ПРИКАЗНА 8
Џинови на Земјата
КОГА некој би доаѓал кон тебе, а би бил висок до таванот во вашата куќа, што би помислил? Дека тоа е џин! Некогаш на Земјата навистина имало џинови. Библијата ни кажува дека нивни татковци биле ангели од небото. Но, како било можно тоа?
Сети се дека злиот ангел Сатана постојано правел нешто лошо. Тој дури се обидел да ги натера Божјите ангели да бидат лоши. Со текот на времето, некои од ангелите почнале да го слушаат Сатана. Престанале со работата што Бог им ја дал на небото и слегле на Земјата, па си направиле човечки тела. Дали знаеш зошто?
Библијата вели дека тоа било затоа што овие Божји синови ги виделе убавите жени на Земјата и сакале да живеат со нив. Така дошле на Земјата и се ожениле со тие жени. Библијата вели дека тоа било погрешно, бидејќи Бог ги создал ангелите за да живеат на небото.
Кога ангелите и нивните жени имале деца, децата биле поинакви. Отпрво можеби не изгледале многу поинаку. Но тие растеле сѐ повеќе, и станувале сѐ посилни, и на крајот станале џинови.
Тие џинови биле лоши. А бидејќи биле толку големи и силни, ги повредувале луѓето. Се обидувале да ги присилат сите луѓе да станат лоши како нив.
Енох умрел, но на Земјата имало еден човек што бил добар. Тој се викал Ное. Ное секогаш го правел она што Бог го барал од него.
Еден ден Бог му рекол на Ное дека дошло време Тој да ги уништи сите лоши луѓе. Но, Бог сакал да ги спаси Ное, неговото семејство и многу животни. Да видиме како Бог го направил тоа.