие пердувести акробати за една секунда минуваат растојание што е 400 пати поголемо од должината на нивното тело“. Оваа брзина е пропорционално „поголема од [брзината] на еден авион ловец“ под полн гас, вели Кларк. Кога запира за да слета, оваа птичка е под притисок кој е 10 пати посилен од земјината тежа — повеќе отколку што можат да издржат воените пилоти без да се онесвестат.