Дали раните христијани го употребувале Божјето име?
БОЖЈЕТО име се појавува илјадници пати во Хебрејските списи каде е претставено со четири согласки יהוה (тетраграматонот ЈХВХ). Археолошките откритија покажуваат дека во Израел пред егзилот 607 пр.н. е., името било во општа употреба, а во постегзилните библиски книги на Ездра, Неемија, Даниел и Малахија се појавува често. Меѓутоа, постепено, како што се приближувало времето да се појави Месијата, Евреите одбивале од суеверни причини да го употребуваат името.
Дали учениците на Исус го употребувале Божјето име (кое транслитерирано на македонски гласи „Јехова“ или „Јахве“)? Доказите велат — да. Исус ги поучувал своите следбеници да му се молат на Бог: „Да се свети името Твое“ (Матеј 6:9). И при крајот од својата земска служба тој самиот се молел на својот небесен Татко: „Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот“ (Јован 17:6). Освен тоа, раните примероци на Септуагинта-та, грчкиот превод на Хебрејските списи кој го користеле Исусовите ученици, го содржеле Божјето име во облик на хебрејскиот тетраграматон.
Што е со Евангелијата и останатиот дел од Христијанските Грчки списи („Новиот Завет“)? Може да се заклучи дека со оглед на тоа што Божјето име се појавувало во Септуагинта-та, исто така треба да се појави и во најраните примероци на Христијанските Грчки списи — барем таму каде што е цитирана Септуагинта-та. Поради тоа, името Јехова се појавува преку 200 пати во Нов свет превод-от на Христијанските Грчки списи. Некои го критикуваа овој превод како неоправдан. Но, се чини дека за Нов свет превод-от постои поддршка од еден неверојатен извор: Вавилонскиот Талмуд.
Првиот дел од ова еврејско религиозно дело е насловено со Шабат (Сабат) и содржи голем број правила кои го одредуваат однесувањето на Сабатот. Во еден пасус се развива дискусија за тоа дали е исправно на Сабат да се зачуваат библиските списи од оган и притоа се јавува следниот цитат: „Цитирано е во текстот: ‚Празните делови [гил-јох-ним] и книгите на Минимите, да не ги спасуваме од оган‘. Рабин Јоз рекол: ‚Во работен ден секој мора да ги одреже Божествените имиња кои списите ги содржат, да ги сокрие, а остатокот да го изгори‘. Рабин Тарфон рекол: ‚Нека на мене дојде проклетсвото да го заколам својот син ако јас не ги изгорам списите заедно со нивните Божествени имиња ако ми паднат в раце‘“ (Превод од д-р Х. Фридман).
Кои биле ми-нимите? Зборот има значење „секташи“ и би можел да се однесува на Садукеите или на Самарјаните. Но, според д-р Фридман, во овој цитат тоа најверојатно се однесува на еврејските христијани. Што биле тогаш гил-јох-ним кое се преведува со „празни делови“ според д-р Фридман? Постојат две можни значења. Тоа би можеле да бидат празни рабови од свитоците или дури празни свитоци. Или — во иронична смисла на зборот — би можеле да бидат списите на ми-нимите, како што се велело дека овие списи биле толку безвредни како да се празни свитоци. Во речниците второво значење е предадено со „Евангелија“. Во склад со ова, реченицата која се појавува во Талмудот пред погоре цитираниот извадок, гласи: „Книгите на Минимите се како празни простори [гил-јох-ним]“.
Според ова, во книгата Who Was a Jew? (Кој бил Евреинот?) од Лоренс Х. Шифман, погоре цитираниот дел од Талмудот е преведен на следниов начин: „Ние не ги спасуваме од оган [на Сабат] Евангелијата и книгите на минимите (,еретиците‘). Напротив, тие се горат на нивното место, тие, и нивниот Тетраграмат. Рабин Јоз Ха-Гелили вели: ‚Во текот на неделата, секој би требало да ги отсече нивните Тетраграмати и да ги сокрие, а остатокот да го изгори‘. Рабин Тарфон рекол: ‚Нека ги заколам синовите свои! Ако [тие книги] ми паднат в раце, ќе ги изгорам заедно со нивниот Тетраграмат‘“. Д-р Шифман тврди дека на ова место миним се однесува на еврејските христијани.
Дали во овој дел од Талмудот навистина се зборува за раните еврејски христијани? Ако да, тогаш ова е силен доказ дека христијаните навистина го употребувале Божјето име, Тетраграматонот, во своите Евангелија и списи. И крајно е веројатно дека Талмудот на ова место навистина расправа за еврејските христијани. Постои научна поддршка за едно такво гледиште, а од контекстот на Талмудот произлегува натамошна поддршка. Делот кој следи по горниот цитат од Шабат-от раскажува за една сторија во која е вклучен Гамалиел и еден христијански судија и во која се алудира на делови од Проповедта на гората.
Подоцна, кога отпадничкото христијанство отстапило од едноставните учења на Исус, оние кои исповедале христијанство престанале да го употребуваат Божјето име, па дури било и отстрането од примероците на Септуагинта-та и од Евангелијата, како и од останатите библиски книги.
[Слика на страница 31]
Во Исусово време, Божјето име се појавувало во „Септуагинта“
[Извор на слика]
Israel Antiquities Authority