„Обрнете се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас“
СЕМЕЈСТВОТО уживаше во пријатниот излет во шумата. При тоа Петар, најмалото дете, залута бркајќи по удолнината една верверичка. Наеднаш, небото се исполни со облаци и почна да врне. Отпрво тоа беше ситен дождец, но постепено стануваше пороен дожд. Семејството набрзина ги собра своите работи и се стрча кон возилото. И сите се прашуваа каде е Петар.
Во меѓувреме, Петар се обидуваше да се врати кај семејството. Беше тешко да гледа пред себе, а патеката по угорнината беше лизгава од дождот. Неочекувано, земјата како да исчезна под неговите нозе и тој пропадна во длабока, скриена јама. Се обиде да се искачи, но страните беа премногу лизгави.
Дождовната вода се слеваше низ брегот и ја исполни јамата со кал. Петар беше во вистинска опасност од давење. Но тогаш татко му го најде и го извлече со јаже. Подоцна, неколкупати го прекорија Петар поради тоа што заталка. Сепак, завиткан во ќебиња во прегратката на мајка си, му беше многу лесно да го прими прекорувањето.
Ова искуство добро го илустрира она што им се случува на некои кои обично се дружеле со Божјиот народ. Тие паднале во длабоката јама на овој систем на ствари и очајнички се обидуваат да се извлечат и да се вратат во закрилата на Јеховината организација. Колку е пријатно да се знае дека Јехова е милосрден и спремен да ‚спушти јаже‘ и да им помогне да се вратат на безбедно!
Јеховините милосрдни постапки
Порано, во времето на Израелците, при завршувањето на изградбата на храмот, Соломон принел молитва на предание во која го молел Јехова да ги слуша преколнувањата упатени кон храмот. Тогаш тој рекол: „Кога ќе згрешат [Израелците] пред Тебе, — зашто нема човек што да не греши, — и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, . . . и кога . . . ќе дојдат на себеси и се обрнат кон Тебе и Ти се помолат во земјата на оние, што ги плениле, . . . чуј ја од небото, од местото на Твоето живеалиште, молитвата и молбата нивна“ (3.[1.] Царства 8:46-49).
Соломоновото барање било исполнето во многу прилики во текот на историјата на Израел. Секогаш одново, Божјиот народ скршнувал и го напуштал. Потоа ја сфаќале својата погрешка и се враќале, барајќи го. А Јехова им простувал (5. Мојсеева 4:31; Исаија 44:21, 22; 2. Коринтјаните 1:3; Јаков 5:11). Преку Малахија, Јехова сумирал илјада години на постапување со Својот народ кога рекол: „Уште од деновите на вашите татковци отстапивте од наредбите Мои и не ги запазивте; обрнете се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас“ (Малахија 3:7).
Причини за спрепнување
Како и кај Израелците, еден број од Божјиот народ денес скршнуваат и се одвојуваат од Јеховината организација. Зошто? Некои одат по нешто што од почеток изгледа невино, слично на Петровото бркање на верверичката. Тоа е она што се случило со Ада. Таа раскажува: „Ние колегите имавме обичај за време на пладневната пауза заедно да одиме на ручек во некој од блиските ресторани. Затоа кога ме поканија да одам на кафе на крајот од работниот ден, не беше тешко да прифатам. Сметав дека не го користам времето кое би требало да се користи за состаноци или за проповедање. Не сфаќав дека ова може да значи пропуштање да се следи начелото од 1. Коринтјаните 15:33.
„Накоро, во неделите одев со нив на јавање. Потоа одевме в кино и во театар, што ме наведе да испуштам некои од состаноците. На крајот, не одев ниту на еден состанок, ниту учествував во делото на проповедање. Кога сфатив што се случува, повеќе не бев поврзана со организацијата.“
Во други случаи, причината може да биде сериозен скриен грев кој придонесува лицето да се чувствува недостојно да му служи на Бог (Псалми 31[32]:3-5). Или, некој може да се спрепне од нешто што го рекле или го направиле христијанските пријатели, не сфаќајќи, како што рекол Соломон, дека „нема човек што да не греши“ (3.[1.] Царства 8:46; Јаков 3:2).
Други пак, се обесхрабруваат кога ќе добијат укор (Евреите 12:7, 11). Привлечностите на материјалистичкиот начин на живот навеле многумина да престанат да му служат на Бог. Често, во потрагата по световни успеси, толку многу се потопуваат во световната работа што во нивните животи не останува место за Божјата служба (Матеј 13:4-9; 1. Тимотеј 6:9, 10). Дали ситуацијата на таквите е безнадежна?
Ќе одговориш ли на Јеховиниот повик?
