Задржување на христијанска беспрекорност во завојуваната Либерија
Раскажал еден очевидец
„КОГА се борат слоновите, и тревата страда.“ Колку добро оваа западноафриканска пословица го опишува она што се случуваше во текот на неодамнешната војна во Либерија! Околу 20 000 луѓе ги изгубија животите, а половина од населението на земјата кое брои 2,6 милиони, беа протерани. Повеќето од оние кои страдаа не беа војници; тие беа „тревата“ — безопасни мажи, жени и деца.
Кога избувна војната во декември 1989, околу 2 000 Јеховини сведоци во Либерија се радуваа на постојаниот броен пораст и гледаа кон иднината со доверба. За жал, тие беа дел од ‚тревата која страдаше‘.
Ширење на војната
Војната почна долж границата меѓу Либерија и Брегот на Слоновата Коска, и набргу бегалците почнаа да бегаат во главниот град Монровија, град со над половина милион жители. Од март па до мај 1990, како што војната одеше кон југ, мисионерите на Јеховините сведоци најпрво беа евакуирани од Ганта, а потоа и од Банга. Тие беа помеѓу последните од жителите кои ги напуштија овие градови. Војната достигна кулминација кога на 2 јули 1990 вооружените сили влегоа во Монровија.
Никој не беше подготвен за ужасите кои следеа. Три одвоени војски се бореа до крај на улиците со тешка артилерија, ракети и ракетни проектили. Оние кои не беа убиени затоа што се членови на омрзнатото племе, беа подложени на постојано напаѓање и претреси. Една августовска ноќ над 600 мажи, жени и деца кои бараа засолниште во лутеранската црква на Св. Петар, беа егзекутирани од една казнена експедиција од воени лудаци.
Стотици побегнаа од борбите само со облеката што ја имаа на себе. Многу семејства беа раздвоени и со месеци после тоа не можеа да се соединат. Поради празните куќи што беа населени од војници и бегалци кои ги беа напуштиле другите делови на градот, се чинеше како целото население на Монровија да побегнало. Над половина од населението на Монровија беше раселено. Повеќето од нив изгубија сѐ што имаа и најмалку еден од поширокото семејство беше убиен. Некои изгубија и повеќе.
Ситуацијата достигна таква критична точка што пет други западноафрикански земји испратија војници да се обидат да го воспостават мир. Кон крајот на октомври 1990, повеќето од борбите замреа. Но тогаш сеништето на гладот го покри уништениот град како мртовечки покров. Агенциите за помош известија дека во еден период скоро една третина од децата на Монровија под пет години биле неисхранети и дека преку сто луѓе умирале секој ден. Ништо полесни не беа работите со воените профитери; многумина крадеа ориз наменет за помош во услови на глад, а потоа го продаваа за 20 и повеќе долари од чинија. Се појавија дури и болести, особено колера, затоа што градскиот водовод, канализацијата и електричната мрежа беа потполно уништени.
Отприлика илјада Јеховини сведоци кои живееја во Монровија, исто така ужасно страдаа. Повеќето побегнаа од градот и заминаа во внатрешноста на земјата, додека други со брод заминаа за Гана и Нигерија или со воз за Брегот на Слоновата Коска или Сиера Леоне. Од јули до декември 1990, преку 30 Сведоци ги загубија животите. Некои беа убиени од топовскиот оган, додека други умреа од последиците на болест и глад. Алан Бати и Артур Лоусон, американски мисионерски апсолвенти од Школата за оспособување на слуги, очигледно беа меѓу убиените. Ох, колкава утеха е библиската надеж во воскресение за оние од нас кои изгубија роднини или пријатели во тие страшни времиња! (Дела на св. апостоли 24:15).
Христијанското братство на дело
Кога се разбесне војната, многумина протерани Сведоци побегнаа да побараат засолниште во подружницата на Јеховините сведоци и во мисионерскиот дом на другата страна од градот. Некои бараа заштита бидејќи беа членови на племињата коишто војниците на тоа подрачје ги убиваа. Повеќето од нив добија задачи во подружницата и беа од непроценлива корист во помагањето околу готвењето и чистењето, а штом ситуацијата надвор дозволуваше, други беа одредувани до блиските мочуришта да набавуваат зелје кое се јаде.
