Пронаоѓање на вистинско богатство во Хонгконг
ХОНГКОНГ е град каде за кратко време можеш да заработиш многу пари, ако сѐ ти оди како подмачкано. Во последниве 40 години, оваа британска колонија од едно заспано пристаниште прерасна во економска сила со огромна важност не само за најужниот дел на Азија туку и за целокупниот светски бизнис.
Ниските порезни стапки ги привлекуваат страните инвеститори и ѝ даваат поттик на продуктивната работна сила која се наоѓа меѓу шесте милиони жители на Хонгконг. Неговата положба исто така е поволна, па служи како порта помеѓу јужна Кина и азиско-пацифичкиот регион и пошироко. Со современиот транспорт, комуникациски системи и развиената мрежа за продажба на големо и мало, Хонгконг е спремен брзо да одговори на побарувањата на меѓународниот трговски свет.
Економскиот успех му пружа на Хонгконг еден од највисоките животни стандарди во светот. Сепак, дали сиот материјален напредок им донел задоволство и трајна среќа на неговите жители? Не, но некои барале и нашле далеку подобро богатство.
Тие пронашле вистинско богатство
Меѓу оние кои нашле бесценето духовно богатство е Алфред, роден Хонгконжанец. Имал успешна кариера како директор на еден меѓународен деловен конгломерат со централа во Британија. Како и многумина други во Хонгконг, негова цел во животот била да заработи многу пари, да има своја куќа, добро да се храни и да живее добар живот. Со неговата положба и заработувачка се чинело дека го постигнал сето тоа. Но, дали бил среќен? „Искуството ме научи дека парите навистина имаат и своја граница“, се жалел Алфред. Постојано бил загрижен за тоа колку долго би траела неговата заштеда доколку би ја загубил работата. Кога посветувал повеќе внимание на својата работа, почнувале да настануваат семејни проблеми. Неговата сопруга Емили била потресена кога нивниот син ненадејно умрел. „Сакав да знам каде е тој за да сторам нешто да му помогнам“, рекла таа. Бидејќи ништо не можела да стори, станала мошне депримирана.
Џастина рано го загубила својот татко. Но, со марливост стигнала до диплома на угледниот конгконшки универзитет. Тоа водело до работно место во владата. На кантонезиски тоа е познато како гам фан вун — чинија со златен ориз — сигурна и добро платена работа. Сепак, Џастина не била ниту среќна ниту задоволна. Честопати се прашувала која е целта на животот и што ќе се случи во иднината. Нејзиниот сопруг Франсис исто така сметал дека животот е бесцелен. Имал чувство дека е само забец во гигантска машина, никој и ништо, заробен во еден бескраен шаблон.
Тука спаѓа и Рики, деловен менаџер. Иако заработувал многу пари, почнал да ја забележува и другата страна на животот — жестока конкуренција меѓу соработниците и брачни проблеми. Парите не можеле да му помогнат да ги реши овие проблеми. За жена му Венди сигурност значело да имаш угледна кариера, многу пари и живот во политички стабилно друштво. Но колку долго би траел таквиот нејзин навидум сигурен живот? Тоа ја вознемирувало бидејќи реалноста на смртта ја принудила да размислува дека животот нема никаква смисла и цел.
Давид има свое искуство. Универзитетското образование што го имал му донело добра работа и економска сигурност, но не бил задоволен. Зошто? Бил поучуван за еволуцијата и филозофијата и верувал дека животот не е ништо повеќе отколку она што е сега. Давид сметал дека веќе ништо не можел да очекува и сето негово материјално богатство не го спречило да се чувствува беспомошно.
Иако овие поединци имале донекаде различно минато, едно нешто им било заедничко. Сите го постигнале она за што сметале дека би претставувало среќен и задоволен живот. Меѓутоа, кога ја достигнале точката кога сметале дека сништата ќе им бидат исполнети, нивните животи останале празни.
Да се богатиш во Бога
Ситуацијата со Алфред, Џастина и останатите кои беа споменати многу сличи на Исусовата споредба за богатиот човек. Тој ‚собирал добра за себе, а не се богател во Бога‘ (Лука 12:21). Меѓутоа, за среќа, тие навистина нашле нешто подобро — живот исполнет со вистинско богатство. Оние кои сакаат вистинска среќа и задоволство не смеат да се „надеваат на непостојаното богатство, туку на живиот Бог, Кој ни дава за наслада сѐ во изобилие“ (1. Тимотеј 6:17). Да, да се запознае вистинскиот Бог, Јехова, и да се има доверба во него го променило животот на секој од овие поединци. Да видиме како сето тоа се случило.
