„Неговата љубезна доброљубивост се покажа моќна“
РАСКАЖАЛ ХОЗЕ ВЕРГАРА ОРОСКО
Веруваш ли дека твојот живот би можел да биде исполнет со нов елан на 70-годишна возраст? Така се случи со мојот. А тоа беше пред повеќе од 35 години.
Со Јеховина љубезна доброљубивост, од 1962 служев како општ пионер, а од 1972 бев надгледник во собранието на Јеховини сведоци Ел Каризал во државата Халиско, Мексико. Да ви раскажам нешто за моето минато.
РОДЕН СУМ во државата Мичоакан (Мексико) на 18 август 1886. Татко ми беше масон, па затоа нашето семејство не одеше во католичката црква, ниту учествувавме во каква и да е католичка прослава, ниту пак имавме некакви религиозни ликови во куќата.
Кога имав 16 години татко ми замина на работа во САД, но се договори со еден човек да ме подучува занает. Меѓутоа, две години подоцна, човекот ме одведе во Мексико Сити на обука за воена академија. После тоа се посветив на кариерата во мексиканската армија.
Во армијата и по неа
Се борев во Мексиканската револуција која почна во 1910. Сите ние младите на академијата го обезбедувавме Франциско I Мадеро, кој беше револуционерен противник на диктаторството на Порфирио Диаз. Го поддржувавме Мадеро сѐ до неговата смрт во 1913, а после тоа, го обезбедувавме Венустиано Каранца, кој беше претседател на Републиката од 1915 до 1920. Бевме наречени каранцисти.
Во четири различни прилики се обидував да побегнам од армијата, но без успех. Најпосле дезертирав и станав бегалец. Како последица на тоа, татко ми, кој се беше вратил во Мексико, беше затворен. Еден ден, преправајќи се дека сум негов внук, го посетив во затворот. Комунициравме пишувајќи на мали ливчиња за да стражарите не би можеле да нѐ чујат. А за да не откријат кој сум, ги голтав ливчињата.
Откако го ослободија татко ми од затвор, тој ме посети и побара да им се предадам на властите. Тоа и го сторив, и на мое изненадување, одговорниот генерал не ме уапси. Наместо тоа, предложи да се преселам во САД. Го послушав овој предлог и таму живеев од 1916 до 1926.
Во 1923 се оженив за една Мексиканка која исто така живееше во САД. Изучив занает за градежништво, и посвоивме едно мало девојче. Кога тоа имаше 17 години, се вративме во Мексико и се населивме во Халпа, Табаско. Тогаш започна „Востанието на Кристеро“, и траеше од 1926 до 1929.
Кристеросите бараа да им се придружам. Меѓутоа, моето семејство и јас избравме да побегнеме во државата Агваскалиентес. Откако живеевме на различни места во Мексиканската Република, во 1956 се сместивме во Матамарос, Тамаулипас, кадешто почнав да надгледувам градежни работи.
Мојот живот се менува
Тогаш почна да се менува мојот живот. Ќерка ми, која тогаш беше мажена и живееше преку границата во Браунсвил (Тексас, САД), честопати доаѓаше во посета. Еден ден рече: „Тато, многу семејства се собират во синдикалната сала токму сега. Да појдеме и да видиме за што се работи“. Тоа беше конгрес на Јеховините сведоци. Ќерка ми, зетот, внукот, сопругата и јас присуствувавме сите четири дена на конгресот.
Од таа година па наваму, ние ги посетуваме христијанските состаноци на Јеховините сведоци. Јас напредував духовно во Мексико, а мојата ќерка во САД. Наскоро почнав да им кажувам на своите колеги за библиските вистини што ги учев. Добивав десет списанија од секое издание на Стражарска кула и Разбудете се!, и ги делев меѓу своите колеги. Петмина од управата, тројца инженери, како и некои од останатите работници станаа Сведоци.
Ах, колку беше студен тој 19 декември 1959 кога се крстив во реката! Сите кои се крстија тој ден се разболеа од многу студената вода. Ќерка ми се крсти пред мене, а мојата сопруга, иако никогаш не се крсти, ја запозна библиската вистина и беше добар соработник.
Полновремена служба
Чувствував дека му должам благодарност на Бог заради сета негова љубезна доброљубивост, па во февруари 1962, кога имав 75 години, започнав со полновремената служба како пионер. Неколку години подоцна, во 1968, умре мојата сопруга. Сакав да служам во друга земја, но поради мојата старост, браќата мислеа дека тоа не е препорачливо. Сепак, во 1970 бев поставен како пионер во Колотлан, во државата Халиско, кадешто имаше мало собрание.
Во септември 1972, покраинскиот надгледник предложи да се преселам во малото гратче Ел Каризал, во близината на Колотлан. Во ноември таа година таму беше основано собрание, а јас бев наименуван за старешина. Иако тоа е многу изолиран град, на состаноците присуствуваа до 31 лице.
И покрај мојата старост, сѐ уште сум активен во службата, и се напрегам да им помогнам на луѓето да размислуваат за своите верувања. На пример, во бројничката молитва искрените католици ја повторуваат Аве Марија: „Аве Марија, полна со милост; Господ е со тебе“. Понатаму во молитвата се вели: „Света Маријо, Мајко Божја“. Јас ги прашувам: „Како е можно такво нешто? Ако е Бог оној кој ја спасува Марија, како може Тој во исто време да биде и нејзин син?“
Имам 105 години и околу 20 години служев како старешина и општ пионер во Ел Каризал, Халиско. Чувствувам дека беше Јеховина волја што сум живеел овие долги години, зашто на овој начин можам да го надоместам времето што го изгубив кога не му служев Нему.
Една работа што научив е дека секогаш треба да имаме доверба дека нашиот Врховен Судија нѐ набљудува од својот праведен престол и нѐ обезбедува со она што ни е потребно. Како што потврдува Псалм 117:2 (NW): „Неговата љубезна доброљубивост спрема нас се покажа моќна“.