Ангели — како влијаат врз нас?
ОПИШУВАЈЌИ го она што го видел во визија во врска со Божјите ангели, пророкот Даниел напишал: „Илјада илјади му служеа [на Бог], десет илјади по десет илјади стоеја пред Него“ (Даниел 7:10). Овој стих ни покажува со каква намера Бог ги создал ангелите. Тие треба да му служат и да бидат секогаш подготвени да ги разнесуваат неговите упатства.
Понекогаш Бог ги користи ангелите за да извршат некои работи поврзани со луѓето. Ќе разгледаме како ги користи за да го зајакне и да го заштити својот народ, да им пренесе пораки на луѓето и да ја изврши својата осуда врз злобните.
Ангелите зајакнуваат и заштитуваат
Уште откако го виделе создавањето на Земјата и на првите луѓе, духовните суштества многу се интересираат за човештвото. Зборувајќи како персонифицирана мудрост, во своето претчовечко постоење Исус Христос рекол: „Мојата радост се човечките синови“ (Пословици 8:31). А Библијата ни кажува дека „ангелите сакаат да ѕирнат“ во фактите за Христос и иднината што им е откриена на Божјите пророци (1. Петрово 1:11, 12).
Како што минувало времето, ангелите забележале дека поголемиот дел од човештвото не му служи на нивниот љубезен Творец. Ова сигурно ги ожалостило верните ангели! Од друга страна, пак, секогаш кога еден грешник ќе се покае и ќе се обрати кон Јехова, „меѓу Божјите ангели станува радост“ (Лука 15:10). Ангелите се длабоко загрижени за доброто на оние што му служат на Бог, и Јехова често ги користи за да ги зајакне и заштити своите верни слуги на Земјата (Евреите 1:14). Разгледај неколку примери.
Двајца ангели им помогнале на Лот и на неговите ќерки да го преживеат уништувањето на безбожните градови Содом и Гомор, со тоа што ги извеле од таа областa (Битие 19:1, 15-26). Со векови подоцна, иако пророкот Даниел бил фрлен во лавовска јама, сепак не бил повреден. Зошто? Тој рекол: „Мојот Бог го испрати Својот ангел; им ги затвори устите на лавовите“ (Даниел 6:22). Ангелите му помагале на Исус на почетокот од неговата служба на Земјата (Марко 1:13). И кратко пред смртта на Исус, еден ангел му се појавил и ‚го зајакнувал‘ (Лука 22:43). Поддршката од ангелите сигурно била голем благослов за Исус во тоа важно време од неговиот живот! Исто така, еден ангел го ослободил апостол Петар од затвор (Дела 12:6-11).
Дали и денес нѐ штитат ангелите? Ако го обожаваме Јехова онака како што вели неговата Реч, имаме гаранција дека неговите моќни, невидливи ангели ќе нѐ штитат. Библијата ветува: „Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од него и ги избавува“ (Псалм 34:7).
Меѓутоа, мора да сме свесни дека ангелите првенствено му служат на Бог, а не на луѓето (Псалм 103:20, 21). Тие постапуваат според Божјите упатства, а не на повик или на барање од луѓето. Затоа, треба да бараме помош од Јехова Бог, а не од ангелите (Матеј 26:53). Се разбира, бидејќи не ги гледаме ангелите, не можеме да знаеме во колкава мера ги користи Бог за да им помагаат на луѓето во различни работи. Но, знаеме дека Јехова ‚ја покажува својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце‘ (2. Летописи 16:9; Псалм 91:11). Го имаме и уверувањето дека „што и да бараме во склад со неговата волја, тој [Бог] нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14).
Библијата исто така ни кажува дека треба да му се молиме и да го обожаваме само Бог (Излез 20:3-5; Псалм 5:1, 2; Матеј 6:9). Верните ангели нѐ поттикнуваат да го правиме тоа. На пример, кога апостол Јован се обидел да обожава еден ангел, тој го укорил со зборовите: „Внимавај! Не прави го тоа! . . . Обожавај го Бог“ (Откровение 19:10).