Во една прилика Исус рекол нешто што било тешко да се разбере, па некои се спрепнале. Извештајот вели: „Мнозина од Неговите ученици се повлекоа и не одеа веќе со Него“. Но сите не се спрепнале. Библискиот запис продолжува: „Им рече Исус на дванаесетте: ‚Да не сакате и вие да си отидете?‘ А Симон Петар Му одговори: ‚Господи, при кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен‘“ (Јован 6:66-68). Исусовите апостоли мудро забележале дека би било катастрофално ако го напуштат Исус.
Некои кои отпаѓаат, на крајот доаѓаат до сличен заклучок. Сфаќаат дека напуштањето на Божјата организација бил катастрофален чекор кој го направиле и дека само кај Јехова и Христос ќе ги најдат зборовите кои водат до живот. Штом ќе дојдат до таков заклучок, треба исто така да сфатат дека никогаш не е предоцна за повторно да размислат, да го молат Јехова за простување и да се вратат кај него. Самиот Јехова бил тој кој го упатил повикот: „Обрнете се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас“ (Малахија 3:7).
Навистина, каде можат искрените христијани да најдат среќа ако не во служењето на Јехова? Ако некој се оддели, откако некое време бил дел од Божјата организација, што го чека во светот надвор? Брзо ќе сфати дека сега е дел од светот кој станува сѐ повеќе насилен. Ќе се најде себеси вовлечен во систем на ствари кој е полн со лицемерство, лаги, измама и неморал, свет така опасен и неугоден како калливата дупка која го загрозила животот на малиот Петар. Кога ќе се освести и ќе сфати дека вечниот живот е во опасност, не треба да губи време за да побара помош да се отплетка од ситуацијата. Сепак, враќањето можеби нема да биде лесно.
Дали си еден од оние кои се обиделе да се вратат кај Јехова, но откриле дека е тешко? Тогаш знај дека ти треба помош. И верувај дека твоите браќа и сестри во Божјата организација се спремни да ти пружат помош. Но ти мораш да направиш напори да му ја покажеш на Јехова твојата желба. Тоа е време ‚да се освестиш‘ и ‚вистински да се вратиш кај Јехова‘ (1. Царевите 8:47, NW).
Добиле помош да се вратат
Ада објаснува што ѝ помогнало да се врати кај Јехова: „Токму во право време, сестрата која ја водеше студијата со мене ме покани да присуствувам на обласниот конгрес со неа. Таа беше толку мила! Освен тоа, не ме прекоруваше! Покажа толку многу љубов. Помина една година откако последен пат посетив состанок, но длабоко размислував за празнотијата на светот и за фактот дека зад сјајот постои само жалост, разочарување и неморал. Затоа одлучив да присуствувам на конгресот. Кога стигнав во театарот каде што се одржуваше, отидов во последниот ред седишта и се скрив во еден темен агол. Не сакав браќата да ме видат и да ме прашуваат.“
„Меѓутоа, програмата ми даде совет кој ми беше повеќе од потребен. Кога заврши, бев решена не само да се вратам во Јеховиниот народ туку и да му се предадам со цело срце. Браќата ме примија со раширени раце и ‚изгубениот‘ се врати“ (Лука 15:11-24). Сето тоа се случи пред подолго време, а Ада сега е во полновремената служба повеќе од 25 години.
Случајот на друго лице кое заталкало има сличен среќен исход. Некои старешини му дале на Хозе совет кој повеќе го одразувал нивното размислување отколку библиските начела. Обесхрабрен и налутен, Хозе на крајот паднал во неактивност. Осум години бил одвоен од Божјиот народ, а за тоа време се оженил со жена неверник и станал татко на деца од кои за едното дозволил да биде крстено во католичката црква.
На крајот му помогнал покраински надгледник кога направил пастирска посета кај него и ги охрабрил старешините да го сторат истото. Се вратил и бил среќен кога видел како неговата жена се интересира за вистината. Хозе сега служи како старешина во собранието. Како што покажуваат овие две искуства, Јехова не ги лишува од благослови оние кои одговараат на неговиот љубезен повик да се вратат.
Сепак, за да ужива такви благослови, поединецот мора прво да ја цени понудената помош и да се одгласи на неа. Во повеќето собранија браќата се сеќаваат на оние кои станале неактивни и ги посетуваат одвреме навреме, обидувајќи се да им помогнат. Одгласувањето на таквата помош покажува ценење за Јеховината милост (Јаков 5:19, 20).
Всушност, сега е време да се одговори на Јеховиниот повик: „Обрнете се кон Мене“ (Малахија 3:7; Исаија 1:18). Не чекај повеќе. Светските настани се движат со забележителна брзина. Најдоброто место кадешто може да се биде во текот на бурните времиња кои претстојат е во Јеховината организација, безбедно под негова заштита. Само оние кои се засолнуваат кај Јехова имаат цврста надеж дека ќе бидат скриени од неговиот гнев во големиот ден на неговата јарост (Софонија 2:2, 3).
[Слика на страница 30]
Ќе се одгласиш ли на Јеховиниот повик: „Обрнете се кон Мене“?