Најголемиот човек кој некогаш живеел
МОЖЕ ли некој човек неоспорно да се нарече најголемиот човек кој некогаш живеел? По што ја проценуваш ти големината на човекот? По неговата воена генијалност? По неговата физичка сила? По неговата умствена способност?
Историчарот Х. Џ. Велс рекол дека големината на човекот може да се измери по она ‚што тој го остава да расте, и по тоа дали ги поттикнал другите да размислуваат во нови правци со сила која ќе продолжи да трае по него‘. Иако не се изјаснувал како христијанин, Велс признал: „Според овој тест, Исус е на првото место“.
Александар Велики, Карло Велики (наречен „Велики“ уште за време на својот живот) и Наполеон Бонапарта биле моќни владетели. Со своето импресивно присуство тие имале големо влијание врз оние на кои им заповедале. Сепак, се известува дека Наполеон рекол: „Исус Христос врши влијание и им заповеда на своите поданици и без своето видливо телесно присуство“.
Со своите динамични учења и со начинот на којшто живеел во склад со нив, Исус силно влијае врз животот на луѓето веќе речиси две илјади години. Еден писател погодно го изразил тоа: „Сите војски кои некогаш марширале, и сите морнарици кои некогаш биле изградени, и сите парламенти кои некогаш заседавале, сите цареви кои некогаш владееле, собрани заедно, не извршиле толку силно влијание врз животот на човекот на оваа Земја“.
Историска личност
Сепак, чудно е тоа што некои велат дека Исус никогаш не живеел — дека тој, всушност, е творба на некои луѓе од првиот век. Одговарајќи им на таквите скептици, почитуваниот историчар Вил Дјурант аргументирал: „Дека неколку прости луѓе во една генерација би измислиле една толку силна и привлечна личност, толку возвишена етика и толку инспирирана визија за човечкото братство, би било далеку поневеројатно чудо од кое и да било запишано во евангелијата“.
Запрашај се: Дали би можела некоја личност која никогаш не живеела да изврши толку извонредно влијание врз човечката историја? Прирачникот The Historians’ History of the World забележува: „Историските резултати од [Исусовите] активности, дури и од исклучително световна гледна точка, се многу поважни отколку делата на која и да е друга историска личност. Новата ера, призната од водечките цивилизации во светот, датира од неговото раѓање“.
Да, размисли за тоа. Дури и денешните календари се базираат на годината за која се смета дека е роден Исус. „Датумите пред таа година се наведуваат како пр. Хр., или пред Христос“, објаснува The World Book Encyclopedia. „Датумите после таа година се наведуваат како А. Д., или ано Домини (во годината на нашиот Господ).“
Меѓутоа, критичарите укажуваат на тоа дека сѐ што, всушност, знаеме за Исус се наоѓа во Библијата. Не постојат други современи записи за него, велат тие. Дури и Х. Џ. Велс напишал: „Историчарите од стариот Рим во потполност го игнорирале Исус; тој не оставил отпечаток врз историските записи од своето време“. Но, дали е тоа точно?
Иако раните световни историчари слабо се осврнуваат на Исус Христос, такви осврти сепак постојат. Корнелиј Тацит, почитуван римски историчар од првиот век, напишал: „Името [христијанин] е изведено од Христос, кого прокураторот Понтиј Пилат го погубил за време на владеењето на Тибериј“. Светониј и Плиниј Помладиот, други римски писатели од тоа време, исто така се осврнале на Христос. Освен тоа, Јосиф Флавиј, еврејски историчар од првиот век, пишувал за Јаков, кого го идентификувал како „брат на Исус, наречен Христос“.
Затоа The New Encyclopædia Britannica заклучува: „Овие независни извештаи докажуваат дека во древните времиња дури и противниците на христијанството никогаш не се сомневале во историската веродостојност на Исус, за која се расправало за првпат и врз неадекватна основа кон крајот на 18, во текот на 19 и во почетокот на 20 век“.
Меѓутоа, во суштина, сѐ што се знае за Исус го запишале неговите следбеници од првиот век. Нивните извештаи се сочувани во евангелијата — библиски книги што ги запишале Матеј, Марко, Лука и Јован. Што велат тие извештаи во врска со Исусовиот идентитет?
Кој всушност бил тој?
Исусовите соработници од првиот век размислувале за тоа прашање. Кога виделе како Исус со укор на чудесен начин го смирува разбрануваното море, зачудено се запрашале: „Кој е, всушност, овој?“ Подоцна, во друга прилика, Исус ги прашал своите апостоли: „А вие, што велите вие, кој сум јас?“ (Марко 4:41; Матеј 16:15).
Доколку ти биде поставено тоа прашање, како би одговорил? Дали Исус, всушност, бил Бог? Многумина денес велат дека бил. Сепак, неговите соработници никогаш не верувале дека тој бил Бог. Одговорот на апостол Петар на Исусовото прашање бил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:16).
