„Пред планините“
„ТИ СИ наше живеалиште низ сите генерации. Пред планините да се родат или пред да ја родиш земјата и светот, од вечност до вечност ти си Бог“ (Псалм 90:1, 2, New International Version). Овие зборови биле упатени до нашиот Творец, и колку се утешни — особено денес кога ништо не изгледа стабилно!
Бидејќи се наоѓаат во една сѐ полоша економска ситуација, малкумина се чувствуваат сигурни во поглед на иднината. Алармантниот пораст на криминалот и злоупотребата на дрога придонеле некои градови да станат воени зони. Дури и таа прастара институција, семејството, е разнишана. Слушаме за такви новитети како што се хомосексуални семејства. Самохраните родители се сѐ побројни; еден родител кој честопати се соочува со големи стресови. Мирот во многу семејства е нарушен со такви грозотии, како што е тепањето од страна на едниот сопружник и злоупотребата на деца.
Кој ќе нѐ води низ овие тешки времиња? Па, не може да се рече дека недостасуваат совети од психолози, педагози и други, но многу од нив се противречни. За цела една генерација на Западот, д-р Бенџамин Спок беше најдобриот советник по прашањата за воспитување на деца. Но подоцна тој призна дека неговите совети биле погрешно сфатени!
Колку е помудро да го имаме Бог како наше „живеалиште“! Во овие немирни времиња, тој е карпа на стабилност која постои „од вечност до вечност“. Преку пророкот Малахија тој за себе рекол: „Јас, Јахве, не се менувам“ (Малахија 3:6, Стварност). Божјите мерила, како што се запишани во Библијата, се потполно доверливи. Тој постои „пред планините“, а неговиот совет којшто е достапен во Светото Писмо, се темели на неговата вечна мудрост. Таквиот совет е токму она што ни е потребно за среќа и успех.
Затоа е мудро да имаме доверба во Божјата Реч, Библијата. Проучувај ја за да извлечеш корист од Божјата мудрост. Имај доверба во она што го учиш и нека тоа биде светлина која ќе те води по патеката на животот (Псалми 118:105). Само оние кои постапуваат на тој начин имаат причина да бидат сигурни во иднината и да имаат вистински душевен мир.