ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 15/3 стр. 19-22
  • Зошто исходот на оној кој се жали не е среќен

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зошто исходот на оној кој се жали не е среќен
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Оправдани жалби
  • Како Бог гледа на оние кои се жалат
  • Да се совлада духот на жалење
  • Дали секое жалење е лошо?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • ‚Немојте да мрморите‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Зошто не треба постојано да се жалиме и да негодуваме?
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2021)
  • Благослови или проклетства — примери за нас денес
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 15/3 стр. 19-22

Зошто исходот на оној кој се жали не е среќен

ПО САМО неколку недели ликувањето се претворило во очај. Почетното славење на Израелците поради нивната новодобиена слобода од египетското ропство се изопачило во ситничарско мрморење заради храната. Во текот на вториот месец откако го напуштиле Египет, незадоволниот народ рекол дека повеќе го сака ропскиот отколку тешкиот живот во пустината. Во наредните месеци, овој дух на жалење ја ослабнал нивната решеност да го слушаат Јехова и го упропастил изгледот на таа генерација да влезе во Ветената земја (2. Мојсеева 16:1-3; 4. Мојсеева 14:26-30).

Се разбира, жалењето никогаш не ѝ било својствено само на една генерација или само на еден народ. Кој повремено не се жали на работата, храната, времето, децата, соседите или на животните трошоци? Се чини дека самата човечка несовршеност нѐ тера да се жалиме (Римјаните 5:12; Јаков 3:2).

Зошто толку радо се жалиме? Можеби се чувствуваме обесхрабрени, разочарани или болни. Жалењето може да биде издив за нашата фрустрираност или би можело да значи како на индиректен начин да велиме: „Јас подобро би ја завршил таа работа!“ Понекогаш жалењата се поттикнати поради судирот на личностите. Но, има и вистински жалби.

Сеедно која е главната причина, како што покажува претходниот пример на Израелците, ако потрае, жалењето може да биде разорно. Лицето би можело да почне хронично да се жали, па дури и да мрмори против начинот како Јехова ги води работите. Зошто е тоа толку опасно? И како треба оправданите жалби исправно да се решаваат?

Оправдани жалби

Ако некоја жалба не е сериозна, првото прашање што треба да си го поставиме е: Можам ли да преминам преку неа во љубов? Вистина, можеби имаме оправдана причина да се жалиме против некого, можеби дури и против некој соверник. Можеби постапувал нељубезно или неправедно спрема нас. Сепак, дали ако се жалиме пред другите заради некоректното постапување работите ќе се поправат? Како препорачува Библијата да реагираме? Во Колосјаните 3:13 стои: „Трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос [Јехова, NW] ви прости, така и вие направете!“ Дури и ако некоја поплака можеби е оправдана, Писмата препорачуваат да имаме став на простување наместо дух на жалење (Матеј 18:21, 22).

Што ако некоја работа е премногу сериозна за да ѝ се прогледа низ прсти? Можеби постои оправдана причина да се изрази поплака. Кога оправданиот „повик“ во врска со Содом и Гомора дошол до Јехова, тој презел чекори да ја реши срамната ситуација во тие расипани градови (1. Мојсеева 18:20, 21). Една друга поплака се појавила набргу по Пентакост 33. н. е. Кога им била разделувана храна на сиромашните вдовици, била покажана пристрасност кон жените кои зборувале еврејски. Се разбира, тоа предизвикало огорченост кај вдовиците кои зборувале грчки. Најпосле, поплаката стигнала до ушите на апостолите и тие брзо организирале екипа од одговорни мажи да го решат проблемот (Дела на св. апостоли 6:1-6).

На сличен начин, наименуваните христијански старешини денес не треба да одолговлечуваат да ги преземат неопходните чекори кога ќе им биде посочено внимание на сериозни работи. Во Соломонови изреки 21:13 стои: „Кој ги покрива ушите свои пред пискотот на сиромавиот за да не го слуша, и тој самиот ќе пишти, — и нема да го чујат“. Наместо да ги игнорираат оправданите поплаки, старешините треба да слушаат сочувствително. Од друга страна, секој од нас може да соработува така што за сериозните поплаки ќе ги известува старешините, а не да му ги рецитира на секој што сака да слуша.

