Јастог — наслада за гурманите
Група гладни гости седат во еден њујоршки ресторан. Служејќи се со посебен прибор, вешто го кршат оклопот на големите животинки пред нив. Не обрнувајќи внимание на испакнатите очи што ги набљудуваат од чиниите, гостите го загризуваат кревкото, вкусно месо. Што јадат? Јастози.
ВО 18 ВЕК водите на североисточното крајбрежје на САД вриеле од јастози. Овие членконоги биле ловени и расфрлани низ полињата како ѓубриво. Се користеле и како рибарски мамки. Освен тоа, биле храна и за затворениците. Во тоа време, јастозите биле толку вообичаени што една група незадоволни платени слуги од тој регион добиле еден правен случај, а во пресудата стоело дека газдите нема да им даваат за оброк јастози повеќе од трипати седмично!
За разлика од нив, за жителите на градовите далеку од брегот, јастозите биле редок деликатес. Зошто? Затоа што, откако ќе умре, јастогот брзо се распаѓа и не може да се сочува со посолување или со сушење. Но, кон средината на 19 век, производителите почнале да ги конзервираат јастозите, со што повеќе луѓе можеле да уживаат во нивниот пријатен вкус. Освен тоа, со воведувањето на железницата било возможно живи јастози да се транспортираат низ САД. Тоа довело до голема побарувачка. Сепак, трошоците околу транспортот на живи јастози биле високи, поради што тие станале луксуз кој можеле да си го дозволат само богатите.
Денес рибарите фаќаат разни видови јастог долж крајбрежјата низ светот. Американскиот јастог го има во Атлантскиот Океан од Њуфаундленд до Северна Каролина. Голем извозник на јастози е Мејн, сојузна држава во североисточниот дел на САД. Од таму, приготвени или живи, јастозите се извезуваат низ целиот свет. Со само една авионска пратка, набавувачите може да достават околу 36.000 килограми јастог.
Компаниите обично произведуваат големи количини прехранбени артикли за пазарите низ целиот свет, а тоа им носи голем профит. Но, не е така и со јастогот. Најчесто, рибарите на јастози имаат сопствен бизнис. Тие не одгледуваат јастози во мрестилишта, туку ги фаќаат во нивното природно живеалиште — во овој случај, Атлантскиот Океан.
Како се ловат јастози
Како рибарите на јастози го фаќаат својот улов? За да го добиеме одговорот на ова прашање, Разбудете се! зборуваше со Џек од Бар Харбор (Мејн), чие семејство веќе четири генерации се занимава со ловење јастози. Џек почнал со рибарење на 17 години, а лови во истиот залив во кој ловел и неговиот прадедо. И Анет, сопругата на Џек, се занимава со истиот бизнис. „Така е кога ќе се омажиш за рибар“, вели таа. „Две години бев помошник на бродот на Џек, но подоцна и јас си купив брод.“
Како Џек и Анет фаќаат јастози? „Користиме правоаголен метален кафез со мал отвор“, објаснува Анет, „во кој како мамка ставаме мрежеста вреќичка најчесто полна со харинга.“ На секој кафез, рибарите закачуваат пловка. „Секој рибар си има пловки со своја боја за да може полесно да си ги препознава“, вели Анет.
Кога кафезот ќе се фрли во морето, паѓа на дното, а обоената пловка останува на површината. Така рибарите можат полесно да си ги најдат своите кафези. Анет вели: „Кафезите ги оставаме во вода неколку дена и потоа одиме и ги вадиме. Кога внатре ќе најдеме јастог, го вадиме и го мериме“. Совесните рибари како Џек и Анет ги враќаат помалите јастози во океанот. Истото го прават и со некои женки, зашто тоа ќе осигура подмладок.
Потоа, рибарите одат на доковите и ги продаваат живите јастози. Освен некои групи што работат заедно, нема склучување договори — само локални рибари што им го продаваат својот улов на локални прекупци. Како што веќе беше кажано, јастозите многу ретко се одгледуваат во мрестилишта. „Некои рибари имаат дозвола да чуваат оплодени женки“, вели Џек. „Откако малите јастози ќе се изведат, рибарите ги одгледуваат еден краток период и потоа ги пуштаат во морето. Така се зголемува бројот на јастози во водите.“
Точно, можеби ловењето јастози не е најлесниот или најдобриот начин да се збогатиш. Но, ако ги прашаш рибарите на јастози, тие ќе ти кажат за други позитивни страни на нивниот занает — имаат голема слобода како самостојни стопанственици, ја продолжуваат семејната традиција, уживаат во тоа што живеат и работат крај брегот итн. А најголемо задоволство им носи тоа што знаат дека со нивниот скапоцен улов ќе се насладуваат голем број гурмани низ целиот свет.
[Рамка/слика на страница 12]
ОПАСНОСТИТЕ ПРИ ЛОВЕЊЕТО ЈАСТОЗИ
Ловењето јастози може да изгледа како многу безбедна професија. Но, не е. На пример, од Државниот институт за безбедност на работното место (NIOSH) велат дека „од 1993 до 1997 год., стапката на смртност на работното место кај рибарите на јастози во Мејн беше 14 на 100.000 лиценцирани рибари на јастози, што е 2,5 пати повеќе од државниот просек (4,8 на 100.000) во сите индустриски гранки“.
Според NIOSH, една истрага спроведена од Крајбрежната стража на САД покажа дека „рибарите на јастози често се заплеткуваат во некое разлабавено јаже на палубата, може да бидат повлечени во водата од кафезите и се дават кога не можат да се ослободат од јажето или не можат да се качат на бродот“. Во периодот 1999-2000 беше спроведена анкета во која беа вклучени 103 рибари на јастози. Речиси 75% изјавија дека барем еднаш се заплеткале во јажето со кое е врзан кафезот, иако сите не биле повлечени во водата. Се препорачува рибарите да преземат безбедносни мерки, на пример, да носат некоја алатка со која ќе можат да се ослободат од јажето или, пак, воопшто да не се заплеткаат.
[Слики на страници 10 и 11]
1. Џек го фрла кафезот за јастози
2. Анет и Џек ги вадат јастозите преку еден мал отвор на металниот кафез
3. Секој јастог се мери со посебен мерач