Собирање на „пожелните работи“ во Полска
ЗА ПОЛСКА се вели дека е католичка земја. Според службените статистики, 93 отсто од населението ѝ припаѓаат на Католичката црква. Меѓутоа, неодамнешните политички и социјални промени што се случија таму, имаа значително влијание на луѓето и нивниот религиозен живот. Испитувањата покажуваат дека само околу 50 отсто од анкетираните се сметаат себеси за активни католици.
Во мај 1989, Јеховините сведоци беа законски признаени како религиозна организација во Полска. Оттогаш во нивните редови се приклучија околу 11.000 нови, како објавители на добрата вест за Царството. Сега преку 106.000 објавители на Царството се здружени во над 1.300 собранија, а на Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт присуствуваа 200.422 лица. Така, во Полска се одвива прореченото собирање на ‚пожелните работи од сите нации‘ (Агеј 2:7, NW). Неодамна во Полска се одржаа меѓународни конгреси на Јеховините сведоци за кои пишуваше во весниците. Но еден поглед на некои помали гратчиња во земјата особено ќе ни покаже како напредува делото на собирање во таа земја.
Пионерите го отвораат патот
Штум е гратче со околу 10.000 жители, сместено близу местото кадешто реката Висла се влева во Балтичкото Море. Што се однесува до делото на проповедање, овој град долго време беше сметан за тврдо подрачје. Во 1987, во околината имаше само осум објавители. Меѓутоа, кога дојдоа пионерите, т.е. полновремените проповедници на Царството, работите почнаа да се менуваат. На петтиот состанок се одржа во една кино–сала, присуствуваа 100 заинтересирани луѓе! По две години марлив труд, се формира собрание. Сега 90 објавители имаат своја Царска сала, а 150 лица редовно ги посетуваат состаноците.
Како што и се очекуваше, наскоро дојде до противење од Католичката црква. Една калуѓерка-„специјалистка“ држеше клеветнички проповеди против Сведоците, обвинувајќи ги дека учат лажни науки. Но, како што честопати се случувало, тоа ѝ се врати како бумеранг. Нејзините проповеди само ги натераа луѓето да ги испитаат фактите. Многумина од нив ја научија вистината и сега се општи пионери! Тие велат: ‚Додека ја учевме вистината, мислевме дека секој што сака да стане Сведок, мора да биде како и неговиот учител, односно да стане пионер‘. Така, пионерскиот дух го проникна целото собрание.
Како резултат на тоа, во околината се водеа околу 180 библиски студии. Со помош на книгата Ти можеш засекогаш да живееш во Рајот на Земјата, некои научија дури и да читаат. Во исто време, ја научија и вистината. Со една група месни затвореници се водеа редовни десетминутни библиски студии кога излегуваа да ги чистат улиците. Кога една жена почна да ја навредува жената Јеховин сведок, еден од нив почна да ја брани. Тој отрча до сестрата, ѝ ја зеде од раце книгата Живеј засекогаш, ја подигна и ја праша жената што ја навредуваше: „Знаете ли да читате? Што пишува овде? Ти можеш засекогаш да живееш во Рајот на Земјата. Сте слушнале некогаш такво нешто? Жено драга, па зошто го навредувате Бог и неговите обожаватели?“
Целиот град зборува за тоа
Крушвица, некогашниот легендарен полски главен град, е католичка тврдина. Дури во средината на 1990, меѓу неговите 9.300 жители имаше само неколкумина Сведоци. Но Јехова богато ги благослови напорите на објавителите на Царството.
Забележувајќи го лицемерието на своите духовни водачи, сѐ повеќе и повеќе луѓе — особено млади — се свртуваа кон Сведоците по одговори. За кусо време беа започнати 20 библиски студии. Парохискиот свештеник одржа неколку злобни проповеди против Јеховините сведоци, но тоа не ги обесхрабри искрените луѓе да присуствуваат на нивните состаноци. Сведоците станаа главна тема на разговор во продавниците и парковите, па дури и во црквата. По половина година беа формирани две групи за студирање. Денес Крушвица има многу активно собрание со околу 35 Јеховини обожаватели. Тие водат 75 библиски студии и ревносно ги донесуваат „пожелните работи“ кои некогаш биле заробени од лажната религија.
Меѓу нив бил и 23-годишниот Богдан, член на оддадено католичко семејство. Тој се сеќава: „Се опивав, пушев и водев неморален живот. Бев познат како панкер и анархист, и се чинеше дека никому не му е гајле за мене. Но, штом почнав да ја проучувам Библијата, мајка ми се закануваше дека ќе се отруе. Не можев да го издржам притисокот, па ги прекинав сите контакти со Сведоците. Подоцна, со љубезна помош од специјалните пионери, успеав да се ослободам од сите лоши навики. Кога се крстив во 1991 на конгресот ‚Љубители на слободата‘, ја избрав полновремената служба како моја животна цел и оттогаш сум во помошна пионерска служба“.