Ангелите носат Божји пораки
Хебрејскиот и грчкиот збор од Библијата што се преведени со „ангел“ значат „гласник“, и тоа е уште еден начин на кој ангелите му служат на Бог — како негови гласници до луѓето. На пример, ‚ангелот Гавриел бил испратен од Бог во еден галилејски град, по име Назарет‘. Зошто? За да извести една девојка по име Марија дека, иако е девица, ќе зачне во својата утроба и ќе роди син кој треба да се вика Исус (Лука 1:26-31). Еден ангел бил испратен и до овчарите по полето за да ги извести дека се родил „Христос Господ“ (Лука 2:8-11). Слично на тоа, ангелите им носеле пораки од Бог и на Авраам, Мојсеј, Исус и на други кои се спомнати во Библијата (Битие 18:1-5, 10; Излез 3:1, 2; Лука 22:39-43).
На кој начин денес ангелите служат како Божји гласници? Разгледај го делото кое Исус прорекол дека ќе го извршуваат неговите следбеници пред крајот на овој поредок. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:3, 14). Јеховините сведоци поминуваат преку милијарда часови годишно за да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Но, дали си знаел дека и ангелите се вклучени во ова дело? Апостол Јован го кажал следново за една визија што ја видел: „Видов друг ангел . . . и тој имаше вечна добра вест за да им ја објави како радосна новост на оние кои живеат на земјата, и на секоја нација и племе и јазик и народ“ (Откровение 14:6, 7). Овој стих го нагласува најважното дело што го вршат ангелите денес за луѓето.
Јеховините сведоци гледаат докази дека ангелите ги водат додека проповедаат од врата до врата. Тие честопати сретнуваат поединци кои туку што се молеле некој да им помогне да ги разберат Божјите намери. Како резултат на водството од ангелите и активноста на самите Сведоци, секоја година стотици илјади лица го запознаваат Јехова. И ти би можел да бидеш еден од оние што ќе имаат корист од ова животоспасувачко дело кое го водат ангелите.
Ангелите извршуваат Божја осуда
Иако не се овластени да им судат на луѓето, ангелите не се само пасивни набљудувачи (Јован 5:22; Евреите 12:22, 23). Во минатото тие служеле како извршители на Божји пресуди. На пример, Бог користел ангели во својата борба против древните Египќани, кои ги држеле Израелците во ропство (Псалм 78:49). А само во една ноќ, „Господов Ангел“ убил сто осумдесет и пет илјади војници во логорот на еден непријател на Божјиот народ (2. Цареви 19:35).
И во иднина, ангелите ќе го извршат Божјиот неповолен суд. Исус ќе дојде „со своите моќни ангели во пламенен оган, кога ќе донесе одмазда над оние кои не го познаваат Бог и над оние кои не се послушни на добрата вест“ (2. Солуњаните 1:7, 8). Меѓутоа, ќе бидат уништени само оние што не се оѕвиваат на пораката што денес се проповеда низ целиот свет со поддршка од ангелите. Нема да бидат повредени оние што го бараат Бог и што се придржуваат на учењата од Библијата.
Навистина можеме да бидеме благодарни за верните ангели, кои секогаш ги извршуваат Божјите наредби! Јехова ги користи за да им помага и да ги штити своите лојални слуги на Земјата. Ова е особено утешно за нас, затоа што постојат опасни духовни суштества наречени демони, кои сакаат да ни наштетат.
Демони — кои се тие?
Божјата ангелска фамилија видела дека, во текот на 15 века откако ја измамил Ева во Еден, Сатана успеал да го оттргне од Бог секој човек освен неколкумина верни како што биле Авел, Енох и Ное (Битие 3:1-7; Евреите 11:4, 5, 7). И некои ангели почнале да го следат Сатана. Во Библијата тие се наречени духови кои биле непослушни „во Ноевите денови“ (1. Петрово 3:19, 20). Како станала очигледна нивната непослушност?
