Прашања од читателите
Бидејќи христијаните не ги употребуваат своите пари за коцкарски цели, дали можат да примат купони или да учествуваат во лотарии во кои можат да добијат награда?
Ова е прашање кое се појавуваше одвреме навреме, затоа веќе е разработено во нашите публикации. На некои јазици достапни се индекси за нашата литература како што е Watch Tower Publications Index 1930-1985 (и уште еден таков од 1986-1990). Ако христијанинот ги има овие индекси на својот јазик, тие можат многу да му помогнат во брзото пронаоѓање на задоволителни одговори.
Прашањето горе е еден таков пример. Ако погледнеме во Index-от од 1930-1985 под насловот „Прашања од читателите“ можеме да го најдеме поднасловот „,Лотарија‘, дали еден христијанин може да земе купон?“ Читателот е упатен на статијата „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15. февруари 1973, страница 127a. Многу Сведоци имаат повези на Стражарска кула (односно лични примероци), или можат да се обратат во библиотеките на многу Царски сали.
Статијата издадена 1973 истакна дека христијаните со право избегнуваат секакво обложување или лотарија која вклучува купување на лозови (како што се лотариски купони) или купување на лозови за добивање на некаква награда. Едноставно речено, ние избегнуваме коцкање кое секако е одраз на алчност (1. Коринтјаните 5:11; 6:10; Ефесјаните 4:19; 5:3, 5).
Меѓутоа, една стоковна куќа или продавница може да употребува лотарија за рекламна цел. Сѐ што би требало некој да стори е да го напише своето име или да испрати формулар или купон без да купи нешто. Лозот е дел од рекламната шема; замислена е како непристрасна метода при одлучувањето кому ќе му биде дадена наградата или наградите. Некои христијани можеби сметаат дека можат да ја земат наградата во лотарија која не вклучува коцкање исто како и кога би примиле бесплатен примерок или друг поклон кој продавницата или стоковната куќа ги употребуваат во својата рекламна програма.
Меѓутоа, некои христијани избегнуваат сѐ што е од ваков вид не сакајќи да ги спрепнуваат или доведуваат во забуна другите и исто така гледаат да се држат далеку од каква и да е измама да ѝ веруваат на т. н. Госпоѓа Среќа. Како што Исаија 65:11 покажува, Божјите слуги не се доведуваат себе си во врска со „богот на Среќата“ или „богот на Судбината“ (NW). Тие можеби исто така размислуваат и не сакаат да бидат дел од каков и да е публицитет во кој се бара да учествуваат победниците. Оние кои размислуваат на ваков начин секако не би требало да бидат критични кон христијанинот или христијаните чија совест им дозволува да бидат вклучени во таква лотарија. (Спореди Римјаните 14:1-4).
[Фуснота]
a Истиот материјал се наоѓа и под насловите „Реклами“, „Трговија“ и „Коцкање“, па така сестраноста на Index-от ти помага да ја пронајдеш информацијата.