Последниот суд
”КОГА ќе умреш само твојата душа ќе биде мачена; за неа тоа ќе биде пекол: но на судниот ден телото ќе се соедини со душата, и тогаш ќе имаш двократен пекол, зашто твојата душа ќе се поти во капки крв, и телото ќе биде прекриено со агонија.“
ВАКА К. Х. Сперџон, еден свештеник од 19. век, го опишал гледиштето на свештенството за судниот ден и за маките на проколнатите. Слично застрашувачко уверување имал и италијанскиот сликар Микеланџело, како што е видливо од неговата слика ”Последниот суд“ (еден детаљ од неа е прикажан горе) која се наоѓа на ѕидот на Сикстинската капела во Рим. The New Encyclopædia Britannica за таа слика вели: ”На судот Христос повеќе е громогласен бог отколку спасител на христијаните, повеќе заинтересиран да го проколне човечкиот род отколку да ги дочека благословените на небото.“
Наука на христијанството
Во текот на минатите векови, судниот ден и пеколниот оган биле омилени теми на проповеди. Од своите проповедалници, проповедниците како К. Х. Сперџон, на бобмастичен начин изложувале сликовити описи на страшните маки кои ги очекуваат грешниците. Во денешно време, ретко може да се чуе такво проповедање. Но, пеколниот оган и последниот суд сѐ уште се службени науки на многу цркви.
Повеќето религии на христијанството главно се согласуваат со римокатоличкото учење дека Божјиот суд доаѓа во два стадиума. Најпрво, тука е ”посебниот суд“. Кога човек ќе умре, на неговата наводно бесмртна душа веднаш ѝ се суди и се предава во вечност на пеколот или на небото.a Потоа следува последниот или сеопшт суд, на крајот на времето кога телата на мртвите воскреснуваат и се соединуваат со своите бесмртни души.
На тој суден ден, душите кои се на небото таму и остануваат, и повторно се соединуваат со телата кои се претворени во нераспадливи. Оние кои се мачат во пеколот таму и остануваат, каде нивните души исто така се соединуваат со воскреснатите, нераспадливи тела. Според некои, тоа е причина нивните страдања да станат уште посилни. Оние кои сѐ уште се живи како луѓе на Земјата, не умираат. На нив им се суди додека се уште живи и со ”телото и душата“ одат право на небото или во пеколот.
Можноста за поднесување на неописливи маки во пеколниот оган ја направиле целата тема за последниот суд од раката на Исус Христос нешто за кое е страшно дури и да се размислува. Со оглед на сето ова, зарем не би бил изненаден да дознаеш дека, Божјиот суд, всушност често е причина за радост и дека Судниот ден ќе биде едно од најсреќните раздобја во целата човечка историја? Како е можно тоа?
[Фуснота]
a Римокатолиците исто така веруваат во трета можност: привремена казна во чистилиштето пред конечното влегување на небото.
[Извор на слика на страница 3]
Random/Sipa Icono