Меѓутоа, повеќето од нас отворено би рекле дека има моменти кога човечката несовршеност нѐ тера да се жалиме без потреба. Ако одблизу го разгледаме однесувањето на Израелците во пустината, ќе видиме колку е опасно ако допуштиме повременото мрморење да прерасне во дух на жалење.

Како Бог гледа на оние кои се жалат

Мрморењето на Израелците околу резервите во храна открива две неразделиви опасности од жалењето. Прво, жалењето е заразно. Извештајот вели дека „почна да се буни целата заедница на синовите Израилеви против Мојсеја и против Арона“ (2. Мојсеева 16:2). Веројатно само неколкумина почнале да се жалат заради оскудицата од храна, а набргу и останатите им се придружиле.

Второ, оној кој се жали честопати го преувеличува проблемот. Во овој случај, Израелците тврделе дека би им било подобро во Египет каде што можеле да јадат леб и месо колку што сакале. Се жалеле дека биле доведени во пустината само за да умрат од глад (2. Мојсеева 16:3).

Дали ситуацијата на овие Израелци навистина била толку критична? Можеби нивните резерви во храна се намалувале, но Јехова го предвидел тој проблем и благовремено ја обезбедил маната за да ги задоволи нивните физички потреби. Нивните преувеличени поплаки покажале целосен недостиг на доверба во Бог. Додека биле во Египет, оправдано се жалеле на суровите услови (2. Мојсеева 2:23). Но кога Јехова ги ослободил од ропството, почнале да се жалат на храната. Тоа било неоправдано мрморење. „Вашиот повик не е против нас, туку против Бога [Јехова, NW]“ — предупредил Мојсеј (2. Мојсеева 16:8).

Овој дух на жалење кај Израелците се појавувал одново и одново. За една година и маната станала причина за жалење (4. Мојсеева 11:4-6). Набргу после тоа, лошиот извештај на десетте од 12-темина израелски шпиони предизвикал викотница поради наводните опасности кои постоеле во врска со освојувањето на Ветената земја. Луѓето отишле толку далеку што велеле: „О, да бевме умреле во Египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустиња!“ (4. Мојсеева 14:2). Колкав недостиг на ценење! Не е за изненадување што Јехова му рекол на Мојсеј: „До кога ќе Ме огорчува овој народ, и до кога нема да Ми верува?“ (4. Мојсеева 14:11). Овие неблагодарни жалители биле осудени да талкаат низ пустината 40 години, сѐ додека таа генерација не изумрела.

Апостолот Павле нѐ потсетува на овој пример. Тој ги предупредувал сохристијаните никогаш да не бидат како тие Израелци кои станале мрморковци, само за да изгинат во пустината (1. Коринтјаните 10:10, 11). Јасно е дека неоправданото мрморење и духот на жалење можат да ја поткопаат нашата вера и да доведат до незадоволство кај Јехова.

Сепак, Јехова е стрплив со своите слуги кои можеби повремено се жалат поради обесхрабрувачките околности. Кога Илија побегнал на планината Хорив поради прогонството од злобната царица Језавела, тој бил убеден дека на неговото дело како пророк му дошло крај. Погрешно заклучил дека бил единствениот обожавател на Јехова во земјата. За да ја зајакне верата на Илија, Бог прво му ја покажал Својата божествена моќ. На пророкот му било речено дека во Израел сѐ уште имало 7.000 верни Јеховини слуги и дека за него имало многу работа. Поради тоа, Илија заборавил на своите поплаки и тргнал напред со обновена сила (3. Книга царства 19:4, 10-12, 15-18). Додека христијанските старешини покажуваат разборитост, тие можат на сличен начин да им зборуваат утешно на верните и да им помогнат да ја увидат нивната улога во извршувањето на Божјата намера (1. Солунјаните 5:14).

Да се совлада духот на жалење

Како може да се совлада духот на жалење? Оние на кои им се изнесени докази за штетата што тутунот му ја нанесува на телото, имаат силен потстрек да престанат да пушат. Слично на тоа, штом ќе разбереме зошто духот на жалење е толку штетен, тоа може да нѐ мотивира да престанеме со секоја таква навика да се жалиме.

