Комплициран пристап кон Бог
”ЈАС СУМ патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене“, рекол Исус Христос. Тој додал: ”Вистина, вистина ви велам; што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде“ (Јован 14:6; 16:23).
Меѓутоа, религиите на т. н. христијанство, особено Римокатоличката црква, со своите науки за пеколниот оган, чистилиштето и Тројството го мателе тој пат. Исус не бил прикажан како доброволен посредник за грешните луѓе, туку како детенце во прегратка или како застрашувачки судија кој повеќе е наклонет да ги осудува и казнува грешниците отколку да ги спасува. Тогаш, како можело грешникот да му се приближи на Бог?
Книгата Славите на Марија (The Glories of Mary, 1750) го објаснува тоа прашање. Споредувајќи го Исус со распламтеното сонце на правдата, папата Инокентиј III. (13. век) изјавил: ”Секој кој се наоѓа во темнината на гревот, нека погледне во месечината и нека се моли на Марија.“ Во Марија, Исусовата мајка, бил пронајден уште еден посредник. Можеби преку нејзиното наводно мајчинско влијание би можела да се стекне наклоноста на Исус и Бог. Така во зборовите на Лоренс Јустинијан, свештеник од 15. век, Марија станала ”скала кон рајот, врата до небото, најверна посредничка помеѓу Бог и човекот.“
Со сето ласкање кое ѝ е упатено, со текот на времето повеќе не била сметана само за ”Девица Марија“, туку станала ”Света Кралица, Мајка на Милосрдието“. Означена е за толку безгрешна и возвишена, што станала премногу света за директно пристапување. Дали можело да се најде уште еден посредник? Што е со нејзината мајка?
Бидејќи Библијата не говори ништо за оваа тема, одговорот е побаран на друго место. Апокрифната книга Протоевангелие Јаковлево (Protevangelium of James) зборува за Ана, жената на Јоаким, која по многу години брак била без деца. Конечно ѝ се појавил еден ангел и ѝ објавил дека ќе роди дете. Се тврдело дека во одредено време станала мајка на ”Дева Марија“.
Така се појавил култот на ”Света“ Ана. Биле градени храмови и цркви во нејзина чест. Почитувањето на ”Света“ Ана се раширило низ Европа во 14-тиот век.
”Колку комплицирана станала религијата!“, забележува книгата Приказна за Реформацијата (The Story of the Reformation). ”Луѓето се молеле на Ана која посредувала кај Марија, која посредувала кај својот Син, кој посредувал кај Бог за грешните луѓе. Тоа било апсурдно, но тоа било вид на празноверие со кое биле хранети душите на луѓето.“ Значи, тоа е уште еден случај на кој прикладно можат да се применат Исусовите зборови: ”Ја обезвредивте Божјата реч со своите преданија“ (Марко 7:13, Ст).
[Извор на слика на страница 21]
The Metropolitan Museum of Art, Заоставштина од Бенџамин Алтман, 1913. (14. 40. 633)