Колку многу причини имам да бидам благодарна!
РАСКАЖАЛА ЛОТИ ХОЛ
ТОА СЕ СЛУЧИ на нашиот пат од Калкута (Индија) до Рангун (Бурма), 1963 година. Набргу откако со авионот ја напуштивме Калкута, еден брат забележа масло на крилото од авионот. Бидејќи беа известени за тоа, членовите на екипажот објавија принудно слетување. Пред сѐ, авионот мораше да исфрли доста гориво за да воопшто слетувањето биде можно. Водачот на летот упати повик: ”Ако сакате да се помолите, сторете го тоа веднаш!“ Секако дека се молевме, ако е Јеховина волја безбедно да слетаме, и така и беше. Навистина се случи нешто за кое бевме благодарни!
ДА, и имам уште многу заради кое би требало да бидам благодарна. На 79 години сѐ уште имам доволно сила и здравје кои ги користам во полновремената служба. Освен тоа, покрај благословите кои се излеваат на целиот Јеховин народ, доживеав многу исклучителни искуства. Сѐ на сѐ, најголемото задоволство ми беше да му служам на Јехова во изминатите 60 години, од што повеќе од 30 служев како полновремен слуга или пионер.
Сѐ започна од мојот татко додека живеевме во Карбондејл, Илиноис (САД). Тој беше поврзан со сектата Христови Ученици и сакаше да стане свештеник. Сепак, искуството што го доживеа на два библиски собири потполно го разочара, бидејќи имаше свои идеи за Тројството, бесмртноста на душата и вечното мачење.
Конечно беше задоволен со библиската вистина која му ја донесе колпортерот на Испитувачите на Библијата 1924. год., кога јас имав само 12 години. Мојот татко беше среќен кога слушна дека има уште такви кои размислуваат како него, т. е. дека Тројството, пеколниот оган и бесмртноста на душата се лажни науки. Наскоро нашето семејство редовно се состануваше со Испитувачите на Библијата, како што тогаш се викаа Јеховините сведоци. Запознавањето на вистината за Јехова и неговата Реч беше нешто на кое бев вистински благодарна.
Меѓутоа, наскоро се појави проблем. Човекот кој му ја донесе вистината на татко ми, стана нечесен и неморален. Го соблазни татко ми, но не мајка ми и мене. Сега во седумнаесеттата, бев најстара од шестте деца и со мајка ми цврсто ја прегрнав вистината.
Во летото 1927. беше најавено дека ќе се одржи голем конгрес на Испитувачите на Библијата во Торонто, Канада. Татко ми рече дека нема да даде пари за пат, но мајка ми беше решителна. Почна да продава разни куќни потреби, така што во времето на конгресот имаше на залиха 8 долари. Со тие пари тргнавме двете со автостоп до Торонто, 1 600 километри далеку. Изминаа 5 дена и 37 возења додека стигнавме таму, еден ден пред да почне конгресот. Бидејќи нашите средства беа мали, побаравме и добивме бесплатно сместување. Кога братот А. Х. Мекмилан слушна за нашето патување, напиша статија во конгресното списание под наслов ”Ниеден пораст на цените на железничкиот превоз не ги загрижува Испитувачите на Библијата.“
Мајка ми за сѐ го известуваше татко ми преку поштенски дописници. Така после сѐ, тој се реши да дојде во последен час, и пристигна со колата токму на јавното предавање кое се одржа на последниот ден од конгресот. Сега повеќе не моравме да стопираме на враќање дома. Каков конгрес беше тоа! Колку бев благодарна што можевме да присуствуваме и што татко ми можеше да ја обнови духовната рамнотежа!
Кога ќе ме прашаа која е мојата религија, со години одговарав ”МИБ“, што одговараше на Меѓународни Испитувачи на Библијата. Меѓутоа, секогаш се чувствував незадоволна со тој назив. Затоа бев благодарна кога во 1931., на конгресот во Колумбус, Охајо, го прифативме новото име, Јеховини сведоци.
Мојата работа во училиштето
Меѓу многуте благослови кои го исполнија мојот живот, беа и оние поврзани со музиката. Многу бев приврзана кон музиката и рано научив да свирам на клавир. Многу години имав предност да свирам како придружба при пеењето во собранието. Уште пред Здружението Стражарска кула да почне да издава музика за царските песни, мисионерот кој служеше во Нова Гвинеја еднаш ме замоли да снимам повеќе наши песни, за да можат Папуанците да ги пеат. Тоа беше работа во која навистина уживав.