Исус никогаш не тврдел дека е Бог туку признал дека е ветениот Месија, или Христос. Исто така рекол дека е „Божји Син“, а не Бог (Јован 4:25, 26; 10:36). Сепак, Библијата не вели дека Исус бил човек како и сите други луѓе. Тој бил една навистина посебна личност зашто Бог го создал пред сите други работи (Колошаните 1:15). Безброј милијарди години, дури и пред да биде создаден физичкиот универзум, Исус живеел како духовна личност на небото и се радувал на присното дружење со својот Татко, Јехова Бог, Големиот Творец (Пословици 8:22, 27—31).
Понатаму, пред околу две илјади години, Бог го пренел животот на својот Син во утробата на една жена, и Исус станал човечки син Божји, роден на природен начин од жена (Галатите 4:4). Кога Исус се развивал во утробата и додека растел како дете, бил зависен од оние кои Бог ги избрал да му бидат земни родители. Конечно, Исус достигнал зрелост и во потполност му се вратило сеќавањето за неговата првобитна заедница со Бог на небото (Јован 8:23; 17:5).
Што го направило најголем
Бидејќи грижливо го имитирал својот небесен Татко, Исус бил најголемиот човек кој некогаш живеел. Како верен Син, Исус толку точно го копирал својот Татко што на своите следбеници можел да им каже: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9, 10). Во секоја ситуација овде на Земјата, тој правел сѐ како што би направил неговиот Татко, Семоќниот Бог. „Ништо не правам на своја иницијатива“, објаснил Исус, „туку како што ме научи Таткото, така зборувам“ (Јован 8:28). Така, кога го проучуваме животот на Исус Христос, ние всушност добиваме јасна слика за тоа каков е Бог.
Според тоа, иако апостол Јован признал дека „ниеден човек никогаш не го видел Бог“, сепак, можел да напише дека „Бог е љубов“ (Јован 1:18; 1. Јованово 4:8). Јован можел да го стори тоа бидејќи ја познавал Божјата љубов преку она што го видел кај Исус кој бил совршен одраз на својот Татко. Исус бил сочувствителен, љубезен, понизен и пристаплив. Слабите и подјармените се чувствувале угодно со него, а и сите други видови луѓе — мажи, жени, деца, богати, сиромашни, моќни, дури и тешки грешници. Само оние со злобни срца не го сакале.
Навистина, Исус не само што ги поучувал своите следбеници да се љубат едни со други туку им покажал и како. „Како што јас ве љубев“, рекол тој, „и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13:34). Познавањето на „љубовта Христова“, објаснил еден од неговите апостоли, „го надминува спознанието“ (Ефешаните 3:19). Да, љубовта што ја покажал Христос се издигнува над академски стекнатото спознание и ги „тера“ другите да се одѕвијат на неа (2. Коринќаните 5:14). На тој начин, ненадминливиот пример на љубов е она што особено го направило Исус најголемиот човек кој некогаш живеел. Неговата љубов ги трогнувала срцата на милиони низ вековите и влијаела врз нивниот живот на добро.
Но, некои можеби ќе приговорат: ‚Погледни ги сите злосторства направени во името на Христос — крстоносните војни, инквизицијата и војните во кои милиони што тврделе дека се христијани се убивале едни со други на спротивставените борбени линии‘. Но, вистината е дека тие луѓе го побиваат своето тврдење дека се следбеници на Исус. Неговите учења и начин на живот ги осудуваат нивните постапки. Дури и еден хиндус, Мохандас Ганди, бил поттикнат да каже: ‚Јас го сакам Христос, но ги презирам христијаните бидејќи не живеат како што живеел Христос‘.
Извлечи корист учејќи за него
Сигурно е дека ниту едно проучување денес не би можело да биде поважно од она за животот и службата на Исус Христос. ‚Внимателно гледај на . . . Исус‘, поттикнал апостол Павле. ‚Навистина, набљудувајте го добро него.‘ И самиот Бог во врска со својот Син заповедал: „Него слушајте го“. Во тоа ќе ти помогне книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел (Евреите 12:2, 3; Матеј 17:5).
Вложен е напор да се изнесе секој настан од Исусовиот живот на Земјата којшто е изложен во четирите евангелија, вклучувајќи ги и говорите што ги одржал тој и неговите споредби и чуда. Колку што е можно, сите се запишани според редоследот по кој се одвивале. На крајот од секое поглавје се наведени библиските стихови на кои се темели поглавјето. Те охрабруваме да ги прочиташ овие стихови и да одговориш на наведените прашања за повторување.
Еден изучувач од универзитетот во Чикаго неодамна изјавил: „За Исус е напишано повеќе во последниве дваесет години отколку во претходните две илјади“. Сепак, постои животна потреба лично да се проучат извештаите од евангелијата, како што The Encyclopædia Britannica наведува: „Честопати современиот студент толку многу се преокупира со конфликтните теории за Исус и за евангелијата што го запоставува проучувањето на самите овие темелни извори“.
По едно темелно, непристрасно разгледување на извештаите од евангелијата, сметаме дека ќе се сложиш со тоа дека најголемиот од сите настани во човечката историја се одиграл за време на владеењето на римскиот цезар Август, кога се појавил Исус од Назарет за да го даде својот живот во наша корист.