Алфред и Емили биле скршени кога син им ненадејно умрел, и сите нивни материјални работи не можеле да ја ублажат нивната болка. Оделе во црква, но сѐ уште се чувствувале празно и незадоволно. Тогаш, еден Јеховин сведок дошол на нивна врата и прашал: „Каква е човековата надеж за иднината?“ Алфред одговорил според она што го слушнал во црква, за рајот и пеколот. Меѓутоа, од Библијата му било покажано дека мртвите „ништо не знаат“ и дека оние кои се во Божјето сеќавање се во општиот гроб на човештвото и чекаат воскресение (Проповедник 9:5, 10; Јован 5:28, 29). Тоа на Алфред му звучело логично и разумно. Сега тој сфатил дека неговиот син не страда на некое место, туку спие со смртен сон и со надеж дека еднаш повторно ќе се сретне со своето семејство преку воскресение. Каква утеха и олеснување! Со текот на времето, Алфред и неговата сопруга прифатиле домашна библиска студија и почнале непоколебливо да го стекнуваат вистинското богатство кое Библијата го дава.
Џастина се отрезнила кога помеѓу нејзините соработници не успеала да најде спремен дух кога треба да им се помага на другите луѓе. Како одадена католичка, се разочарала кога забележала дека свештеникот пушел и одел на забава како и другите луѓе. Тогаш дошла во контакт со Јеховините сведоци и почнала да добива задоволувачки библиски одговори на многу прашања. Свештеникот не ѝ дал никакви одговори освен неговото лично мислење, а таа не ја отворила Библијата цели 16 години, иако била редовен посетител на црквата и десет години лаички поучувала.
Кога Сведоците почнале да ја студираат Библијата со Џастина и нејзиниот сопруг Франсис, тој многу се воодушевил од нивното светско единство на верата и делата. Франсис се уверил дека Бог е реален. На крајот на краиштата, само жив, вистински Бог би можел да има толкаво влијание врз една меѓународна група луѓе. Колку е среќна оваа венчана двојка што го пронашла вистинското богатство!
Рики и Венди знаеле дека треба да сторат нешто кога виделе дека постепено ќе бидат проголтани од сериозните домашни проблеми. Со оглед на тоа дека и двајцата во минатото биле во контакт со Јеховините сведоци, одвоено презеле иницијатива за повторно да ги најдат. Вложувајќи големи напори, Рики и Венди не само што пронашле практични решенија за своите проблеми туку и вистинско богатство во личниот однос со „среќниот Бог“ Јехова (1. Тимотеј 1:11, NW).
Давидовиот живот исто така се променил кога го посетиле Јеховините сведоци. Со намера да им ги изложи нивните погрешки, тој се сложил да го посетат повторно. Меѓутоа, со текот на времето прогледал бидејќи почнал да увидува дека Библијата е научно, историски и во сѐ друго точна. Сето ова му помогнало на Давид на Библијата да гледа како на книга на вистината која му дала вистинска цел во животот. Колку само среќна, збогатувачка промена било тоа за него.
Да им се помогне уште на многу други да пронајдат вистинско богатство
Во растечката популација на Хонгконг, Алфред, Емили, Џастина, Франсис и другите споменати овде се само неколкумина од оние кои го пронашле вистинското богатство на библиската вистина и вера во Јехова Бог. Во 1992, околу 2.600 Сведоци на Јехова заедно поминале скоро 900.000 саати, посетувајќи ги луѓето во Хонгконг и водејќи преку 3.800 домашни библиски студии со нив. Меѓутоа, темпото на живот во Хонгконг е брзо и луѓето се зафатени. Сепак, како додаток на службата од куќа до куќа, објавителите на Царството постигнуваат приличен успех и со сведочењето на улица. Тие исто така ги пронаоѓаат луѓето и на нивните работни места, посетувајќи ги службениците, продавачите, фармерите и луѓето кои ќе се вратат од рибарењето по Јужното кинеско море.
Навистина може да се рече дека во Хонгконг ‚жетвата е голема, а работници се малку‘ (Матеј 9:37). Во овој момент, односот на Сведоците спрема жителите е 1 на 2.300. Ценејќи ја итноста на делото на жетва, близу 600 од 2.600 објавители на Царството се пионери, односно полновремени проповедници на добрата вест. Јеховините сведоци во Хонгконг, како и останатите ширум светот, сфаќаат дека „благословот Господов — збогатува“ (Соломонови изреки 10:22). Затоа, тие напорно работат за да им помогнат на уште повеќе луѓе во тоа напредно општество да најдат вистинско богатство.
[Карта на страница 23]
(Види во публикацијата)
ЈУЖНО КИНЕСКО МОРЕ
КИНА
Хонгконг
Километри
Милји
15
15