Сепак, мој најомилен инструмент беше кларинетот. Сакав да го свирам во училишниот оркестар. Професорот беше толку задоволен од моето свирење што ме замоли да свирам и во машкиот состав. Во тоа време ниедна жена не свиреше во машки состав, така што членовите на составот, кога слушнаа каква намера има професорот, се договорија да одбијат такво нешто. Поинаку размислуваа кога беа предупредени дека, ако бидат непослушни, ќе бидат исфрлени од составот. Уште една традиција беше прекината кога бев повикана да учествувам со составот во една целодневна парада. Весниците тоа го означија како сензација, известувајќи со крупни букви: ”Девојка-музичар во море од машки“.
Конечно ми беше предложено да работам како професорка по музика. Сепак, размислувајќи за сите проблеми кои би можеле да се појават доколку ги поучувам по музика, како што е барањето да учам или свирам религиозна или националистичка музика, решив да работам нешто друго, па бев одредена за предавање светска историја. Меѓутоа, и по многу години, таа промена не ме запре од свирењето кларинет во конгресните оркестри во многу земји додека патував на меѓународните конгреси на Јеховините сведоци.
Со тек на време, станав професорка по светска историја на Големата Виша школа во предградието на Детроит. Еднаш бев замолена од страна на директорот да препорачам една од многуте нови книги. Прегледувајќи ги тие книги, бев изненадена од фактот дека, додека актуелното издание осум пати го споменува Јеховиното име, новите не го именуваат хебрејскиот Бог, иако именуваа многу богови од паганските народи, како што се Ра, Молох, Зевс и Јупитер. Кога дојде трговскиот патник, го прашав зошто Јеховиното име не е наведено во неговата книга, а тој рече: ”Не, не сакаме да го ставиме тоа име во нашите книги поради Јеховините сведоци.“ Тогаш му реков: ”Добро! Тогаш нема да ја препорачам вашата книга.“ Ја фрли книгата во својата чанта и истрча низ врата.
Подоцна, изнесувајќи повеќе добри причини, го известив директорот дека навистина не ни е потребна нова книга. Тој се сложи со мене. Сите беа задоволни со таа одлука кога, само неколку месеци подоцна, беше решено предметот по светска историја да се исфрли од наставната програма на вишите школи. Новиот предмет, наречен Наука за општеството, го замени во целиот систем од 14 школи. Ако школата ја прифатеше новата книга по историја, ќе беше во голема загуба!
Доживеав многу угодни искуства додека работев во школата, а покрај тоа барав голема дисциплина. Тоа ми се исплати со многуте доживотни пријателства. Исто така имав многу прилики за неформално сведочење. Меѓутоа, конечно времето и околностите ме доведоа до полновремената служба.
Меѓународни конгреси
По 20-годишна учителска работа, почна да ме издава видот. Освен тоа, моите родители имаа потреба од мене, така што татко ми ме замоли да се вратам дома. Тој сметаше дека постои една поважна учителска работа, а Јехова ќе се погрижи да не гладувам. Ја напуштив учителската работа и меѓу првите благослови кои ги доживеав после тоа беше присуствувањето на серијата конгреси во Европа под наслов ”Победоносно Царство“. Колку бев благодарна што можев да бидам со браќата од Европа, од кои многумина претрпеле големи страдања во текот на Втората светска војна! Беше посебен благослов да се наоѓаш меѓу 107 000 присутни на Zeppelinwiese, или Полјаната Цепелин во Нирнберг, каде Хитлер сакаше да ја одржи својата победничка парада после Втората светска војна.
Тоа беше првото од многуте светски патувања кои имав предност да ги направам. Во 1963. мајка ми и јас бевме меѓу 583 делегати кои патуваа околу светот во рамките на конгресот ”Вечна добра вест“. Тоа патување нѐ одведе од Њујорк во Европа, потоа во Азија и на Пацифичките острови, и се заврши во Пасадена, Калифорнија. Во текот на тоа патување ги доживеавме возбудливите искуства опишани на почетокот. Подоцна патот нѐ одведе на конгресите во Јужна Америка, Јужниот Пацифик и Африка. Навистина, тие патувања го збогатија мојот живот, а тоа што имав прилика да свирам во конгресните оркестри на многу места, беше голем плус за мене како љубител на музиката.