Дваесетиедно-годишниот Славомир бил вовлечен во спиритизам и сатанизам, кои ги отфрлил откако видел дека Библијата ги осудува таквите обичаи. „Но Сатана беше упорен“, вели тој. „Една ноќ грамофонот почна сам да свири, и слушнав сатанска музика, иако од куќата бев отстранил сѐ што беше поврзано со обожавањето на Ѓаволот. Се молев на Јехова и тој ми помогна повторно да здобијам духовна рамнотежа. Психијатарот, кај кого одев на инсистирање на моите родители, ги увиде радикалните подобрувања во моето однесување и заклучи дека сум здрав. Во мојот картон напиша: ‚Го излечиле Јеховините сведоци‘.“
Одолевање на световниот дух
Југоисточно од Крушвица е Срода Слонска. И во ова мало гратче со 9.000 жители се појавуваат „пожелните работи“. Со години таму живееше само една наша духовна сестра. Меѓутоа, бројот на објавители на Царството сега се искачи на 47. Мнозина од Сведоците некогаш биле фатени во стапицата на спиритизмот, оддаденоста на дрога и неморал. Тие мислат дека тоа воглавно се должело на духовниот вакуум којшто постоел во црквата која е способна само духовно да ги зароби луѓето, а не да им помогне. Сведоците им нудат на луѓето вистинско ослободување.
Младите во собранието го направиле училиштето свое лично подрачје за проповедање. „Моите школски другари честопати ми велат: ‚Си ја упропастуваш младоста‘“, известува 18-годишната Касија. „Но, избегнав многу проблеми, а мојот живот доби значење. Водам неколку библиски студии во училиштето, а не ги занемарувам ни моите домашни задачи ни личното проучување. Девојчињата кои велат дека ‚си ја упропастувам младоста‘ веќе се мајки кои се борат со тешки проблеми“.
Публикациите на Watch Tower станаа мошне популарни во месните училишта. На пример, еден наставник по полски јазик им рекол на своите ученици да го следат јасниот јазик од нашето списание Разбудете се! како пример за пишување состави. Помошната пионерка Ева ја смета брошурата Училиштето и Јеховините сведоци за многу корисна. „Навистина ја ценам оваа публикација. Моите наставици добро се запознаени со неа. Никогаш не сум имала проблеми да добијам дозвола за отсуствување од часовите за да присуствувам на поголеми конгреси.“ Таквиот добар став од страна на младите го радува Јеховиното срце (Изреки 27:11, NW).
Закоравени криминалци се менуваат
На исток од Срода Слонска е Шељце Ополские, кадешто има два затвора. Едниот е строг затвор за непоправливи криминалци. Сведоците редовно ги посетуваат овие две казнени институции за да им ја донесат вистината на затворениците, од кои мнозина се исто така заробеници на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија (Откровение 18:1-5).
Сведоците ја проучуваат Библијата со поединци и со мали групи од затвореници, од кои некои се крстија. Иако мораат да ги отслужат своите казни, тие активно им ја проповедаат добрата вест на другите затвореници. Еден затвореник кој се подготвувал за крштение, направил такви значајни промени, што затворските власти му дозволиле да оди дома на една седмица. Други им пишувале на своите семејства изразувајќи ја својата одлучност да го напуштат затворот не како криминалци, туку како Јеховини сведоци.
Управникот на еден од затворите се жалеше дека католичките свештеници доаѓале, но не постигнале ништо. Ги прашал Сведоците: „Што е тоа што ве оспособило да ги менувате и рехабилитирате овие луѓе?“ Писмото на еден затвореник до неговото семејство го дава одговорот: „Овде во затворот Јеховините сведоци ми кажаа за Божјето прекрасно ветување во врска со новата влада, Јеховиното Царство, кое наскоро ќе владее над целата Земја. Овде имав време преку Библијата да го анализирам мојот претходен начин на живот. Откако извлеков горчливи заклучоци, ме обзеде желбата да станам слободен човек и да се најдам себеси како поданик на Божјето Царство. Денес сум крстен Сведок на Јехова“.