Луѓето спиеја насекаде, во мисионерските спални, во ходниците, во експедитот и во канцелариите. Копавме и одржувавме полски клозети. Жените беа одредувани да служат како медицински сестри, и тие успешно се грижеа за многу заболени од маларија и грозница. Дијарејата беше чест проблем.
Подготвивме посебни куќни постапки, вклучувајќи обука за случај на бомбардирање. Така, кога противничките сили ќе отвореа тежок артилериски оган, бевме обучени брзо да дојдеме до заштитените делови од подружницата. Иако нашиот ѕид, висок три метри, донекаде претставуваше заштита, тоа не беше доволно да ги задржи отскочните куршуми. Нашиот покрив наскоро заличи на „соларник“ поради многуте дупки што ги претрпе!
Многумина ги ризикуваа своите животи да ги заштитат своите браќа во верата од оние кои сакаа да ги убијат затоа што припаѓаа на омрзнатото племе. Еден ден во подружницата дојде една расплакана христијанка со своите деца, од кои едното беше бебе од две недели. Нејзиниот маж и малолетниот син штотуку биле убиени пред нејзините очи. Една друга сестра успеала да ги сокрие неа и децата кога убијците се вратиле по нив.
Во подружницата пристигна и едно семејство со една некрстена објавителка која ги заштитила да не бидат убиени од луѓето од нејзиното племе. Потоа, кога ситуацијата се променила и некрстената објавителка се нашла во опасност, ова семејство ја заштитило неа од луѓето од нивното племе.
Честопати мисионерите на портата од подружницата зборуваа со вооружените луѓе и се обидуваа да ги задржат да не ги претресуваат или пљачкосуваат просториите. Еднаш се втурна една разлутена група, држејќи нѐ на нишан, и тврдеше дека криеме членови од поедини племиња. Беа изненадени кога видоа колку спокојно се однесуваат месните Сведоци, кои седеа мирно и го следеа христијанскиот состанок што се одржуваше. Ја претресоа куќата, но не го најдоа она што го бараа. Секогаш успевавме да ги увериме неканетите гости дека не криеме војници или некакви нивни непријатели. Како христијани ние бевме неутрални.
Еднаш за време на една тешка борба, во подружницата пристигна група Сведоци носејќи еден брат кој имаше рак во последен стадиум. За жал, наскоро потоа тој умре. Ископавме гроб во дворот, и колку сочувствителен погребен говор беше тоа! Тој брат беше еден од нашите најдобри месни старешини, со долги години верна служба. Околу стотина протерани лица се собраа во рецепцијата на погребниот говор кој се одржа иако надвор одекнуваа пукотници.
Снабдување со храна и вода
Залихите со храна беа многу ограничени. Уште пред почетокот на војната, трговците го запреа увозот на храна. Така, во градот остана многу малку храна. Нашата залиха со храна во подружницата ќе потраеше повеќе месеци за нашата фамилија од 12 члена, но понекогаш имавме и до 200 луѓе кои живееја со нас, вклучувајќи и соседи кои не беа Сведоци, а беа во очајна потреба од помош. Секој беше ограничен на еден мал оброк дневно; со вакви ограничувања преживеавме неколку месеци. Секој беше гладен. Бебињата беа кожа и коски, и висеа млитаво во рацете на родителите.
Наскоро нашите залихи со храна се истрошија. Каде би можеле да најдеме уште? Во Монровија не работеше ниту една продавница. Каде и да погледнеш, изгладнети луѓе кои скитаа по улиците и бараат храна. Луѓето јадеа сешто — вклучувајќи кучиња, мачки и глувци. Двајца мисионери од подружницата одлучија да се обидат да одат во Каката, град оддалечен околу 40 километри, кадешто борбите беа престанале.
Тие залепија списанија Стражарска кула и ознаки на прозорците од автомобилот за да се идентификуваат како Јеховини сведоци. Откако поминале низ повеќе контролни пунктови, ги сопрел и ги испрашувал еден висок, крупен човек со гранати што му виселе на градите и со пиштол во појасот. Тие се претставиле како Јеховини сведоци и му рекле дека сакаат да одат во Каката по храна.
„Следете ме“, рекол тој. „Јас сум воен заповедник овде.“ Ги одвел во својата канцеларија. Откако дознал дека заштитуваат протерани луѓе, им наредил на своите луѓе за нашата подружница да дадат 20 вреќи ориз, секоја од по 45 килограми! Исто така им била издадена дозвола да одат во Каката, а еден вооружен стражар бил одреден да ги спроведе безбедно низ останатите контролни пунктови.
Во Каката го нашле нашиот христијански брат Абрахам кој имаше продавница. Тој наредил кутии со храна за нас, вклучувајќи млеко во прав, шеќер, конзервиран зеленчук и други потребни работи. Навистина беше прекрасно да се види начинот на кој нашите браќа беа згрижени на своето патување. Јехова сигурно беше задоволен со тоа што ја делевме нашата храна со пријателите и соседите, бидејќи нашите залихи сега беа повторно наполнети (Соломонови изреки 11:25).
На другата страна од Монровија мисионерите во мисионерскиот дом исто така се грижеа за протерани, па и тие добиваа помош од неочекувани извори. На пример, еден мисионер добил три вреќи ориз од некој војник кој се сеќавал на него кога братот служел на подрачјето кадешто живеел војникот пред околу 16 години. Еден друг мисионер добил четири вреќи ориз после личниот разговор со водачот на една од завојуваните фракции.
Во еден момент се чинеше дека ќе мораме да ја евакуираме подружницата поради оскудица на вода. Нашиот бунар едно време беше единствениот извор на питка вода за многумина во општината. Меѓутоа, залихата со гориво за електричниот генератор што беше планирана за нашата пумпа, почна да се исцрпува. Еден човек доби заштита во подружницата во првите денови од борбите; кога слушна за нашиот проблем, ни набави гориво од ценење за она што го сторивме за него, и така нашата залиха со вода никогаш не престана.
Одржување на духовната цврстина
Кога и последниот од нас мисионерите беше натеран да ја напушти Либерија во октомври 1990, првото прашање во нашите мисли беше: Како ќе излезат на крај нашите браќа и сестри? Од извештајот што го добивме оттогаш па наваму, се гледа дека останале вработени во службата.
Пред војната, најголемиот број на часови во служба на проповедање по објавител изнесуваше околу 17 часа месечно. Сепак, за време на војната, и покрај постојаната потреба да се бара храна по грмушките, Сведоците од некои собранија во просек имаа 20 часа по објавител! А освен тоа, поради оскудица на списанија Стражарска кула, многу наши сестри рачно ги препишуваа студиските статии за да има доволно копии за студијата во недела.
Четирите најблиски собранија до Монровија беа преполни со Сведоци кои беа побегнале од борбите во градот. Овие пријатели изгубија сѐ што имаа, затоа што не можеа да се вратат во своите домови за да соберат што и да било. Всушност, некои од нив со месеци беа одвоени од своите деца и родителите така што беа на спротивни страни од борбените линии! На Спомен-свеченоста за Исусовата смрт, на 30 март, во четирите собранија вкупно беа присутни 1 473 лица.
Околу 300 или повеќе Сведоци кои останаа во Монровија, вложија посебни напори за помошна пионерска служба во текот на месецот на Спомен-свеченоста, иако само неколку месеци пред тоа физички беа толку слаби од глад, што едвај одеа. Тие многу се трудеа да ги поканат луѓето на Спомен-свеченоста, а беа присутни 1 116.
Еден христијански старешина објасни: „Одлучивме во почетокот на декември 1990 да почнеме повторно да се собираме во Царската сала. На нашиот прв состанок беа 17 души. Подоцна бројот порасна на 40, и некое време бевме по четириесетина. Тогаш, на 24 февруари нашиот број порасна на 65, а една седмица потоа на 85. Исто така, скоро сите во собранието се одзваа на повикот за помошна пионерска служба во март.“
Грижа за останатите
„Нашите црквени браќа за време на војната беа зафатени со меѓусебно убивање [од противничките племиња]“, забележа еден човек кој не беше Сведок, инаку роднина на еден наш брат, „и никогаш немаа време за своите соверници.“ Но колку поинаква беше ситуацијата со Јеховиниот народ!
На пример, претседателот на соседната екипа за помош го напиша следното до нашите месни браќа кои се грижеа за подружницата во февруари 1991: „Ова писмо нека биде знак на благодарност и ценење за вас и вашата институција заради просториите за складирање што и понатаму ни ги пружате за време на распределбата на храна на нашите луѓе. Вашиот хуман гест ја покажува вашата спремност како Друштво да придонесете за мир и добра волја во земјата. Ве молам, продолжете со вашата извонредна служба“.
Јеховините сведоци од другите земји брзо одговорија на потребите на своите либериски браќа. Помош пристигна од земјите како што се Сиера Леоне и Брегот на Слоновата Коска од Западна Африка, од Холандија и Италија од Европа, и од САД.
Едно девојче, чија мајка беше погубена поради тоа што беше припадник на едно омрзнато племе, ја изрази својата благодарност за помошта што ја доби. Тоа напиша: „Многу сум ви благодарна за сите работи што ми ги испративте. Ми помогнавте да се чувствувам исто како да е мајка ми покрај мене. Неа и моето братче ги изгубив во војната. Сакам Јехова да ве благослови сите вас. Имам 11 години“.
Исто така од благодарност за помошта што ја доби, еден брат со шестчлено семејство и чија жена морала со месеци да се крие поради својата племенска припадност, напиша: ‚За разлика од нашите соседи, ние не провалувавме во домовите на луѓето за да го крадеме и продаваме нивниот имот, па сепак, имаме за јадење секој ден бидејќи знаеме како да го употребиме мудро она малку што го имаме. Тоа го научивме од Јехова.‘
Исто така многу впечатлив беше духот на еден брат кој побегна за Брегот на Слоновата Коска со својата жена и двете деца. Зад себе остави убава куќа која подоцна беше изгорена до темел. Сепак, тој рече дека она што најмногу го болело не била куќата, туку што ја изгубил својата теократска библиотека!
Вредни лекции за поука
Кога ќе погледнам наназад, можам да изразам ценење што Јехова нѐ научи со многу вредни лекции. Бидејќи лично познавам многумина кои ја задржаа својата беспрекорност и преживеаја, како и некои кои ја зачуваа својата беспрекорност и умреа, научив да ја ценам важноста на тоа да се има душевниот став на апостолот Павле, кој напишал: ‚И ако живееме, живееме за Јехова, и ако умреме, умираме за Јехова. Затоа, и ако живееме, и ако умираме, му припаѓаме на Јехова‘ (Римјаните 14:8, NW).
Еден друг долгогодишен мисионер напиша: „Од сето ова научивме дека Јехова е Помошник каков што му нема рамен (Псалми 30:10, ДК). Токму како што рекол Павле: „Во себе ја сметавме за сигурна смртната пресуда, (но тоа беше) за да немаме доверба сами во себе, туку во Бог кој ги воскреснува мртвите“ (2. Коринћанима 1:9, Ст). Тој додаде: „Нам, Јеховините сведоци, војната многу јасно ни покажа дека навистина сме братство, облечено во самопожртвуваната љубов што ја истакнал Исус“ (Јован 13:35).
Едно писмо од една либериска сестра до некои од нас мисионерите кои моравме да ја напуштиме земјата за време на борбите во октомври 1990, добро ја илустрира цврстината на нашето христијанско братство. „Се молам сите вие наскоро да се вратите во Либерија и да можеме да одржиме конгрес“, напиша таа. „Ах, едвај чекам да дојде тој ден. Самата помисла на тоа ме прави среќна“.
Да, би било прекрасно во Либерија да се види потполно обновена вообичаената рутина на христијанската активност. Нашата сестра е во право; првиот конгрес во Монровија после враќањето на мисионерите и другите бегалци ќе биде вистинска радост. Во тоа нема сомнение.
[Карта на страница 27]
(Види во публикацијата)
ЛИБЕРИЈА
Монровија
Каката
Банга
Ганта
СИЕРА ЛЕОНЕ
ГВИНЕЈА
БРЕГОТ НА СЛОНОВАТА КОСКА
Атлантски Океан
[Слика на страница 28]
Деца на протераните Сведоци во подружницата за време на војната
[Слика на страница 31]
Либериски бегалци сортираат облека подарена од Сведоци од Брегот на Слоновата Коска