Влегување во редовите на пионерите
Во 1955., по враќањето од Европа, ѝ се придружив на мајка ми во пионерската служба во текот на една година. По тоа Заедницата ме повика да соработувам со малото собрание во Апалачикола, во западна Флорида. Седум години со уште една сестра помагав во работата на тоа подрачје, така што собранието наскоро беше во можност да изгради Царска сала за да му излезе во пресрет на напредокот на делото. Напредокот продолжи, па недолго потоа беше оформено уште едно собрание во пристаништето Сент Џо. Поминав 11 години соработувајќи со три собранија во западниот дел на Флорида.
Еднаш патувачкиот надгледник ме замоли да најдам место за одржување на покраинскиот состанок. Обезбедив користење на угледниот Сентениел Билдинг во Порт Сент Џо за само 10 долари. Меѓутоа, исто така ни беше потребен ресторан, па мислевме за таа цел да го користиме училиштето. Сепак, дознав дека училишниот управник се противи на тоа и дека морам да се соочам со училишниот одбор. На тој состанок дојде и градоначалникот, бидејќи тој сакаше ние да го користиме училиштето како ресторан. Кога праша за причините поради кои тоа не ни се дозволува, претседателот на училишниот одбор рече дека не постојат примери за користење на училишната зграда од страна на некоја религиозна група. Градоначалникот се сврте кон мене барајќи одговор. Кај себе имав бројни писмени потврди кои говореа дека веќе имаме користено училишни објекти за наши состаноци, а покрај тоа му укажав на Дела на апостолите 19:9, каде стои дека апостол Павле проповедал во школската предавална. Тоа успеа. Одборот се согласи со градоначалникот дека можеме да го користиме ресторанот со надоместок од 36 долари.
Кога имав само 13 години и кога се крстив, се молев: ”О Боже, дај ми да доведам во вистината барем едно лице.“ Таа молитва до сега беше исполнета многу, многу пати додека бев благословувана во помагањето на голем број луѓе да заземат цврст став за Јехова и неговото Царство. Меѓутоа, секогаш одново токму кога некое лице ќе беше подготвено за предание и крштение, јас бев доделувана во некое друго собрание. Сѐ уште имав предност да сеам и полевам, така што многу од тие лица се покажаа како доживотни пријатели. Учеството во толку продуктивното дело навистина донесе многу причини да бидам благодарна.
Помош од јавноста
Иако јавноста во многу места секогаш неповолно известува за активноста на Јеховините сведоци, среќна сум што можам да кажам дека јавноста во Де Ланд, Флорида, кадешто сега служам, ми помогна во сведочењето. На пример, кога од едно конгресно патување мајка ми и јас испративме опширни извештаи до локалниот весник, тие беа спремни да ги објават заедно со сликите. Извештаите беа во вид на патеписи, но секогаш успевавме да ја искористиме таа прилика за давање сведоштво за Јеховиното име и Царство.
Слично беше и со моето сведочење на улица. Имав свој агол кадешто седев на платнен стол, а на другиот ја држев литературата. Еднаш на половина страница во локалниот весник се појави статија под наслов: ”Деланѓанката Лоти им помага на родителите со сведочењето.“ Неодамна, во 1987., уште еден весник објави статија на половина страница со голема слика во боја и наслов: ”Лоти Хол има свој агол обележен за Христос.“ Следната година уште еден весник на насловната страница објави моја слика со забелешките: ”Таа е секогаш таму“ и ”Седејќи на платнениот стол, неуморната учителка ја користи својата положба на аголот од улицата за проповедничкото дело на Јеховините сведоци.“ Понатаму, локалната телевизиска станица четири пати го прикажуваше моето сведочење. Продолжив во ограничена мерка да учествувам во сите видови на Царската служба: во проповедањето од куќа до куќа, повторните посети и домашните библиски студии. Сепак, поради поодминатите години и физичките слабости, поголемиот дел од времето сега го поминувам во работа на улица.
Кога ќе погледнам наназад, морам да признам дека имам многу причини за благодарност. Покрај благословите кои се заеднички за сиот Јеховин народ, како учителка имав предност да влијаам на многу млади; ја почувствував радоста од присуствувањето на бројни конгреси ширум светот; имав плодна пионерска служба; а исто така бев благословена и во врска со музиката. Понатаму, бев во можност да сведочам преку јавноста. Навистина, можам да речам како и псалмистот Давид: ”Ќе го славам името Божје во песна, и ќе го возвишувам со благодарност.“ (Псалми 69:30).