Се објавува Божјето име!
● Ако се прошетате низ живописниот остров Ил д’Орлеанс во близина на градот Квебек (Канада), ќе забележите дека неговите први жители биле многу побожни. Покрај патот што го обиколува островот сѐ уште можат да се видат историски капели кои стојат како неми сведоци на минатото, а секоја парохија има своја црква.
Во градот Сен-Пјер се наоѓа една селска црква, која датира од 1717 год. Оваа градба, која денес е претворена во уметничка галерија, има едно извонредно обележје. Над олтарот може да се види тетраграмот — четирите хебрејски букви со кои е претставено личното име на библискиот Бог, Јехова.
Денес ова име ретко може да се чуе во католичка црква, а камоли да се види. Всушност, во еден ватикански документ од 2008 год. стоеше дека, на барање на папата, Божјето име не смее „ниту да се користи ниту да се изговара“ во католичките богослужби, црковни песни или молитви. Спротивно на тоа, Библијата јасно покажува дека Јехова Бог сака неговото име „да се објави... по целата земја“ (2. Мојсеева 9:16).
Јеховините сведоци сметаат дека, за да му се угоди на Бог, потребно е многу повеќе отколку да се истакне неговото име во некоја градба. Секоја година, низ целиот свет, тие минуваат повеќе од 1,5 милијарда часови поучувајќи ги луѓето за Божјето име и намера. Тие дури и го вратија Божјето име, Јехова, на местото кое со право му припаѓа. Библијата што ја издаваат, Свето писмо — превод Нов свет, е верен превод на текстовите пишувани на изворните јазици, каде што името Јехова се појавува околу 7.000 пати. Досега се отпечатени повеќе од 165.000.000 примероци од Преводот Нов свет (комплетен или делумен превод) на 83 јазици. Според тоа, што се однесува до Божјето име, Јехова, прашањето што треба да си го поставиме не е дали имаме причина да го користиме, туку дали постои основа да не го користиме.
[Слика на страница 21]
Преводот Нов свет во кој Божјето име се појавува на околу 7.000 места е отпечатен (комплетен или делумен превод) на 83 јазици