Какви се користите за оние кои ќе го совладаат духот на жалење? Една важна корист што ја имаат оние кои избегнуваат да се жалат е таа што можат работите да ги гледаат библиски и пообјективно. Жалителот ретко застанува за да размисли за проблемот од Јеховино гледиште. Израелците кои се жалеле заборавиле дека Јехова Бог ги ослободил од ропство и дека преку чудо им ги раздвоил водите на Црвеното Море. Негативно размислување ги заслепило пред Божјата моќ и им ја одзело радоста. Како последица на тоа, нивната доверба во Јехова исчезнала.

Освен тоа, човек кој може да направи објективна проценка на своите проблеми, увидува кога неговите сопствени грешки се коренот на неговите потешкотии. И многу е помала веројатноста дека ќе ја повтори истата грешка. Јеремија ги предупредил со-Израелците да не се жалат поради тешкотиите што ги доживувале по разурнувањето на Ерусалим. Нивното страдање било директен резултат на нивните сопствени гревови, а тоа било нешто кое требало да го разберат за да се покајат и да се вратат кај Јехова (Плач Јеремиин 3:39, 40). На сличен начин, ученикот Јуда ги осудил ‚безбожниците‘ кои го отфрлиле Јеховиното водство и кои имале навика хронично да ‚ја оплакуваат својата судбина во животот‘ (Јуда 3, 4, 16, NW).

Како што еднаш забележал мудриот цар Соломон: „Веселото срце е како лек благотворно, а паднатиот дух коски суши“ (Соломонови изреки 17:22). Духот на жалење нѐ суши емоционално и ни ја одзема радоста. Тој одразува песимизам, а не оптимизам. Но оние кои учат да размислуваат и да зборуваат за она „што е за пофалба“, имаат радосно срце кое може дури да ги направи да се чувствуваат подобро (Филипјаните 4:8).

Без сомнение, нашите животи ќе бидат побогати ако ги забележуваме доблестите кај луѓето, а не нивните мани. Ќе се чувствуваме подобро ако ги прифатиме тешките околности и останеме ведри наместо да мрмориме поради нашите неуспеси. Дури и искушенијата можат да бидат причина за радост ако ги сметаме за прилики кои можат да ни ја зајакнат верата и да ја зацврстат нашата истрајност (Јаков 1:2, 3).

Исто така е важно да запомниме дека кога мрмориме не си наштетуваме само на себеси. Ако постојано се жалиме, би можеле да ја поткопаме верата на другите. Лошиот извештај на десеттемина израелски шпиони предизвикал целиот народ да поверува дека Ветената земја е безнадежен потфат (4. Мојсеева 13:25–14:4). Во една друга прилика, Мојсеј станал толку потиштен поради непрестајното мрморење на народот што го замолил Јехова да му го одземе животот (4. Мојсеева 11:4, 13-15). Од друга страна, ако зборуваме за работите на изградувачки начин, ќе можеме да ја зајакнеме верата на другите и да придонесеме за нивната радост (Дела на св. апостоли 14:21, 22).

Иако може да доаѓаме во искушение да се жалиме од нашите колеги на работа, од пријателите, семејството или дури од собраниските старешини, Јехова сака неговиот народ да ‚има усрдна љубов еден кон друг‘ (NW). Таквата љубов нѐ тера да ги покриваме грешките на другите, а не да ги истакнуваме (1. Петрово 4:8). За среќа, Јехова си припомнува дека сме само прав и не гледа на нашите грешки (Псалми 102:13, 14; 129:3). Ако секој од нас се труди да го имитира неговиот пример, без сомнение, ќе се жалиме многу помалку.

Кога човештвото ќе биде обновено до совршенство, никој нема да има причина да се жали на својата ситуација во животот. Додека дојде тоа време, треба да го издржиме искушението да се жалиме од другите или од нашите искушувачки околности. За да покажеме дека имаме доверба во Јехова и дека навистина ги сакаме нашите соверници, да ‚правиме сѐ без ропот‘ (Филипјаните 2:14). Тоа ќе му биде по волја на Јехова, а нам ќе ни донесе огромна корист. Затоа, за нашето и за доброто на другите, да не забораваме дека исходот на оние кои се жалат не е среќен.

[Слика на страница 20]

Дури и кога Бог преку чудо обезбедил мана, таа станала причина за жалење

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели