Мисионерите на Микронезија
ИАКО се одделени со широки пространства на навидум бескрајниот Тихи Океан, мисионерите на Микронезија сѐ уште успеваат секоја година да се соберат за „повторно фамилијарно обединување“. А каде се состануваат сите овие евангелизатори од расеаните острови? Како што прилега, на местото на кое месните власти му дадоа име „улицата Јехова“, каде што е лоцирана гуамската подружница под која тие служат.
Во јуни 1992, 56 мисионери се најдоа во подружницата за да присуствуваат на Обласниот конгрес „Светлоносци“. Воздухот се исполни со смеа и ведри разговори додека ги обновуваа долгогодишните пријателства и развиваа нови. Како и секогаш, се наредија на скалите од Царската сала за групна фотографија, а потоа седнаа на три долги маси каде што беше поставен годишниот мисионерски ручек кој оваа година беше збогатен со посетата на Алберт Шредер, член на Водечкото тело.
За многумина од мисионерите, ова годишно собирање во Гуам е единствена прилика да ги напуштат своите мали тропски домови. А тие навистина се мали. Островот Иби, еден од Маршалските острови, има само 32 хектари. А мајурскиот мисионерски дом на Маршалските острови и кирибатскиот дом на Гилбертовите острови се сместени на долги, тесни атоли кои се широки помалку од 800 метри. Затоа, мисионерите на најдобар начин го користат своето возбудливо патување во Гуам.
Иако идејата за проповедање на далечен тропски остров звучи романтично, во стварноста тоа е предизвик со кој само малкумина можат да се соочат. Интересно е дека само 7 од 56-те мисионери се од Библиската школа Гилеад на Стражарска кула. Повеќето се дојдени од Хаваите или од Филипините каде што пионери кои веќе се навикнати да живеат во тропските појаси, и се преселиле од своите родни земји директно на нивните мисионерските доделби.
Бидејќи островите на Микронезија се сместени сосем близу до екваторот, мисионерите се борат со задушлива жештина и влага за да ги достигнат жителите со добрата вест. Но, комуникацијата може да биде уште поголем предизвик. Секој остров или група острови има свој јазик — некои толку непознати што дури не се ни забележани во некој речник — па ќе поминат години пред новодојдениот да почне да зборува течно. За да им помогне на луѓето од овие разнолични култури на островите да ја разберат вистината, гуамската подружница печати литература на 11 јазици, од кои 9 се зборуваат исклучиво во Микронезија.
Некои острови се толку изолирани што до нив може да се дојде само со брод. Толскиот мисионерски дом на Чук (Трук) е сместен на еден таков остров, а тамошните мисионери се зависни од соларните плочи за добивање на струја за само неколку часа дневно.
Сѐ заедно, ширум Микронезија има 14 мисионерски домови кои покриваат подрачје по големина приближно колку континенталниот дел на Соединетите Американски Држави. Од повеќе од 400.000 луѓе кои живеат во овој крај, 1.000 се објавители на добрата вест, организирани во 20 собранија и 3 изолирани групи.
Иако луѓето во Микронезија воглавно се мошне пријателски настроени, месните религиозни обичаи и семејните притисоци обесхрабруваат многумина да ја прифатат вистината за Божјето Царство. Затоа, иако делото на проповедање насекаде цвета (овие 1.000 објавители на Царството водат преку 2.000 библиски студии), некои собранија и групи остануваат мали. На пример, на островот Тиниан има само 5 објавители, на островот Науру само 7 објавители, а собранијата на Јап, Косрае и Рота имаат по нешто помалку од 40 објавители. И покрај тоа, некои мисионери на своите доделби останале преку 20 години. Вредно е да се забележи дека сите шест мисионери на островот Белау таму се најмалку 12 години.
За оние кои истрајуваат наградите се големи. Секојдневно постојат прилики човек да се чуди на убавините на Јеховиното творештво. Бујните острови на Микронезија се расфрлени како мали зелени скапоцени камења на сината подлога на Пацификот. Километарските празни плажи и коралните гребени што вријат од разнобојни риби ги привлекуваат ентузијастичките нуркачи во плитки и длабоки води да истражуваат некои од најубавите места за нуркање на светот. А на крајот на секој ден, тука е глетката на зајдисонцето над океанот која го одзема здивот.
Меѓутоа, најголемата награда е предноста да му служат на Јехова и да им кажуваат на другите за неговите чудесни ветувања за иднината. Поради тоа што мисионерите на Микронезија постојано посегаат по таа награда, ги исполнуваат зборовите од Исаија 42:12: „Нека Му воздадат слава на Господа, похвалата Негова нека ја возвестат на островите“.
[Карта/слика на страница 31]
(Види во публикацијата)
Баригада, Гуам
Санта Рита, Гуам
Корор, Белау
Чук (Трук)
Тарава, Кирибати
Косрае
Ебеје
Маршалски Острови
Мајуро
Колонија, Понпеи
Сонгсонг, Рота
Сајпан
Јап
МИКРОНЕЗИЈА
МЕЛАНЕЗИЈА
КАРОЛИНСКИ ОСТРОВИ
ТИХИ ОКЕАН
ФИЛИПИНИ
НОВА ГВИНЕЈА
ЕКВАТОР
[Слика]
Собир на мисионерите на Гуам, јуни 1992