Во времето на Ное, еден неодреден број бунтовни ангели го напуштиле своето место во Божјата небесна фамилија, се симнале на Земјата и се материјализирале во човечки тела. Зошто? Во нив се родила желба да имаат сексуални односи со жени. Од ова произлегле нивните потомци наречени Нефили, кои станале насилни џинови. Освен тоа, ‚човековата расипаност на земјата била голема, и . . . секоја мисла во неговата памет секогаш била само зло‘. Меѓутоа, Јехова Бог не дозволил оваа расипаност на луѓето да продолжи понатаму. Тој предизвикал еден глобален Потоп, во кој биле збришани злобните луѓе заедно со Нефилите. Единствените луѓе што биле сочувани живи биле Божјите верни слуги (Битие 6:1-7, 17; 7:23).
Бунтовните ангели го избегнале уништувањето во времето на Потопот. Тие ги напуштиле своите човечки тела и се вратиле во духовното подрачје како духовни суштества. Оттогаш, тие се наречени демони. Застанале на страната на Сатана Ѓаволот, кој е наречен „владетелот на демоните“ (Матеј 12:24-27). Исто како нивниот владетел, демоните копнеат луѓето да ги обожаваат нив.
Демоните се опасни, но не мора да се плашиме од нив. Нивната моќ е ограничена. Кога овие бунтовни ангели се вратиле на небото, не им било дозволено да бидат дел од Божјата ангелска фамилија. Наместо тоа, биле отсечени од секакво духовно просветлување од Бог и им претстоела мрачна иднина. Навистина, тие биле ограничени во состојба на духовна темнина позната како Тартар (2. Петрово 2:4). Јехова ги врзал со „вечни окови“, па затоа се во духовна темнина. Освен тоа, сега не можат да се материјализираат во човечки тела (Јуда 6).
Што треба да правиш?
Дали демоните сѐ уште влијаат врз луѓето? Да, тоа го прават користејќи „сплетки“ или измами, како оние што ги користи нивниот владетел, Сатана Ѓаволот (Ефешаните 6:11, 12). Меѓутоа, ако го применуваме советот од Божјата реч, можеме цврсто да им се спротивставиме на демоните. Освен тоа, моќните ангели ги штитат оние што го сакаат Бог.
Многу е важно да научиш кои се Божјите барања што се наоѓаат во Библијата и да постапуваш според она што го учиш! Можеш да научиш повеќе за библиските учења ако ги побараш Јеховините сведоци во твоето место или ако им пишеш на издавачите на ова списание. На Јеховините сведоци ќе им биде мило бесплатно да ја проучуваат Библијата со тебе, во време кое најмногу ти одговара.
[Фуснота]
a Во Библијата, ангелите се прикажани како возрасни мажи. Тие секогаш им се појавувале на луѓето како мажи.
[Рамка на страница 6]
КАКО СЕ ОРГАНИЗИРАНИ АНГЕЛИТЕ?
Јехова ја организирал својата огромна ангелска фамилија на следниов начин:
Ангел со најголема моќ и власт е архангелот Михаел, или Исус Христос (1. Солуњаните 4:16; Јуда 9). Под негова власт се серафимите, херувимите и другите ангели.
Серафимите заземаат многу висока положба во Божјето уредување. Тие служат кај Божјиот престол. Нивна задача е да ја објавуваат светоста на Бог и да го одржуваат неговиот народ духовно чист (Исаија 6:1-3, 6, 7).
Херувимите го придружуваат Божјиот престол и ја возвишуваат Јеховината величественост (Псалм 80:1; 99:1; Езекиел 10:1, 2).
Другите ангели се претставници на Јехова и ја извршуваат неговата волја.
[Слика на страница 4]
Ангелите ги извеле Лот и неговите ќерки на безбедно
[Слика на страница 5]
Кога апостол Јован се обидел да го обожава ангелот, му било речено: „Не прави го тоа!“
[Слика на страница 6]
Ангелите го извршуваат Божјиот суд
[Слика на страница 7]
Дали извлекуваш корист од проповедничкото дело кое се врши под ангелско водство?