Во другиот затвор мнозина отслужуваат 25-годишни казни заради убиство. Со 12-мина мажи се води редовна библиска студија. Еден од нив му го предаде својот живот на Јехова и се крсти, а други планираат да ги направат тие чекори. Ценејќи ги добрите резултати од образовните методи што ги користат Јеховините сведоци, затворскиот управник рече: „Јас немам само 12 затвореници. Ги имам 600. Ве молам, помогнете ми да ги рехабилитираме. Ќе ви дадам сѐ што ви треба, само ве молам подгответе програма. Погрижете се за нив!“
Браќата го сторија токму тоа. Понудија библиска програма која се бави со смислата на животот, надежта за иднината и важноста да се прекине со лошите навики. Исто така му раскажаа искуства со еден поранешен затвореник кој станал еден од Јеховините сведоци и со текот на времето бил наименуван за собраниски старешина. Сведоците исто така изнесоа врвни точки од животните приказни на еден крадец на дијаманти и еден злоупотребувач на дрога кој ја запознал вистината.a На дваесеттемина присутни затвореници програмата им беше многу интересна и мнозина поставуваа многу прашања, а некои други замолија за библиски студии.
Верата и истрајноста на испит
Лубачов е мало гратче со 12.000 жители, близу границата со Украина. Делото на евангелизирање таму доби поттик во 1988 кога се доселија пионери за да им помогнат на месните 12 објавители. Сега има 72 активни објавители на Царството, а Спомен-свеченоста во 1991 ја набљудуваа 150 лица во новоизградената Царска сала.
Во јуни 1991 папата Јован Павле II го посети Лубачов. Но тоа ништо не помогна за да ја зајакне искрената вера кај луѓето. Многу од нив се измачувани од сомненија и прашања за смислата на животот и надежта за иднината. Кога не можат да добијат задоволувачки одговори од свештениците, тие се обраќаат кај Јеховините сведоци. Иако луѓето отпрвин можеби имаат грижа на совеста заради тоа што ѝ свртуваат грб на својата религија, библиската вистина што ја учат им помага да видат дека ја донеле исправната одлука.
Типично е искуството на Хонората, сега општа пионерка. Пред околу една година при исповедувањето го прашала свештеникот како гласи Божјето име. „Бог е љубов — тоа е неговото најубаво име“, одговорил свештеникот. По еден момент таа додала: „Вие сте како ведро со кристално чиста вода во која некој капнал мастило. Последиците се неповратни“. Така го добила одговорот. „Тогаш решив да станам Јеховин сведок“, вели Хонората. „Тоа исто така е неповратно.“
Скоро секој што ја научил вистината во Лубачов, морал да поднесе силно, дури и фанатичко противење. Но тоа не ги спречило да ја прифатат библиската вистина и да заземат свој став за Јехова.
Елжбиета раскажува: „Отпрвин ме тепаа дома. Потоа моето семејство влета во Царската сала. . . . Ме одведоа дома и почнаа да ‚истеруваат правда‘ со едно глуждовито дрво. Ме тепаа и клоцаа од главата до петиците само заради тоа што се дружев со Сведоците. Ме тепаа толку силно што ми беше потребна итна медицинска нега и бев однесена в болница. Јехова ми помогна и јас оздравев. Моето семејство ме отфрли. Кога му го споменав тоа на свештеникот, тој ме омаловажи и рече: ‚Зарем си дошла да се жалиш само заради неколку шлаканици?‘“
Една друга сестра се сеќава: „Секоја година одев во Ченстохова на коленици по Крсниот Пат, што го сметав како обврска за секој искрен католик. Сѐ уште имам лузни на колената“. На 18 години ја научила вистината и му рекла на свештеникот и на своето семејство дека нема да се врати во црквата. Ја тепале силно — „толку силно, што имав потрес на мозокот“, раскажува таа. „Но во болницата доволно заздравев за да присуствувам на Обласниот конгрес ‚Љубители на слободата‘. Плачев од радост кога го видов вистинското единство и љубов меѓу луѓе без фанатизам — нешта кои никогаш не сум ги видела во Ченстохова. Колку сум среќна што ја искусив Јеховината доброта и што научив да имам доверба во него“. Јехова ги зајакнува и поткрепува оние кои ги ставаат своите бремиња на него (Псалми 55:22, NW).
Многу заробеници на Големиот Вавилон во оваа католичка земја сега го слушаат повикот да ‚излезат од неа‘, како што го прават тоа насекаде. Ако е Јеховина волја, неговите бестрашни луѓе ќе продолжат да собираат уште од ‚пожелните работи‘ кои се раштркани низ Полска. Секако, уште многумина ќе одговорат на повикот: „,Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 18:4; 22:17).
[Фуснота]
a Види Разбудете се! од 8. јули 1984, стр. 16-20, и од 8. април 1988, стр. 11-13.
[Карта на страница 24]
(Види во публикацијата)
ПОЛСКА
Штум
Крушвица
Познањ
Варшава
Срода Слонска
Ченстохова
Шељце Ополские
Лубачов
[Слика на страница 26]
Проповедање на пораката за Царството во Крушвица, Полска